|
Ton Sai Bay, Krabi –Тајланд, е рај за сите качувачи: спортски, туристички, викендашки и други со мноооооооооогу оклинчени спортско качувачки насоки, преубави multipitch -ови, болдер проблеми и интересни локации за Deep Water Solo. Насоките се со оцени за качувачи од различно ниво, има комерцијални места каде обавезно одат туристите со нивните локални водичи и каде смеровите се прилично високо оценети. Најверојатно тоа е за љубопитните туристи да се чувствуваат позитивно и силно знаејќи дека качиле 6б (што би било еднакво на нашите 5ц+) на нивното прво качувачко искуство.
Други сектори пак, што се најчесто правени од странци секако се нормално оценети. На најинтересниот дел „Ton Sai wall and roof” што е на плажа веднаш до неколку ресторанчиња богами нема ништо полесно од 6б+ (по нормални стандарди). Без потценување за локалците, има некои хардкор качувачи од нив што качуваат 7б боси, а патики ко ќе стават 8б не им е проблем.
Ton Sai е залив каде се стига само со чамец “long tail boat” за пола саат од градчето Krabi или 10-15 мин до местото Ao Nang, од каде потоа се оди со минибус или такси до Krabi. Krabi е најголемо место во околината каде има конекции за сите дестинации. Од Ao Nang до Ton Sai има и патека низ џунгла, има околу 1 саат пешачење по тешко прооден стрмен терен (не многу луѓе ја практикуваат бидејки транспортот со чамец не е многу скап – 80 Bahts се околу 80 ден). Пливање од Ton Sai до Ao Nang е исто така можно, најверојатно околу 1- 1:30 час.
Ton Sai е едно од ретките помалку искомерцијализирани места во Тајланд каде е задржан примитивен живот и зачуван природен изглед на местото. Значи, нема луксузни хотели, супермаркети и шопинг центри. Но сепак има се што е потребно за непречен нормален живот.
Ресторанчиња и улични кујни (“Улични” = колски пат), агенции што обезбедуваат разни авантури, туризам од качување, гњурење, deep solo и слично. Тоа е една вештачки направена населба која се развила само поради качувањето како главна атракција и спорт овде. До скоро изборот се состоел од неколку резорти со дрвени бунгалови со цена од околу 50-80 денари на вечер. Во последниве две години веќе и циглите почнале да го заменуваат дрвото, па така и цените си растат се до 700 ден на вечер. За наша среќа се уште се наоѓаат и старите дрвени бунгаловчиња само овојпат цената им е од 80-200 ден на вечер. Кревет, мрежа за комарци, вентилатор, струја само навечер после 20ч, тоалет и друго ништо не ти треба.
На 15 мин. пешачење од Ton Sai може да се стигне до заливот Raily, источен и западен. И ова место е атрактивно за качување, но е малку по развиено и поскапо за престој. Овде има и хотели и сауни и свашта што би имало на секое типично тајландско туристичко место. Raiy -West е особено познато по романтичното зајдисонце на долга песочна плажа, за разлика од плиткиот брег полн со бодликави камења на заливот Ton Sai.
Отежнатиот пристап до овие заливчиња претставува голем проблем за сите ресторани и кафичи кои секојдневно треба да се снабдуваат со одредени намирници. Затоа храната и продавниците овде се до три пати поскапи од околните села Ao Nang, Ao Namao или Krabi. Да се оди на шопинг еднаш неделно за да се купуваат залихи од храна не е препорачливо бидејќи мајмуните се насекаде и одма ќе ви провалат дома за да го најдат тоа што го намирисале. А складирање на храна на тие температури не е изводливо ако немате луксузен престој со фрижидер. Како најдобро и финансиски најразумно решение се „локалните“ кујни кај што има се она што го има и во рестораните само во слабо претставителен сервис.
|
|