ИСКАЧУВАЊЕ НА ЕЛБРУС- НАЈВИСОКИОТ ВРВ ВО ЕВРОПА

Пред многу години после долготрајни убедувања од страна на мојот зет Златко Пејковски прифатив да му правам друштво во неговото вообичаено искачување до врвот на Водно. Кога целосно исцрпен за прв пат се искачив на врвот на Водно, првата моја изјава упатена кон Златко беше „никогаш повеке“.
Последователно, истото му го кажував и на нашите преубави планински врвови: Китка, Солунска глава, Пелистер, Голем Кораб ... Тоа „никогаш повеке“ беше борба помеѓу мојата слабост и мојата амбиција. Таа безмилосна борба помеѓу овие две состојби на духот која започна на Водно ме однесе на највисокиот врв во Европа - Елбрус, кој се наоѓа во Русија на планинскиот масив Кавказ. Елбрус е составен од два врва, „Западен Елбрус“ со висина од 5642 мнв и Источен Елбрус со висина од 5621 мнв. Моја цел беше повисокиот од двата врва, Западен Елбрус.
На 25 јуни 2005 год. пристигнав во туристичката база Азау која се наоѓа на височина од 2300 мнв во самото подножје на врвот Елбрус. Во Азау има на располагање неколку пристојни хотели во кој за цена од 18 евра се добива вечера, ноќевање и доручек. Следниот ден околу девет часот се упатив кон планинарскиот дом „Приут 11“. За таа цел користев вагон жичара со која, при едно преместување на 3000 мнв, стигнав до 3500 мнв. Од 3500 мнв со товар од 25кг тргнав сам кон домот „Приут 11“. Вообичаено за повеќето планинари, заради непознавање на теренот и патеките до домот а од таму и до врвот, е да изнајмуваат водичи за кој плаќаат од 200 до 300 евра. Од објективни причини не бев во можност да изнајмам водич, па не ми остана ништо друго освен да ги следам трагите по изгазениот снег направени од претходните групи и така да стигнам до домот. После 90 мин. пешачење околу 11ч и 30 мин стигнав до домот „Приут 11“, кој се наоѓа на висина од 4070 мнв. Изграден е од камен и е без греење, вода и струја. Едно ноќевање изнесува 300 рубљи во противвредност 10 евра, храната сами си ја обезбедуваме. Во домот после неколку часа пристигна група од Чешка со кои после запознавањето се договоривме следниот ден заедно да го направиме аклиматизационото искачување до Пастукови карпи кои се наоѓаат на висина од 4700 мнв. Во домот нема кревети па е неопходно подметач и вреќа за спиење.
Поради ниската температура и разредениот воздух имав непреспиена ноќ со чести будења. Следниот ден на 27 јуни околу 5ч тргнавме кон Пастукови карпи каде што стигнавме после два часа пешачење. Од самото тргање неопходно е користење на дерези (шилци кои се ставаат на чизмите). Благодарејќи на зимските припреми што ги изведов дел со моето планинарско друштво „Бистра“ од Скопје а дел и сам (за последниве 5 месеци се имав искачено 15 пати на врвови повисоки од 2500 мнв во Македонија, најчесто на Бакардан или Титов врв), кога стигнав на висина од 4700 мнв се чувствував добро и без траги на висинска болест. Заради тоа решив да продолжам со искачувањето додека Чешката група според предвидениот план се врати во домот. Продолжив сам кон седлото помеѓу западниот и источниот врв, кое се наоѓа на висина од 5300 мнв. После четири часа сега веќе осетно исцрпен стигнав до седлото. На пат до седлото сретнав неколку планинари кои се враќаа од неуспешниот обид да се искачат до врвот. На седлото се одмарав пет минути и одлучив да продолжам кон врвот. Од почетокот на седлото кон врвот во висина од 200 мнв е најтешкиот и најопасниот дел кој е заледен и е застрашувачки стрмен.
За да се помине овој дел е неопходна добра вештина на искачување по заледени површини и најважното, безусловна самодоверба во сопствените способности. Внимателно почнав да се искачувам, секој непромислен чекор може да биде со непредвидливи последици. Ми беше потребен еден час да ги поминам овие двеста метри а како награда за успешното искачување пред мене се појави самиот врв, кој што е поместен во длабочина и е видлив само од оваа висина и позиција. До самиот врв ме делеа уште околу 150 мнв кој се со благ наклон и релаксирачки за искачување.
После седум часа искачување стигнав до највисоката точка во европа. Бев радосен и среќен на постигнатиот успех, за момент осетив немерлива силна енергија која ми ги исполни градите. Пријатна е помислата дека барем за момент сум дел од ова совршенство на природата.
Релативно доброто време ми го олесни враќањето во домот. Во текот на искачувањето температуратурата на воздухот беше околу - 25 степени Целзиусови, а на самиот врв за неколку степени пониска. Поради слободните денови кои ги имав и поради самодовербата која ја стекнав на 29 јуни го повторив истиот успех и уште еднаш се искачив на врвот, овој пат во друштво на Антош Дујиќ од Хрватска и неговиот водич Виктор.
Сакам да пренесам уште две информации што постојано создаваа конфузија во мене. На Елбрус секоја година во обид да дојдат до врвот во просек по десетина планинари трагично ги губат своите животи, најчесто поради пропаѓање во глечерски процепи.
Мештанинот Залиханов Чока Асланович се има искачено на врвот точно 206 пати од кое последното негово искачување било во 1966 год на неговиот 101 роденден.

Прошетка во Москва - Кремљ

Туристички камп Азау (2200 мнв)

Вилини водопади на 3000 мнв

Елбрус од далеку

Жичарата во Азау

Поглед кон масивот Кавказ

Врвот Донгуз-Орунбаши (4468 мнв)

Алтернативно преноќиште на 3300 мнв

Пред највисокиот пл. дом „Приут 11“

Приут 11

Домарот Саша во домот „Приут 11“

Пристигнување во „Приут 11“

На пат кон врвот (4700 мнв)

Поглед од Пастукови карпи (4700 мнв)

Поглед кон масивот Кавказ (5000 мнв)

На врв со македонското знаме и Антош од Хрватска

На самиот врв

Хрватот Антош и рускиот водач Виктор на симнување


Текст и фотографии: Дејановиќ Здравко
ПСК „Бистра“ - Скопје

09.03.2008



Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Мон Блан

Елбрус 2008

РОК ТРИП

По повод празникот 13 Ноември, денот на градот Скопје, во организација на *СКА* при ФПСМ, а подржана од собрание на град Скопје на 15.11.08 ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани