Фејсбук група

ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА МПА, 13.12.2008 год.

08:20ч. Се будам. Изборен ден. Се одржува Изборното собрание на МПА а непредвидено сум делегат од КПС „Македон“. Нерасположен, па и нешто нервозен. Не е ни чудо со оглед на сето она што претходеше.
На 26.09.2008 година е испратен допис до клубовите од МПА за барање мислење за воведување функција Генерален секретар и предлози за Претседател на МПА и Генерален секретар, врз основа на одлука на Претседателството на МПА од 24.09.2008. Во КПС „Македон“ не се ни помислуваше да се даде предлог за Претседател, се додека не беше пренесено дека г-дин Владо Трповски (Претседател на СКА) на проф. Угриновски му ја предложил г-ѓа Искренович Мила (претседател на КПС „Македон“) за Претседател на МПА.
Потоа на состанок на Извршниот одбор согласно коментарот на Слободан Јовановски-Боби дека ако веќе имаме можност треба да помогнеме и на планинарството воопшто во Македонија, беше одлучено клубот да ги кандидира г-ѓа Искренович за Претседател на МПА и г-дин Јовановски Иван за Генерален секретар. Известувањето до ФПСМ е доставено на 10.11.2008 год. два дена пред истекот на крајниот рок. Према информациите од канцеларијата на ФПСМ, до крајниот рок единствено КПС „Македон“ предложил кандидат за Претседател на МПА. И бидејќи немаше допис од МПА за продолжување на рокот, тоа значи дека единствен легален кандидат се до повлекувањето е г-ѓа Искренович, а кандидатурата на г-ѓа Ацева по завршувањето на крајниот рок е непостоечка, се јавува подоцна но заради поминатиот краен рок за пријавување кој не е продолжен, истата е нелегитимна.
Понатаму воопшто нема официјални информации што се случува и кога ќе се закаже Изборно собрание што нормално би требало да следи по поминувањето на крајниот рок за пријавување на кандидати. Се до 07.11.2008 година кога стигнува допис од ФПСМ:


До Сите планинарски клубови Членови на ФПСМ
Почитувани,
За успешно изведување на Изборното собрание на Македонската планинарска асоцијација (МПА) Ве молиме да во писмена форма доставите Ваши предлози за членови во претседателството на МПА најдоцна до 14.11 (Ноември) 2008 година.
Исто така Ве молиме да го дадете Вашето мислење за предложениот кандидат за претседател на МПА, г-ѓа Катица Ацева.
За предлогот на г-ѓа Ацева стои Претседателот и Претседателството на ФПСМ , Претседателството на МПА и Градски планинарски сојуз.
Во прилог ви доставуваме кратко CV на г-ѓа Ацева.



Со фактот дека г-ѓа Катица Ацева од 27-31 октомври била член на делегацијата на ФПСМ (во кое ли својство?) на состанокот на Балканските планинарски федерации веќе беше сосема јасна ситуацијата. Очигледно г-ѓа Искренович не била подобен кандидат и едноставно се барал друг. Отвореното фаворизирање само на еден од кандидатите, прејудицирањето на одлуката на Изборното собрание и неизвестувањето на клубовите за другиот кандидат, дефинитивно му даваат недемократски и нерегуларен карактер на изборниот процес.

Потоа на 03.12.2008 стигнуваат материјали (Покана, Деловник, Билтен, Финансов извештај, Календар 2009, Програма МПА 2009, Извештај за Планинско трчање) и се закажува Изборното собрание за 13.12.2008. Во нив повторно нема никаква информација за кандидатите за Претседател и членови на Претседателство на МПА, покрај недостаток и на други материјали. Се испраќа допис од КПС Македон:


