| Најдобриот светски алпинист денес претставува една голема легенда. Тој беше првиот што ги искачи сите 14 врва над 8000 мнв, го искачи Монт Еверест без кислород, го направи првото зимско искачување на Еверест во алпски стил. Едноставно кажано, Меснер ги помести границите на човечките можности. 26.10.2003, Базел Швајцарија. На бината на која Меснер ќе го одржи своето предавање два големи екрани, а во средината на салата говорница околу која 500 посетители кои пред да започне предавањето, купуваа книги на кои Меснер го ставаше својот потпис. По силниот аплауз започна неговото излагање. Најпрвин направи краток осврт за највисоките врвови на светот вклучувајќи ги тука и првите обиди на Малори и Ирвин да го искачат Еверест во далечната 1924 год. Меснер заклучува дека обидот на двајцата не бил успешен. На екраните се појавуваат слики, неколку од нив датираат од 1924 год. - “Гледате како тие качувале со одела налик на тоа што јас денес го носам“ - беше коментарот на Меснер. Понатаму продолжува со првото искачување на Еверест во 1953 год. од страна на Хилари и Тензинг. Имено Меснер присуствувал на овогодишната прослава на јубилејните 50 години од првото искачување на Еверест. Тој кажа неколку интересни податоци за овој настан, како на пр. дијалогот на двајцата англиски алпинисти членови на тимот, кои го искачувале Јужниот врв кој се наоѓа само 250 метри пониско од Еверест. На коментарот на едниот од нив дека сака да продолжи другиот одговорил дека ако го направи тоа веќе нема да ја види сопругата. Хилари пак секогаш се наоѓал во вистинско време и во правиот момент. Тој го одбрал Тензинг како најподготвен па така двајцата продолжиле понатаму од јужното седло кон врвот и успеале да го искачат за прв пат во историјата. За Меснер неговата прва Хималајска експедиција на Нанга Парбот од 1970 год. беше неизбежна тема. Тој заедно со брат му, решиле да го искачат врвот по нова насока. Во тоа време сите врвови над 8000 метри веќе биле искачени. Во последниот логор се наоѓале браќата Меснер и уште еден алпинист. Решиле доколку времето биде добро да се искачат сите тројца, во случај на лошо време да тргне само Меснер. Времето е лошо и тргнува само Меснер кој пред врвот поминува тежок детал. По некое време го здогледал брат му како го следи кон врвот. Двајцата успеале да го искачат врвот, но надолу Меснер со соочил со исцрпеноста на брат му. Тие морале да тргнат надолу по нова насока притоа правејќи биваци на неколку места. Меснер секогаш одел како извидница на теренот што ги очекува со цел да го избере полесниот, пред се поради фактот дека брат му веќе ја изгубил силата. Неколку дена биле без храна и веќе почнале да халуцинираат. При едно такво извидување на теренот Меснер не го пронашол сопствениот брат на местото кадешто последен пат го оставил, а местото било лавински опасно што најверојатно е причина за неговото исчезнување. Залудни биле обидите на Меснер да го пронајде својот брат. Понатаму Меснер се осврна на искачувањето на Еверест без кислород што тој заедно со Хабелер неговиот партнер од Австрија, го направил во 1978 год. Претходно истата година, двајцата направиле пробен авионски лет без кислород во реонот околу Еверест. Истата година Меснер прави соло искачување на Нанга Парбат. Меснер се осврна и на случајот од 1996 год. кога Скот Фишер и Роб Хол направиле голема експедиција на Хималаите при тоа потценувајќи ги со својот однос планината и самото искачување. На екраните се покажа слика од Еверест каде се гледаше дека без никаков ред членовите на експедицијата одат нагоре-надоле по планината. Ќе загинат неколку луѓе од двата тима, а меѓу нив и нивните лидери. Наредниот слајд беше оној со телата на починатите алпинисти на Еверест, за на крајот да покаже слика со цветови. Со тоа кажа дека планините секогаш се таму и дека треба да се вратиме живи од нашите искачувања. За време на предавањето Меснер спомена и искачувања како на пр. она на Ласенал на Анапурна и др. Во своето излагање Меснер изрази голема почит за Хилари со кого заедно работат на градење училишта и болници на Хималаите. Големиот аплауз три пати го врати на бината. Тој навистина претставува легенда во алпинизмот, а ова предавање само го потврди моето мислење за Меснер како една неоспорна големина. Накратко се обидов да ви го пренесам сето она што го слушнав на предавањето на Меснер, коешто за мене претставува еден поттик за моите идни алпинистички размислувања. Изминатава година за мене беше навистина плодна. Пет пати бев на Алпите успевајќи да ги искачам Монх 4100 мнв, Јунгфрау 4150 мнв и Матерхорн 4478 мнв.
| |