|
Приказната раскажана многу одамна, од времето на старите Инки, што веќе е легенда за „мајката на своето чедо“ за врвот Хуаскаран, што во превод би значело величествен, им беше позната на македонските алпинисти од експедицијата „Анди 82“, а имаа и прилика уште еднаш да ја слушнат во средбите соо југословенскиот амбасадор во Перу, Димчевски, со конзулот Космач и советникот Карајанов и со претседателот на перуанската асоцијација за андизам и туризам. Легендата вели дека Хуаскаран, со врвовите Кордилера бланка се мајката со своите деца, а Кордилера негра и нејзиниот маж со љубовниците расеани околу него проколнати од мајката, која со продолжена рака во вид на седло го држи своето чедо. „Првиот впечаток по доаѓањето во подножјето Јангуноко е дека е ова прекрасна разиграна природа со жив свет во кој има животни и птици на височина од 4000 мнв. Меѓутоа, кога ќе минат ден или два впечатокот се менува. Чиниш природата како да стои, како ништо да не се менува, дури и облаците се исти. Стојат над белиот врв, не се поместуваат. На едниот дел на белата планина (мајката) со сиот свој сјај блеска, а под неа се наоѓа глечерска долин со двете глечерски езера. Имаш чувство дека се работи за декор од цртаните вестерн филмови“, ги пренесуваат првите импресии членовите на македонската експедиција, кои ги освоија трите врвови на Хуаскаран на огромниот масив на Андите. Членовите на експедицијата, 15 момчиња од 7 планинарски алпинистички друштва од Македонија, уште се под импресијата на големиот потфат и по минатите 45 денови живот во услови во кои неподготвен и неаклиматизиран човек не би можел да опстане без кислород повеќе од 30 секунди. Вложениот едногодишен труд, илјадниците часови тренинг, големите напори донесоа резултат. Прочитаните томови литература за запознавање со приликите и условите на Андите, контактите со луѓето, кои еднаш биле таму, комплетната коресподенција, големата волја и елан на сите членови, придонесоа акцијата успешно да заврши. Југословенската трибојка и македонското знаме се вејат на врвовите на Хуаскаран високи 6 768 и 6 600 мнв. „Сега се изгледа лесно, како да било пријатен сон. Возбудливо интересно како во приказна. Величествената планина на овој начин не импресионираше но не прими“, зборуваат македонските алпинисти, кои првпат се запознаа со овие предели во далечниот Перу.
„Тренинг“ за Хималаи
Како се роди идејата да се оди на Хуаскаран? Тоа е дел од планот и програмата на Планинарскиот сојуз и комисијата за алпинизам, каде Хуаскаран стои како трета етапа кон конечно поставената цел, искачување на Монт Еверест. По Килиманџаро дојде Хуаскаран, врв висок 6 768 мнв, што би рекле како тренинг и увертира за потфатот што треба да го донесе освојувањето на врв висок над 8 000 мнв. „Патот од Скопје до Лима и оттаму до месноста Јунгај мина во очекуваниот ритам и атмосфера. Динамиката беше запазена. Искуставата од разговорите со луѓето, кои не пречекаа во Лима ни беа добредојдени. Стигнавме до месноста Јангуноко во подножјето на Хуаскаран на височина од 4 000 мнв каде беше поставен базниот логор во глечерската долин во која како две очи стојат две глечерски езера. Тука минавме два дена во испитување на теренот. Престојот ни беше потребен за ниска аклиматизација со блиските излети на височина до 5 000 метри. Во периодот од 15 до 25 јуни почна експедициската обработка на американскиот смер на северниот врв на Хуаскаран до 6 000 метри“, раскажуваат алпинистите. „Деновите минуваа во интензивна работа во услови што со обичен збор и не можат да се искажат на температури од нулата до минус 20 степени, со ветер, снег. Времето не изненади, очекувавме тоа да ни биде „сојузник“. Наидовме на лоши временски услови, на облачно ветровито време со врнежи од снег. Меѓутоа, не ни беше тешко да ги извршуваме поставените задачи и да одиме кон нашата цел за која сите ние сонувавме толку време. Во периодот од 25 до 28 јуни се искачивме на врвот Чопикалки на 6 400 мнв. Радоста на Чопикалки ја почуствуваа деветмина од експедицијата. Чопикалки е врв што е поврзан со Хуаскаран со „седло“ високо 5400 метри и што се смета за трет врв на овој масив“.
На 6768 метри
По првиот успех, идниот ден со комплетната и индивидуална опрема, која патем речено е тешка од 15 до 20 кг. друштвото од 13 членови тргна кон главната цел на јужниот врв на Хуаскаран. Ниските температури, глечерите некои длабоки и по 600 метри, не беа пречка за смелите момчиња од Македонија. „На 3 јули го освоивме јужниот врв на Хуаскаран - 6 768 метри“ - стои во дневникот што уредно е воден секој ден. Прегратки радост, поставување на југословенското и македонското знаме, задолжително сликање за спомен, но и доказ за остварениот потфат. Целта е исполнета. Тешко е да се искачуваш, но уште потешко е да слегуваш назад во логорот што беше обезбеден на височина од 5 800 метри.Сега се изгледа поинаку. Се чини се е лесно. Ќе ни остане за спомен на сите искачувањето на западниот раб на замрзнатиот наклон од 60 степени, што одалеку наликува на замрзнат ѕид.“ Денот на борецот 4-ти јули е минат на височина од 5 800 метри во работа и подготовка за новото искачување на северниот врв на Хуаскаран - 6 600 метри. „Донесовме одлука на овој пат да тргнат само четворица од експедицијата. Успеавме, се искачивме, го освоивме и овој врв. Годинава сме единствени кои поставиле знамиња на овој врв, кој не е толку атрактивен па ретко кој по искачувањето на јужниот врв, се решава да стигне и до серверниот врв.“ На 5 јули „завршена е и таа формалност“, освоен е и вториот врв на Хуаскаран. „Целта е исполента“ - стои во дневникот. Тоа е крај на приказната. „Успехот се должи на дисциплинираниот колективен живот без кој нема реализација на планот. Бевме 15, а живеевме како еден. Кога ќе се оствари тоа ништо не е тешко, нема несовладливи пречки.“ Во периодот од 8 до 11 јули расположени ведри и одморни, се разбира посебно среќи од постигнатио успех, членовите на експедицијата тргнаа за Лима. Слободниот термин беше искористен за запознавање со природните богатства и знаменитостите на оваа земја и во обиколка на позначајни места, што беа посебно импресивни за сите членови на составот. На 19 јули експедицијата тргна за Југославија, веќе пред нив стигна веста дека е постигнат голем успех, дека се освоени врвовите на Хуаскаран. Експедицијата што скромно беше испратена на скопскиот аеродром, по 45 денови беше свечено пречекана, што беше последната точка од приказната за експедицијата „Анди 82“, која уште долго ќе се раскажува како еден од позначајните успеси на македонскиот спорт, посебно на алпинизмот што дури сега по толку години активност и работа во анонимност одеднаш стана актуелен.
Македонската алпинистичка експедиција „Анди 82“ ја сочинуваа 15 членови кои минаа низ трите селекции и напорните подготовки, од првата група на 60 пријавени алпинисти. Во првата селекција списокот беше сведен на 28 членови, во втората на 18 и конечно беше одреден составот од 15 членови. Успехот го постигнаа: Благоја Лазаров, Димитар Илиевски и Ѓорѓи Костовски („Пелистер“, Битола), Борче Јовчевски („Солунска глава“, Титов Велес), Љупчо Попстефанија („Галичица“, Охрид), Слободан Јовановски и Панче Ѓорѓиевски („Драчево“, Скопје), Васил Франговски („ОХИС“, Скопје), Иван Жежовски („Пеони“, Скопје), Цветан Павловски, Иво Ивчевски и Јован Попоски - водач на експедицијата („Матка“, Скопје), Горазд Росоклија - лекар, Златко Пановски - економ, Слободан Стојков - снимател.
Извор: Напис од „Нова Македонија“, 24.07.1982 год.
филм за експедицијата
|
|