ДО МПА - Скопје
Предмет: Материјали за Изборното собрание на МПА
Во врска со добиените материјали за Изборното собрание на МПА закажано за 13.12.2008 год. мислиме дека истите се некомплетни.
Ве молиме дополнително да ни бидат испратени следните материјали:
1. Список на сите кандидати предложени од нивните клубови (друштва), и тоа: за Претседател на МПА, за членови на Претседателството на МПА и за Извршен секретар на МПА, заедно со биографии (CV) за секој кандидат посебно (во Предлог-дневниот ред не се споменува избор на Генерален секретар, дали тоа значи дека мнозинството клубови-членки на МПА се изјасниле негативно за предложената промена на Статутот на МПА од страна на Претседателството на МПА на состанокот од 24.09.2008? Немаме добиено никакво известување за тоа.);
2. Подетален финансиски извештај за минатите 4 години;
3. Извештај за останатите активности на МПА во изминатите 4 години, покрај Планинското трчање;
4. Извештај за работата на Претседателството на МПА во изминатите 4 години.
5. Сумарен извештај за акциите од календарот на МПА во изминатите 4 години.
Овие материјали ни се неопходно потребни за да може да ги разгледаме на состанок на нашиот Извршен одбор во текот на идната недела и нашиот претставник да настапи на Извршното собрание со ставови усвоени на Извршен одбор на клубот, а не да биде ставен во ситуација да одлучува врз основа на лични ставови на самото собрание.
Заради многу краткото време што преостанува, дописов е испратен во електронска форма, дополнително ќе биде доставен и во писмена форма.
Верувајќи дека и другите клубови (друштва) членки на МПА ќе се сложат со нашето барање, освен до МПА односно адресата преку која ги добивме материјалите, дописов се испраќа и до сите е-маил адреси на кои се истите испратени.
Ве молиме дополнителните материјали да бидат испратени и на клубовите (друштвата) кои не користат комуникација преку е-маил.
Со почит,
Секретар на КПС „Македон“ – Скопје
Николов Богољуб
05.12.2008 год.



На овој допис молк. Никаков одговор. Следува друг допис:


ДО МПА - Скопје
Предмет: Изборно собрание на МПА
Во врска со барањето дополнителни материјали за Изборното собрание на МПА закажано за 13.12.2008 год. на адресата на клубот не стигнаа истите, ниту пак било каков одговор.
На состанокот на Извршниот одбор на КПС „Македон“ одржан на 10.12.2008 год. донесен е заклучок дека претставникот на клубот на Извршното собрание на МПА ќе се изјаснува како воздржан по сите точки за кои заради некомплетниот материјал не е во можност да се донесат одредени заклучоци.
Согласно со погоре наведеното, а и заради непринципиелното известување до клубовите (друштвата) само за еден од предложените кандидати, КПС „Македон“ ја повлекува кандидатурата на Искренович Мила за Претседател на МПА и на Јовановски Иван за Генерален секретар.
Во врска со календарот на акции за 2009-та година, КПС „Македон“, по успешната организација оваа година, ја предлага акцијата „Планинарска забава на Бегово поле“ за месец Јуни 2009-та година.
Со почит,
Секретар на КПС „Македон“ – Скопје
Николов Богољуб
11.12.2008 год.



Почеток на Изборното собрание. Се собираат полномошната но не се проверуваат членските книшки, ниту пак идентитетот на присутните делегати, дали имаат маркица за 2008-ма година и дали нивните имиња се на полномошната!? Бројката достигна 26 (од вкупно регистрирани 36 клубови) делегати.

Оди како на лента. Предлог-Дневниот ред воопшто не се става на изгласување. Претседателот на Работното претседателство изнесува предлози за членови на работните тела кои „му биле посочени“, не се прашува за други предлози, се гласа, се констатира усвојување. Само за Деловникот забелешки дека со него не е овозможено учество на собранието на клубовите кои не платиле членарина во ФПСМ за 2008 год. а се членки на МПА. Не се бројат прецизно гласовите. Јас не гласам ниту еднаш, ниту за ниту против ниту воздржан, како ли е запишано во записникот, едногласно? Како ли ќе изгледаат и гласањата за Претседател и членови на Претседателство?
За точката за извештаите се разгоре дискусија. По читањето на истите од страна на претходниот Претседател Филиповски Драган и Секретар Алексовски Синиша, меѓу другите, и членови на досегашното Претседателство на МПА изнесуваат критики за извештаите и работата на истото тоа Претседателство, изјавувајќи дека ниту еднаш не биле повикани на состанок за 4 години!? Никаков одговор на тоа од подносителите на извештаите.

Избор на Претседател на МПА. Како што е редот се чита биографијата на г-ѓа Ацева, и потоа таа зема збор. Никако да слушнам кој клуб ја предложил?! Бидејќи само клубовите можат да предлагаат кандидати, кој тогаш ја предложил? Ниту пак дали исполнува некои формални услови за кандидат, пр. Дали во моментот кога била предложена била осигурана за бавење со планинарство? Сите клубови според статутот на ФПСМ задолжително ги осигуруваат своите членови за соодветниот планинарски спорт со кој се бават.
Потоа Претседателот на работното претседателство, не читајќи го дописот од КПС „Македон“ од 11.12.2008, веднаш почнува за зборува за самото гласање очигледно немајќи намера да овозможи дискусија. Барам збор но ништо. Морам да бидам упорен и добивам збор. Го повторувам само дописот од 11.12.2008 год. како што и беше договорено на состанокот на Извршниот одбор на КПС „Македон“. Ме нервира ситуацијата и би морало да се каже многу повеќе и да се побараат објаснувања, но таков е договорот.
Следува гласање. За промена Претседателот на Верификационата комисија Алексовски Синиша ги брои гласовите: 18 За, нема Против, 1 Воздржан. Следува бисерот од него, делегатите што не гласаа воопшто ги претвора во гласови За. „Нема против и 1 е воздржан, тогаш, сите останати се За“. Инаку со 18 гласа За од 26 делегати (од вкупно 36 регистрирани клубови) никако не ми се сложува математиката со изјавата на Претседавачот на Собранието кога ја претставуваше г-ѓа Ацева, дека 30-тина клубови ја поддржале нејзината кандидатура, и тоа во ситуација кога нема алтернатива.

Следува Избор на членови на Претседателството, се дели листа на кандидатите за гласање но незаверена, без печат. На неа има 16 кандидати иако според Статутот на МПА бројот на кандидати треба да има најмалку 22, забелешки од Живко Темелковски. Значи и изборот на членови на Претседателство е нерегуларен. Се гласа, прегласува за уште двајца. Завршува Изборното собрание.

Не и го честитам изборот на г-ѓа Ацева, не заради „Кој губи има право да се лути“, туку лично никогаш не би се сложил да бидам избран на ваков начин. Во секој случај искрено и посакувам да направи ако не повеќе, барем да ги „вгради повторно циглите“, коишто со ова Изборно собрание паднаа од градбата наречена планинарство во Македонија.

На крај извинување од мене лично до делегатите на собранието заради тоа што немаа алтернатива, можеби ќе ја имаа ако не инсистирав на повлекување на кандидатурата, од причини што не смеевме да дозволиме да учествуваме со кандидат во вакво Изборно собрание. Интегритетот на Искренович Мила, едноставно мораше да се заштити. Можеби стои забелешката дека сепак не требаше да се повлече кандидатурата. Но не беше време. На клубот му е се уште многу потребна. А во изборниот процес се влезе набрзина и наивно, и додека се изготвуваше сценариото ние бевме само статисти. Човек учи додека е жив. Здравје, можеби еден ден кога ќе се зацврсти КПС „Македон“ како треба, ќе се направи повеќе на тој план.


Николов Богољуб
уредник на МКДмоунт

14.12.2008 год.

Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Еверест 2010

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ

На 09.11.2010 (вторник) се организира меѓународен натпревар во Спортска ориентација на локацијата Средно Водно - Марково крувче ...

Шарски води 2009

Убаво време и добро расположение. Па ни требаше ли уште нешто?! Уште на самиот старт ...

Водно 2009

Резултати од Првото коло на Лигата на Македонија во Ориентација одржано на 12.04.09 на Водно.

Алпинистичко училиште

Во првиот викенд од февруари започа со работа едногодишното алпинистичко училиште ...

Титов врв 2008

На 20 декември 2008 година се собравме во пл. дом „Смрека“, 15 планинари од Тетово, Скопје и Штип ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани