|
Сали Буранедин е член на планинарското друштво Бистра од Скопје.Овој текст е посветен на неговото 500-то искачување на врвот Солунска глава на планинскиот масив Јакупица.
Неуморниот планинар Сали Буранедин е член на планинарското друштво Бистра од Скопје од 1974 година и на предлог на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија добитник е на 13 Ноемвриската награда на град Скопје за 2000 година. Во 2004 година прогласен е за најактивен планинар во Македонија. Во друштвото е еден од најактивните членови. Бил негов претседател, а во Сојузот на планинарски спортови на Македонија веќе 4 години е член на Претседателството и 8 години е претседател на Комисијата за маркации и трансверзали.
Сите врвови
Бурхан е втемелувач на трансверзалата „Планини на Македонија“, учествувал на бројни планинарски акции и освоил многу врвови. Меѓу позначајните врвови кои ги искачил се: Килиманџаро 5859 мнв, Маунт Кенија 5199 мнв, Кавказ - Западен Елбрус 5642 мнв, Арарат 5137 мнв, Демаванд 5671 мнв, Мон Блан (два пати) 4810 мнв, Ерџијас (два пати) 3916 мнв) Мусала 2925 мнв, Олимп 2917 мнв, Вихрен 2914 мнв, Триглав 2863 мнв ... Во Република Бугарија на масивите на Рила и Пирин ги има освоено сите врвови над 2500 мнв (вкупно 69).
Цела граница
Покрај освојувањето на планинските врвови, за сиве овие години има поминато многу трансверзали, меѓу кои позначајни се Словенечката трансверзала долга 800 км (за 21 ден), Босанско-херцеговачката трансверзала заедно со трансверзалата Сутјеска во должина од 400 км од планината Прењ (Мостар) до планината Дурмитор (Жабљак) преку Бјелашница, Трескавица, Зеленгора, Озрен и Вучје. Два пати ја има поминато Источната македонска трансверзала, два пати Југословенската трансверзала. Во 1996 година заедно со планинарот Стојанчо Костовски од Крива Паланка, ја поминал без прекин државната граница на Република Македонија во должина од 856 км за 30 денови. Во Македонија ги има освоено сите врвови над 2000 мнв, а најомилен врв му е Солунска глава.
Извор: Напис од „Корав“, 2006 год.
|
|