Фејсбук група

ЕВЕРЕСТ 2010

8-ми април Катманду, градот од соништата на секој планинар, тука започнуваат и завршуваат најголемите планинарски предизвици. Најважен дел од градот за нас планинарите е Тамел, место со безброј продавници за планинарска опрема, место каде можете да слушнето само за Еверест, Манаслу, Макалу, Анапурна. По кратка прошетка низ Тамел го имам чувството дека она што е Ерусалем за христијанството, Мека за исламот, Катманду е за планинарството, свето место во кое се негува планинарската религија.

Тука се приклучив кон руската планинарска експедиција “7 summit club“ која имаше вкупно 12 членови и тоа од Русија, Полска, Сад, Англија и јас, како единствен претставник од Македонија.

На 11-ти април со авион заминавме кон Ласа главниот град на Тибет. На големиот монитор во авионот ја погледнав информацијата за висина на летот која изнесуваше околу 10000м надморска височина. Преку прозорецот од авионот, небаре нацртан со човечка рака, го здогледав планинскиот масив Хималаи, со безброј нанижани снежно бели врвови, многу од нив повисоки и од 8000м. Само еден од нив чиниш сака да го допре крилото од авионот. Токму тој врв е целта на моето патување. Монт Еверест - највисокиот врв на светот - во тој миг, додека сe уште бев во авионот, се наоѓаше на само илјада метри под висината на која бев јас. При таа помисла ме обзема страв, ми се стегнаа градите и ми надојдоа мислите за тоа како сето ова започна.

Иако беше пред многу години, имав свежи сеќавања на притисокот кој го имав од страна на мојот зет Златко Пејковски да му се придружам во неговото редовно искачување на преубавата скопска планина, Водно. „Никогаш повеќе“, беа моите зборови кои одвај имав сила да ги изговорам на врвот. Во тие мигови, си помислив колку ли е тешко да се искачуваат повисоките врвови. Па сепак, по само неколку минити одмор и испиениот прв планинарски чај кој ми ја поврати силата, го прашав кога ќе дојдеме повторно.
Се присетив и на радоста која ја имав по искачувањето со Златко и на Солунска глава, Кораб, Пелистер, Караџица, Титов Врв. Се присетив и на Таневски Мирослав со кој ги започнав подготовките за моето прво искачување на планина надвор од Македонија повисока од 5000м, легендарниот, библиски Арарат. Златко и Мики беа мои придружници и во подготовките за искачувањата на Елбрус – 5642м, Аконкагва- 6962м и Музтаг ата – 7546м.

Преку прозорецот сe уште го гледам Еверест, а во раката ја држам амајлијата – македонско знаменце - која ми ја даде Претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, професорот Јовица Угриновски со зборовите, “сакам по експедицијата повторно да ми ја вратиш“. Во целост ја разбрав мудроста на оваа порака.

Поддршката од личност со толку големо искуство и познавање на психологијата на човечкиот ум ми ја зголеми довербата во моите психофизички способности и ми значеше многу повеќе дури и од обезбедените финансиски средства од негова страна, без кои секако немаше да се реализира оваа експедиција.

По неколкудневна аклиматизација на висини до 5000м на 16-ти април стигнавме во базниот логор кој се наоѓа на височина од 5200м. Место како од бајките, на сите страни како ѕидови надвиснати врвови повисоки од 6000м, а меѓу нив, од глечер кој се топи, протекува река која е единствениот извор на неков звук во овој божествен мир. Во позадина, пак, нанижани безброј зелени глечерски езерца, а позади нив, болскоти со сета своја грандиозност најголемиот планинарски храм, Еверест или како уште го викаат непалците Сагармата или тибетанците Чомолунгма. Си поставив само едно прашање: ќе ја имам ли таа привилегија да ја почуствувам магијата која ја зрачи највисоката точка на планетава.

Вистинско задоволство е движењето во должина од 12 км, колку што изнесува растојанието од базниот логор до “IBC - intermediate base camp”, кој се наоѓа на висина од 5800м. Напредувањето е релаксирано, без многу напор, но заради големата височина се чувствува мал притисок во градите. Кампот е сместен под глечерски ледени карпи, издигнати над шаторите како катедрали високи по неколку десетици метри. Тлото под шаторите е од лед и поради топењето, во ноќите се чуствуваат мали потреси кои го отежнуваат и онака тешкото заспивање поради висината и студот. По непреспиената ноќ, се вративме во базниот логор, со што заврши првата аклиматизација. По два дена одмор, повторно се упативме кон “IBC” со цел продолжување на аклиматизацијата до следниот висински камп ”ABC - advance base camp” кој се наоѓа на височина од 6400м.

