ПОХОД „ИЛИНДЕН 2006“

Во прилично топло летно утро, на 29-ти Јули (Сабота) се собравме во 09ч пред црквата „Св. Спас“ во Скопје за да положиме цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Потоа со комбе се превезовме преку Драчево, с. Количани до местото Преслап кај с. Црвена вода на планината Китка, од каде започна нашата Пред стартот на походотмаршута. Походот беше организиран од ПДС „Васил Франговски - ОХИС“ под покровителство на ФПСМ.
Во групата бевме осум души, од кои три беа жени: Ленче од ПСД „Кораб“ - Скопје (го одрeдуваше темпото на нашето движење), Рада од ПСД „Кораб“ - Скопје, Стојаноска Светлана од Струга но од друштвото „Ѓорѓи Наумов“ - Битола, Благој Петрушевски од ПДС „Васил Франговски-ОХИС“ - Скопје (нашиот водич и организатор на овој марш), Александар-Леко од Охрид, Ѓоко-Ѓоле од ПСД „Кораб“ - Скопје, Ѓелев Ѓоре од Велес, слободен стрелец и Киндалов Марјан од ПД „Ѓорѓи Наумов“ - Битола. Тргнавме по широк прашлив пат, пропратени со топло време и тешки ранци. После првиот одмор кај викендичката каде собравме сили за стрмната шумска патека, продолживме со нашиот поход кон планините. Се движевме со рамномерно темпо и доволно одмори за да може нашата сила да се распореди за сите предвидени денови. За време на пешачењето, често го разведрувавме нашето расположение со некој интересен виц или приказна. За време на целото патување се насладувавме со сочните шумски јагоди, малини и боровинки кои ги наоѓавме покрај патот. Посебен дел од денот беше неверојатната глетка конПауза и поглед кон Бегово поле Бегово поле, исшарано со многу поточиња, помеѓу кои се растрчуваа стада на овци и коњи. Тука беше и разурнатиот дом Исак Русо, кој како камен кип стражареше на ова место за жал распаднат. Го поминавме Бегово поле и почнавме да се качуваме накај Солунска глава. По 40 минутно пешачење го завршивме патувањето за првиот ден. Логорувавме до едно засолниште каде што четворица од групата спиеја во засолништето, а останатите се сместивме во шатор. Тој ден одевме околу 10 часа. Вечерта беше пријатна и топла, и на никој не му студеше во текот на ноќта.
30.07.2006 (Недела) Рано сабајлето следниот ден станавме се подготвивме и тргнавме кон Солунска глава по змијулестиот пат. Поминавме на околу 100 м. под самиот врв, но на врвот не се искачивме за да не се отстапува од предвидената маршута и даМарина дупка не се наруши темпото на движење. Кога врвот го оставивме зад себе, поминавме покрај Марина дупка, Плавник и почнавме да се движиме по прилично сув предел со слаба вегетација, што и е и нормално за места над 2000 мнв. Се искачивме на срт и се движевме што би рекол нашиот водич по изохипса, тој збор за прв пат го слушав толку често за кратко време. Движејќи се по сртот од двете страни на патот не граничеа вкусни боровинки, кои беа аперитив и ни даваа сила да го совладаме напорот до ручекот кој следеше. Некаде отприлика на половина пат пешачење стигнавме до извор наречен Ајдучка чешма каде ручавме. Набрзо после ручекот, додека се уште се движевме по срт непосредно пред да почнеме да слегуваме од Даутица, не пресретна невреме со јаки грмотевици и дожд. За среќа брзо се спуштивме покрај коритото на реката Крапа Мочури избегнавме поголема опасност. Врнеше околу два часа. За наше разочарување дождот ја расипа забавата на „плажата“ - еден убав карпест дел на брегот на Крапска река кој навистина наликуваше на мала плажа. Според плановите таму требаше да се прави голем одмор, да се разладат малку нозете и да се испере по некој пар чорапи, ама тоа е ... планираното го оставивме за некоја наредна година. Слегувавме надолу околу три часа, по кои се правеше кафе пауза кај првата викендичка пред с. Крапа, во кое што требаше да спиеме. После одморот тргнавме накај селото среќни дека дождот престана, на самата мисла, ете пак почна да врне. По еден саат одење стигнавме во училиштето каде се сместивме. Ги распростревме водените алишта и чизми, се стопливме со топла супа, вечеравме и сите среќни се спремивме за спиење.
31.07.2006 (Понеделник) Следниот ден веќе дождот беше минато. Од мештаните од Крапа бевме испратени со чашка ракија и свежа салата. Темпото на движење за овој ден беше релксирано бидеќи оваа година се одеше еден ден повеќе за разлика од други години. Така целта за третиот ден беше да стигнеме до с. Селце, а не како порано до Крушево. Само што излеговме од селотос. Дебреште поминавме покрај понорницата на река Крапа која е најголема во Македонија. Набрзо скршнавме лево од патот и се упативме кон с. Дебришта по скратен пат преку ридот. Во селото една голема селска продавница пиевме ладно пиво и ручавме. Добро одморени тргнавме со нови сили до с. Борино, каде имавме еден пократок одмор и разговор со жителите од тоа село. Следна станица беше „крушата“ која беше спомнувана цел ден. После тешкото искачување сите со нетрпение ја очекувавме ладната сенка на „крушата“. На мое големо изненадување кога застанавме и ги прашав останатите каде е крушата, ми го покажаа дабот под чија сенка бевме заседнати. Толку многу години дабот бил нарекуван круша и се разбира за сите и понатака легендарниот даб остана „круша“.
Во с. Селце стигнавме рано, го разгледавме училиштето во кое веќе одамна не учат деца и кое сега на селаните им служи за складирање на слама. Една просторија беше слободна и во неа се сместивме 5 души, останатите тројца спиеја во шатор. Поминавме прекрасна вечер: малку се играше фудбал, потоа се пееше, се танцуваше, се играа народни ора ...
01.08.2006 (Вторник) Станавме околу 07.00 часот се спремивме и тргнавме накај Крушево, по пат водичот ни раскажуваше за некоја Муратова чешмалегендарна битка која се случила баш на пределот каде се движевме. Слушајќи ја така приказната никој не забележа колку брзо помина времето од Муратова чешма каде пиевме вода до ритчето со сливата од каде го здогледавме Македониумот и вештачкото Крушевско езеро. Се спуштивме до езерото, го преминавме и тргнавме накај „Шула Мина“ - детско одморалиште каде требаше да се сместиме. Собите во кои се сместивме беа убави, јадевме, се истуширавме и тргнавме на поворката за положување на цвеќе на „Илинденците“, на која се положи свежо цвеќе на гробот на Питу Гули и На Мечкин каменсе посети Македониумот. Вечерта беше слободна за разгледување на градот, журкање и одмор.
02.08.2006 (Среда) Наредниот петти ден од нашата маршута тргнавме накај Мечкин камен каде двајцата планинари: Александар-Леко и Благоја, даруваа крв. Фативме дебела сенка и се нагостивме со ладна лубеница. Присуствувавме на свеченостите кои таму се одвиваа. Останатиот дел од денот ни остана за одмор и релаксација кој го искористивме максимално за да ги наполниме батериите за наредниот ден.
03.08.2006 (Четврток) Станавме рано околу 03.30 ч. се спремивме и уште на месечина тргнавме накај с. Кочишта.
Когас. Радово стигнавме во селото веќе беше ден, застанавме на големата селска чешма се разладивме и се упативме накај с. Радово, каде се очекуваше да не пречека дедо Стојан кој секоја година ги пречекувал планинарите. Кога стигнавме до неговата куќа него го немаше, селаните ни кажаа дека се преселил да живее во нова куќа со синот.
Ручавме, ги разладивме нозете и тргнавме најпрво да го побараме дедо Стојан за да се поздравиме, но кај него дома во новата куќа не пречекаа само две пријателски настроени овчарски кучиња, куќата беше празна, оставивме неколку слики сликани минатата година и продолживме накај с. Доленци.
Во с. Доленци застанавме кај селската продавница, не пречекаа со ладен сок и пиво.
Продолживме кон с. Бабино, а патем свративме на краток с. Бабиноодмор покрај еден рибник. Во селото како и секогаш ги сретнавме бабите како си седат на една клупа на сретсело и муабетат.
Ги задевавме за тоа што седат така по цел ден, а тие викаат - „за да работиме стари сме, пензиичка си земаме, како така стигнува за цел месец, па излегуваме до сретсело да си помуабетиме да ни помине времето“. Кон крајот на селото влеговме во еден интересен двор кој водеше до куќата преправена во библиотека. Детето што не водеше низ библиотеката не воодушеви со своето знаење, разгледавме неколку книги со народни носии, видовме некои први изданија од книги, седевме во старовремска соба на троножни столчиња покрај синија. Пред стемнување стигнавме во с. Базерник каде требаше да спиеме во училиштето. Луѓето од ова село потоа разбравме дека оделе на берење боровинки кои доста скапо се откупуваа. Вечерта до доцна седевме во селската продавница која наликуваше на бакалница.
04.08.2006 (Петок) Последен ден од деновите предвидени на планина. Рано сабајлето навлеговме во Илинска планина, големата шума го правеше пешачењето попријатно со тоа што не криеше од утринското сонце.
После неколку часа пешачење излеговме на голиот срт на Плакенска планина постелена со прекрасни пространи ливади полни со боровинки. Движејќи Поглед на двете езера Охридско и Преспанскосе по него ни беше подарена една од највозбудливите глетки на ова патување, во исто време ги гледавме двете езера, Преспанско и Охридско.
Ливадите на оваа планина кон с. Плаке изобилуваа со разни чаеви, покрај кои не можеше да се помине рамнодушно. Ленче ни објаснуваше кој чај како се вика и за што се користи. Некаде околу еден часот слеговме во с. Плаке, наполнивме малку вода и тргнавме преку с. Речица до Пронтов мост каде го пречекавме комбето за Охрид. Во Охрид се сместивме во приколки во летниот камп „Партизан“, ги оставивме ранците и веднаш истрчавме на плажа да се искапеме.
Одморот покрај езеро ни дојде како награда за целиот вложен труд на ова патување.
05.08.2006 (Сабота) Наредниот ден официјално осми ден од нашата маршрута, ја посетивме Самоиловата тврдина, Плаошник, прошетавме низ Охрид и се вративме во кампот да уживаме на плажа.
06.08.2006 (Недела) Деветиот Фајрон лубеницаден остана да си размениме броеви и да се поздравиме, пред секој да тргне накај дома со задоволена желба за успех и надеж за уште такви доживувања.
Текстов е пишуван еден месец после маршот. Така тежината на маршот не би можела да ви ја доловам, затоа што тешките нешта се забораваат, па така текстот се сведе на опишување на одмори и убави места. Објективно маршот не е лесен и има денови во кои се оди и по 13-14 часа. Сепак секој кој е спремен и желен за предизвик сигурно е добредојден на маршот следната година.

Текст: Стојаноска Светлана
Фотографии: Ѓелев Ѓоре
30.09.2006

Благодарност до Киндалов Марјан за помошта во објавувањето на репортажата


Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Мон Блан

Елбрус 2008

РОК ТРИП

По повод празникот 13 Ноември, денот на градот Скопје, во организација на *СКА* при ФПСМ, а подржана од собрание на град Скопје на 15.11.08 ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани