|
Колку време се занимаваш со планинарски спортови?
Па, доста долго, ако 12 год. се многу или ... !?
Се бавиш со повеќе планинарски спортови, дали некој повеќе ти одговара од другите, и зошто?
Да, се занимавам со повеќе планинарски спортови или спортови кои се главно врзани со престој на планина. Тоа сигурно не значи дека не сакам езеро, река, па и море!!!!
Како помлада сакав се да пробам и пробував се од т.н. Екстремни спортови како падобранство, параглајдерство, алпинизам, скијање, планинарење, планински велосипедизам, спелеологија и др. Може има и уште некој на кој сега не можам да се сетам.
Меѓутоа последниве неколку години најмногу сум посветена на планинарството или високогорско планинарење, одвреме навреме ме има и на карпа претежно на локалитетот Матка и нормално возење на мојот mountain bike.
Кога си била најсреќна на планина, а кога најисплашена?
Најсреќна на планина сум секогаш кога сум на планина или во природа. Секое искачување ме прави среќна и исполнета со многу позитивна енергија. Уживам во тишината, височината, боите, хоризонтот и сонцето. Чувството на беспрекорна слобода и вознес. Можам уште многу да набројувам зашто ја сакам и почитувам планината.
Но сепак не смее да се заборави и тоа дека планината исто така знае да биде непредвидлива, сурова и многу опасна, само доколку не се почитува и не се следи она што таа сака да ни го каже и покаже!
Да, најисплашена сум била за сега само еднаш и таа случка од тогаш се уште ми е во мошне свежо сеќавање, иако помина доста време. Мислам дека поминаа 5 год.
Громови! Многу страшна и опасна работа. Тоа беше на враќање од Титов врв, кога не фати многу силно невреме со пороен дожд и силни грмотевици. Всушност тоа не беа грмотевици, не знам што беше, ама знам дека беше многу страшно и при секој татнеж како небото и земјата да се тресеа, а јас во мисла со молба само здрава и жива да се вратам долу пред хотел. Мокра до гола кожа, смрзната, уморна и преплашена успеав да слезам од планина во едно парче!
Некоја поинтересна случка, анегдота?
Случки или интересни ситуации имало секогаш, тие се безмалку составен дел од планинарењето како и од животот впрочем.
Најтазе случка може да биде нешто што е поврзано со моето последно патешествие во Јужна Америка. Покрај непријатните случки на ова патување, имаше и нормално неколку пријатни ситуации који остануваат во сеќавање исто толку како и непријатните!
Случка што би ја крстила Once for the life time! Или не знам колку пати би ми се повторила е Јужна Америка самата по себе, Андите кои ми беа повеќегодишна желба и скоро еднодневната дружбата со Начо (мула), Ариел (сопственик на мулата) и јас.
Е, тоа ми беше неповторлива авантура за која буквално немам зборови да ја опишам. Пејсаж кој буквално те голта, малите брзи кафени рекички кои подоцна се претвораа во разбеснети и разбуктани планински реки, и кондорите кои надлетуваа над нашите глави. Не знам зошто но се чувствував како да сум на каубојски филм :) или така сакав да си замислам.
Многу ми беше возбудливо и несекојденевно. Ариел мојот водич нормално англиски ништо, јас шпански по нешто. Имав јас спремено Шпанско – Македонски со изговор ама книгичето беше таму негде со ранецот, и се уште не можеме да го лоцираме!?
Јавајќи така јас на Начо рамо до рамо со Ариел, во филм како родена на коњ или мула соживеана со улогата, пристигнавме до брзата река, онаа која ја спомнав погоре.
И еве ситуација, треба де се прејде од другата страна на реката, ама единствениот начин преку река е качена на грбот на Начо. Страшно, си помислив. Дојдов на планина за да се удавам во река, смешно.
Пробав да се убедам со Ариел дека идејата и не му е многу добра. Убедувањето траеше колку што траеше, ама на крај видов невидов, немајќи друг избор зошто тој беше најсоодветен, го прифатив.
Дали планинарството односно високогорското планинарство е индивидуален или тимски спорт? Како се гледаш себеси во тој поглед?
Отсекогаш сум верувала и понатаму ќе верувам дека овие спортови се тимски и такви треба да бидат доколку на планина не одиш сам!
На неодамнешната експедиција на Аконкагва се приклучи подоцна од останатите, како се подготвуваше и дали си задоволна од степенот на подготвеност кој го постигна пред почетокот на експедицијата?
Периодот за подготовки беше многу краток за сите, можам слободно да кажам. Со предност на двајца од тимот кои минатото лето имаа искачување на Алпите, но не како подготовка за Аконкагва.
Што се однесува до моите подготовки, можам само да кажам дека во текот на целиот летен период бев присутна и активна на планините низ Македонија.
Дали тоа беше доволно? Не знам.
Знам дека сепак се искачив до таму до каде што се искачив без никакви кондициони проблеми. Секогаш, можеби и не е се во кондицијата, но немојте погрешно да ме сфатите дека и не треба да ја имате за да некаде се искачите.
На самиот почеток на експедицијата на Аконкагва веднаш проблеми, слично како и Радица Арсовска на експедицијата на Тиеншан 94-та година, опремата не ти пристигна воопшто да крајот на експедицијата. Дали може некако да се опишат чувствата што тоа ги предизвика?
Прво си помислив - Не е можно ова мене да ми се случи, на друг можеби, но мене !
Бев во шок, просто не ми се веруваше дека ранците со целокупната опрема за на планина едноставно ја нема, јас сум далеку од дома, а целта на ова патување беше искачување на највисоката планина во Америка.
Беспомошност е чувството кое го имав. Едноставно немате што понатаму да правите. Верував до последен момент дека ранците некако и ќе се појават, но кога тоа не се случи тогаш сфатив дека за мене оваа експедиција и патување заврши! Знаеш не ти е сеедно воопшто, тешко е да се прифати.
Во такви моменти за мене беше многу битна поддршката која ја имав од Надир Мурсели кој несебично ми ја даде, а ми требаше во голема мерка за што сум му многу благодарна. Човек и личност со многу квалитети кој денес ретко кој ги има.
И покрај проблемот со опремата, успеа да се искачиш до висина од 5930 мнв што е македонски женски висински рекорд, надминувајќи ја легендата на македонскиот женски алпинизам Радица Арсовска. Дали си задоволна со оваа „утешна“ награда?
Целта на моето заминување на Аконкагва, беше да се искачам на врвот и воедно да влезам во “историјата” ако така може да се каже, како првата жена во Македонија која се искачила на оваа планина и воопшто на толкава висина.
Можноста да отидам ми беше дадена, но сепак ете не успеав да стигнам до врвот. Секако дека и 5930 мнв не се малку, ако се земе во предвид дека со минимална опрема и опрема која ја изнајмив (со лош квалитет) се искачив до таа висина, за понатаму се ќе беше преголем ризик на кој ниту јас, ниту пак другите членови од експедицијата не сакавме да се изложиме. Сепак ова искачување е мој досегашен најголем успех на кој си се гордеам. Искрено се надевам дека нема да помине толку долг период од моето искачување до наредното кое ќе биде поуспешно и повисоко од некоја друга жена во Македонија.
Од вториот до третиот камп Берлин (5930 мнв), и назад до базниот камп, се движеше одделно од другите членови на експедицијата, дали тоа беше неопходен или непотребен ризик, дали беше воопшто ризик?
Немаше никаков ризик и немаше потреба од тоа!
Движењето беше испланирано и претходно така договорено. Кога и после 5 дена од нашиот престој на планина, денови поминати во аклиматизација на 4200 мнв или во базниот камп Плаза де Мулас немаше ни трага од ранците, за кои искрено се надевав дека ќе пристигнат, едноставно сакав така да мислам и кога истите не се појавија, мораше да има измени во веќе предходно договорениот план на движење. Да, се движев сама без другите членови и без никакви проблеми. Впрочем таму само навидум сте сами зошто стотици други искачувачи се пред вас или позади вас, ако тоа го смалува ризикот кој да повторам дека до таму до кај што јас се качив го немаше!
И не само да базниот камп, слегов сама до Мендоза градот во близина на Андите.
Глигор Делев го развеа македонското знаме на Монт Еверест без претходна помош од Македонија, познавајќи ја верувам добро ситуацијата во македонското планинарство и воопшто односот на државата и јавноста кон него, што мислиш дали и следните значајни искачувања на македонските високогорци и алпинисти ќе бидат остварени со индивидуални напори?
Не е непознато дека ниту државата ниту пак јавноста во голема мера е многу заинтересирана и запознаена со ваков вид на достигнувања. Чија е вината за таквиот индолентен однос кон оние кои прават некакви достигнувања не знам, не можам да заземам нечија страна. Може да е до нас самите или до државата, а по се изгледа дека е до сите нас.
Кои се твоите идни планови во однос на планинарските спортови?
Сега засега, немам некои конкретни планови, што понатаму!?
Имам некои неостварени желби и предизвици, и најверојатно секогаш ќе имам. Дека ќе има нешто тоа е сигурно, меѓутоа што е тоа сега не можам да ти кажам. Нека остане тајна?
|
|