Растојанието помеѓу ”IBC” и” ABC” изнесува 13 км и во целата должина движењето се одвива по непрегледна река од глечер кој се спушта од самиот врв на Еверест. Странично, лево и десно, истата глетка - високи ледени карпи кои небаре имаат функција на ѕидови. ”ABC” кампот е местото од кое се одвива целата стратегија околу напредувањето во аклиматизацијата како и можностите и начинот како да се стигне до врвот. Тука останавме три дена. На оваа височина од 6400м и покрај тоа што сме во мирување, чувствував како енергијата ми испарува од телото. Се вративме во базниот логот без да застанеме вo ”IBC” и за 8 часа поминавме растојание од 25км. На височина од 6400м до 5200м, тоа е вистински подвиг.

По неколку денови одмор во базниот логор, бевме навидум закрепнати, иако прашање е колку навистина може да се обнови енергијата на височина од 5200м. Се вративме во ”ABC” каде минавме мошне активни три дена, исполнети со алпинистички тренинзи за подобрување на вештините за користење на јажиња и разни алатки. По ова, се упативме кон кампот број 1 или уште наречен “North Col” кој е на висина од 7000м.

Од тука започнува правиот тест за психофизичката издржливост на секој поединец. Висинската разлика помеѓу двата кампа е 600м, а патот помеѓу нив е скоро вертикален, па од безбедносни причини цело време бевме обезбедени на јаже. Се движевме вертикално по распуканиот глечер, кој од ова место почнува да се спушта кон долината. Тука постои најголема опасност од лавини. Сe уште беа видливи расфрланите огромни ледени карпи испомешани со снег од лавината која неколку дена пред тоа си ја зема и својата прва жртва. Вистинско искушение е да се прерипуваат на неколку места малите процепи а поголемите со несигурни чекори ги поминувавме преку метални скали.

Слушнав од руските водичи, кои веќе повеќе години се присутни овде, дека патот до “North Col” заради раздвижувањето на глечерот никогаш не е ист. Тоа го видов веќе следниот ден, по бессоната и студена ноќ помината на височина од 7000м. При враќане кон ”ABC”, поради појава на нов широк процеп, моравме во целост да го менуваме правецот на движење. Со искуството од “North Col” беше заокружена и предвидената аклиматизација. Следеа неколку денови одмор и закрепнување во базниот логор и припрема на опремата која се користими за искачување на самиот врв.

На 13-ти мај, по поминати 34 дена во аклиматизирање, мотивирани од предизвикот за искачување на највисокиот врв, го напуштивме базниот логор и преку “IBC” стигнавме во “ABC” каде, заради неповолните временски услови, останавме 8 дена. На 21ви мај поради предвидените поволни временски услови, организаторот на експедицијата ја донесе одлуката да се упатиме кон висинските кампови. Утринскиот ладен воздух во “ABC” беше исполнет со звуците на молитвата и ароматичните средства кои ги користи будистичкииот монах дојден во кампот да ни посака лесно и среќно искачување на врвот. Будистичката молитва беше во склад со моите религиозни убедувања и психички ме освежи, давајќи ми дополнителна енергија за она што допрва следеше.

Го напуштивме кампот и се упативме кон ”North Col” каде поради претходната аклиматизација на оваа височина, ноќта ја поминав малку полесно. Пред да го напуштиме овој камп и да се упатиме кон кампот бр. 2, кој се наоѓа на височина од 7700м, за првпат се сретнав со шерпасот кој ќе ме придружува до самиот врв. Неговото име е Биркази. Го добиваме и првиот услов за искачување кон врвот - дозволеното време за искачување од првиот до вториот камп да не е повеќе од 5 часа. Кој нема да го исполни овој услов нема да му биде дозволено да оди повисоко и ќе биде вратен без нова можност за искачување на врвот. Јас тоа растојание го поминав за 3 часа, со што бев најдобар во групата. Ноќта на 7700м ја поминав со боца со кислород. Истата ја користев во текот на целата ноќ, пуштена само на 0,5 литри на час. Уште една крајно студена ноќ во која температурата во шаторот со сигурност изнесуваше околу -20 целзиусови степени. Ова секако беше долга и во целост бессона ноќ. Наутро го подесивме количеството на кислород на 4 литри и заминуваме кон последниот камп бр. 3 кој е на височина од 8300м. Ја поминавме висинската границата од 8000м со предупредување од рускиот водич Сергеј Ларин дека навлеговме во “зоната на смрта” давајќи ни препорака да го нормализираме дишењето. Тоа беше само еден од советите кои ги добивавме од страна на Сергеј во текот на аклиматизациониот период, а кои се однесуваа на тоа како да се однесуваме на височина над 8000м. Останатите совети ги повторував во себе и ги применував.

Со поминување на границата од 8000м или како што знаеме да ја нарекуваме ние планинарите ”граница од соништата” имав прекрасно чувство на среќа и триумф, но набрзо потоа, во мене навираше следната желба, крајната висинска граница од 8848м за која нема да морам долго да чекам. Во кампот бр. 3 пристигнав околу 17h изморен и без енергија, со преостанати само околу 5 часа време за одмор. Легнав во шаторот воопшто и не вадејќи ја маската за кислород. Само го поместив регулаторот на 0,5 литри на час. Се обидов малку да се освежам со помислата дека се наоѓам на 8300м. Често на патот кон таквите висини се што слушате е вашето тешко и споро дишење, измешано со звукот на ветерот, и тапо-остриот звук на дерезите кои со секој чекор длабоко се зариваат во заледените снежни површини присутни само таму, во вонземските сфери. Тоа секако ми даде мала доза на гордост, која веднаш ми го забрза крвотокот. Конечно се опуштив. По некое време Биркази од ранецот извади и ми подаде дехидрирано пилешко месо. Ми напомна дека тоа мало парче месо ќе биде нашиот извор на енергија се до пристигнувањето во пониските кампови. Тоа значеше дека наредните 24 часа ќе бидеме само на чај.

Недоволно одморени во 22h бевме спремни за последниот предизвик, искачување на врвот. Групата ја сочинувавме четворица планинари, две дами, едната од Полска другата од Русија, еден член од Полска и јас, четворица шерпаси и водичот Сергеј. Временските услови не ни беа наклонети. Имавме обилни врнежи од снег и ветер. Нема откажување на стотина метри од врвот. После поминати педесетина дена на планината, никој не ни помислува на такво нешто. Просечното време за искачување до врвот во поволни временски услови е околу 6 до 8 часа, но нам, во овие временски услови, ни беа потребни 11 часа. Тоа беа тешки и долги единаесет часа пробивање низ повеќе од половина метри нов снег и ветер. Се обидував да го тргнам погледот од провалиите кои се долги стотина и повеќе метри, а патеката за одење не поголема од 30см. Во 09h наутро по кинеско време стасавме на врвот, преплавени од чувството на среќа и несекојдневното достигнување. Заради влошувањето на временските услови немавме многу време за задржување на врвот. По направени неколку фотографии започнавме да се симнуваме надолу.

Кога човек е во планина тој станува талкач низ вечноста, орел кој не стивнува та бескрајно долго кругови исцртува по бесконечното синило и го сече воздухот тивко, невидливо. Круг еден, па втор, па трет, па неброен. Тука, на највисокиот врв на земјата, небото е сето само твое, обесено горе над покривот на светот. Со секој твој круг се раѓа по уште еден зрак светлина, по уште еден нов сјај и болскот и се доовечнува вечноста. Таму горе, планината ти говори и ти вели „обмисли го својот лет вечен небески номаду, познавај ги своите движења, прати го секој твој здив, следи го ритамот на вдишувањето и издишувањето и полека ослушни го твојот пулс и шумот на сопствениот крвоток”. Кога си во планина, чувствуваш како низ тебе струи вечноста, како со тебе се ѕвездите, како со секое твое вдишување раснат тревите, се раѓаат галаксиите и сиот универзум пулсира во тебе, токму онака како што пулсираше во првите мигови од твојот живот. Оној кој бил еднаш в планина, ја добива вечната мерка за се и за сиот живот понатаму. Сите нешта, сиот свет се менува кога еднаш ќе се погледне одозгора, од планината, од Врвот. Само од Врвот може вистински да се доживее минливоста на нештата и безначајноста на она што таму долу ни се чини пресудно. Планината ви говори, таа влева самоувереност, возвишеност и смиреност на орел кој со раширени крилја исцртува кругови по бескрајното синило.

Го оставам врвот позади мене, таму оставам и дел од мојот дух кој ќе биде вечно присутен на највисоката точка на светот.



Текст и Фотографии: Дејановиќ Здравко
14.08.2010

Измени: Отстранети се дел од фотографиите по барање на авторот на текстот
30.08.2010



Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Еверест 2010

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ

Ве известуваме дека Ориентациониот клуб Трансверзалец Скопје на 26.03.2011 год.- Сабота на локацијата Градски парк ...

СПОРТСКА ОРИЕНТАЦИЈА

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ ВО СПОРТСКА ОРИЕНТАЦИЈА 09.11.2010 ...

Шарски води 2009

Убаво време и добро расположение. Па ни требаше ли уште нешто?! Уште на самиот старт ...

Водно 2009

Резултати од Првото коло на Лигата на Македонија во Ориентација одржано на 12.04.09 на Водно.

Алпинистичко училиште

Во првиот викенд од февруари започа со работа едногодишното алпинистичко училиште ...

Титов врв 2008

На 20 декември 2008 година се собравме во пл. дом „Смрека“, 15 планинари од Тетово, Скопје и Штип ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани