ИЗВЕШТАЈ ОД ПОСЕТАТА НА ФРАНЦИЈА

Почитувани колеги,
Ви испраќам известување за реализираните активности за време на престојот во Франција.
Основна цел на патувањето беше прибирање информации и искуства потребни за развој на планинскиот туризам во Македонија, како и запознавање со системот на функционирање на француската организација на професионални лидери и водачи во планина. Покрај тоа, во рамките на посетата во Франција успеавме да организираме и средби со преставници на раководството на меѓународните организации за лидери (UIMLA) и водачи (IFMGA) во планина. Во продолжение следува преглед на активностите.

09.06.2008
Briancon и Serr Chevalier

- Средба со инструкторскиот тим на CRET (За потсетување - тоа беа нашите домаќини и тоа е институција за регионален развој на туризмот, која примарно се занимава со едукација на кадри за потребите на алтернативните форми на туризам, пред се во областа на планинскиот туризам) од Briancon и запознавање со системот на едукација, програмите за работа и функционирање на оваа образовна институција.
- Запознавање со принципите за поставување на патеки од типот на „via ferrata“ како и практично минување - искачување на најпопуларната виа ферата над Briancon, која има должина од 500 метри и денивелација од 300 метри.
- Средба со директорот на CRET и разгледување на можноста за проширување на идната соработка помеѓу CRET и ЦСО. Постои можност ЦСО да работи под брендот на CRET но деталите за оваа соработка треба да се прецизираат при наредните средби во текот на есента.
- Средба со преставници на Француската планинарска федерација, како и со регионалниот раководител на секторот за управување со планинарските домови. За време на средбата разгледана е можноста за потпишување билатерален договор помеѓу нашата и нивната федерација за повластени цени при престој во планинарските домови.

10.06.2008
Briancon и Serr Chevalier

- Средба со преставници од кацеларијата за туристички информации во Briancon.
- Средба со раководителот на Бирото за водачи и лидери во планина во ски центарот Serr Chevalier и запознавање со начинот на организација на службата.
- Средба со раководителите на канцеларијата за туризам во Serr Chevalier.
- Минување на една еко патека и една природна ботаничка градина во близината на Briancon.
- Планинарска тура во околината на Briancon со акцент на анализа на планинарската маркација, патоказите и информативните табли.
- Средба со претседателот на француската федерација за маунт бајк и запознавање со нивните стандарди за работа во овој сегмент од планинскиот туризам.

11.06.2008
Briancon

- Средба со инструкторскиот тим на CRET и запознавање со програмата за обука на придружници во планина (UIMLA стандардот на лидери).

Serr Chevalier

- Средба со инструкторскиот тим на CRET кој раководи со обуката за примена на алпинистичка опрема и техники при изведување работи на високи и непристапни објекти, запознавање со нивната стандардизација, легислативата, како и практична посета на процесот на обука.

Le Grave

- Посета на туристичкиот центар Le Grave и запознавање со генералниот концепт на организирање на водичката служба.
- Посета на канцеларијата на националниот парк Ecrin и средба со научниот раководител на паркот.

Grenoble

- Средба со уредувачкиот одбор на часописот Roadbook (часопис за спортови во природа) во Grеnoble и презентирање на македонскиот планински туристички потенцијал, како и на системот за обука на водачите во планина и идната водичка организација.

12.06.2008
Grenoble

- Средба со Bruno Pellisier претседател на меѓународната организација на водачи во планина (алпинистички стандард) IFMGA. На средбата е договорено македонската организација на водачи и ЦСО да склучат официјален договор со IFMGA за започнување на процес за прием во организацијата, како и за добивање писмо за подршка од нивна страна.

Chambery

Средба со претседателот на францускиот синдикат на придружниците во планина, Господинот Жан Марк Хермес и доскорешен претседател на UIMLA. Разгледување на можностите за идната соработка помеѓу францускиот синдикат и македонското здружение на водачи, како и изработка на план за формирање на лоби група за приемот на Македонија во UIMLA. За време на средбата беше потенциран ставот околу француската подршка за нашето членство во меѓународната организација а исто така беше договорена и стратегија за презентирање на Македонија пред земјите членки на UIMLA.

Annesy

- Посета на францускиот производител на дрезги и наш донатор, компанијата TSL, како и запознавање со целокупниот асортиман и процесот на производство.

Chamonix

- Средба со инструкторскиот тим кој ги подготвува кандидатите за полагање на приемниот испит во ENSA (Ecole national de ski et alpinism) од Chamonix.

13.06.2008
Mare de glace, Chamonix

- Практична работа заедно со кандидатите за приемен испит во ENSA на глечерот Mare de glace. Дента кандидатите имаа „пробен“ приемен испит каде што беа изведувани сите активности кои се присутни и при полагањето на реалниот приемен испит. Групата од дваесетина алпинисти, кандидати за студенти во ENSA беа при крај на шест неделната подготовка за полагање на приемниот испит и средбата со нив како и со инструкторскиот тим беше одлична можност за најоригианлно запознавање со нивната програма за обука, критериумите и стандардите за работа, како и за размена на практични алпинистички искуства. Треба да се има во предвид податокот дека на еден кандидат кој сака да се запише во ова, во светот најелитно училиште за алпинистички водачи, потребни му се помеѓу седум и десет години подготовка, главно составена од врвни алпинистички искачувања и детално работење за изградба на врвна качувачка техника и теоретска подготовка.

14.06.2008
Ceillac, Национален парк Queras

- Разгледување на сместувачките капацитети во Ceillac, хотели, планинарски домови, мини хотели (ваквите мали хотелчиња французите ги викаат Gite de etape), ресторани.
- Планинарска тура до глечерското езеро Св. Ана, со анализа на маркацијата, екозаштитата на патеките и околината, регулирање на режимот на движење на туристите.
- Разгледување на ски терените во местото, како и на локалитетите за летни и зимски алпинистички искачувања.

15.06.2008
Saint - Veran, регионален парк Queras

- Искачување на врвот Saint Veran 3180 мнв и разгледување на неколку планинарски домови во околината.
- Разгледување на најпознатиот Gite de etapes во местото и средба со сопствениците. Прибирање на искуства и планови за во иднина.
- Посета на бирото за туризам во Saint Veran.
- Средба со раководителот на спасителните служби во ски центрите во регионот Queras.
- Средба со производители на ракотворби и угостители од паркот Queras.

16.06.2008
Регионален парк Queras

- Планинарска тура и средба со лидерите во планина од националните паркови Ecrin и Queras. Средбата беше организирана на еден планински превој каде што се наоѓа границата помеѓу двата парка. Тоа е традиционална средба што се одржува секоја година на различно место. Разговори со лидерите и размена на искуства.
- Посета на неколку работилници за ракотворби во Ceillac.

17.06.2008
Gap, главен град на регионот Високи Алпи

- Средба со раководителот на отсекот за туризам во стопанската комора на регионот Високи Алпи. Размена на искуства во поглед на развојот на планинскиот туризам, пред се во делот на работењето со човечките ресурси и инфраструктурата.
- Средба со преставници на француската федерација за hiking. Размена на искуства посебно во делот на маркирањето на планинарските патеки и поставувањето патокази и табли (Оваа федерација во Франција е одговорна за одржувањето, маркирањето и уредувањето на планинарските патеки).
- Средба со регионалниот раководител за туризам (тоа доаѓа нешто како регионален министер за туризам на регионот ПАКА - Прованса, Азурна Обала и Високи Алпи. Овој оддел има вкупен годишен прилив од туризмот во висина од 1 милијарда евра.). Размена на информации и запознавање со туристичките тенденции во регионот.

18.06.2008
Briancon

- Средба со инструкторскиот тим на CRET.
- Состанок со директорот на CRET и одговорните лица задолжени за соработката со нас. На состанокот беа разгледани можностите за проширување на соработката во наредниот период и тоа главно во следниве четири правци:

    - Тренинг на наши водачи во Франција;
    - Тренинг од страна на француски стручни лица во Македонија;
    - Проширување на институционалната соработка помеѓу CRET и ЦСО во смисла на изведување заеднички програмски активности кои ќе имаат за цел развој на планинскиот туризам во Македонија;
    - Реализирање на заеднички аранжмани со туристи низ македонските планини.

Официјалната посета на CRET заврши на 18.06 во попладневните часови. За успешноста на посетата просудете сами. Се надевам дека во наредниот период со заеднички сили и добра организација ќе овозможиме планинскиот туризам да биде во Македонија реалност, каде што својата егзистенција и благосостојба ќе ја обезбедуваат голем број водачи.

Во наредниот период ќе ви испратам дописи за одредени тематски проблеми кои беа разработени за време на нашата посета.


Средба со претседателот на францускиот синдикат на планински лидери и секретар на меѓународната унија на професионални лидери UIMLA, Jean Marc Hermes. Средбата се одржа во седиштето на UIMLA во Chambery

Состанок со преставниците на Францускиот алпинистички клуб - канцеларија во Briancon и со раководителот на секторот за управување со планинарските домови Господинот Hellion

Состанок со уредувачкиот одбор на часописот Roadbook за спортови на отворено во Grenoble

На врвот Saint - Veran, 3185 мнв

Средба со раководителот на канцеларијата на лидери и водачи од скијачкиот центар Serre Chevalier, Benoa Lemaire

Средба со претседателот на меѓународната унија на професионални водачи во планина (алпинистички стандард) IFMGA, Господинот Bruno Pellisier

На 13 Јуни поминавме цел ден со кандидатите за упис во ENSA. На фотографијата е раководителот на подготвителната обука Г-динот Ivin Estienne

На 18 Јуни имавме неколкучасовна посета на станицата за спасување во Briancon, која воедно е и центар за обука. Стандардите за работа и нивото на опременост се импресивни

На 16 Јуни имавме средба со повеќе лидери од парковите Ecrin i Queras

На гости кај нашиот донатор на дрезги, реномираниот производител TSL. Наш домаќин беше раководителката на секторот за извоз Г-ѓата Fabienne Cannet


Со поздрав!
Костантин Циривири
Стручен раководител на ЦСО


11.07.2008



Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Меккинли 2008

Славеј Планина 08

По повод 18-ти Август - Денот на АРМ, Ве покануваме на 6-от Меморијален марш и ...

Ориентација

Отворено Првенство на Охрид, Меѓународен натпревар во Спортска ориентација ...

17-то искачување на Голем Кораб

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

Маратон „Јасен 2008“

Од стартот стрмната угорнина која беше наш предизвик, дружбата, чистиот воздух на Сува ...

Меморијал Мурато 08

На 19-тото традиционално искачување на Пелистер (2601 мнв) во чест на нашиот Димитар ...

Голем Кораб 07

Кораб е единствената планина во Македонија со алпски карактеристики. Пејсажите и климата ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани