Фејсбук група

ИЗВЕШТАЈ ОД ИСКАЧУВАЊЕТО НА UHURU PEAK 5896 МНВ НА КИЛИМАНЏАРО


Искачувањето на врвот започна на 17 јануари кога заедно со Српската експедиција „НАТУРАЛИМИТС“ од Белград преку Лондон тргнавме за Најроби. Во главниот град на Кенија стигнавме на 18 јануари во вечерните часови и се сместивме во хотелот Херон. Истата вечер беше одржан прием од сопственикот на хотелот каде бев претставен како член на Македонска планинарска федерација и македонското знаме беше поставено пред влезот на хотелот покрај сите други знамиња од државите кои престојуваа тука, а имаа за цел искачување на врвот. Навистина бев горд што како единствен претставник од Македонија можев бидам рамо до рамо со многу врвни светски планинари и алпинисти и радосен од фактот што голем број од нив слушнале за нас како земја многу подобна за планинарски спорт. Навистина таа вечер беше гордост да си Македонец во тоа елитно друштво и самиот себе си реков дека сега е вистинскиот момент да се покаже колку Македонскиот планинарски спорт може да достигнува небесни височини и да потврдам дека успесите на нашите алпинисти од минатите години не се само случајност.
На 19 јануари тргнавме за градот Моши во Танзанија од каде започнуваше шестдневното искачување на врвот. Бевме топло дочекани од нашите домаќини во градот кои веднаш се погрижија за нашата опрема да биде транспортирана до Марангу Гејт, местото од каде се влегува во Националниот парк. Дента беше слободен ден кој го искористивме за разгледување на градот.
Следниот ден во 7 часот наутро се упативме кон Марангу Гејт и кога целата екипа од девет члена и 22 носачи и кувари беше подготвена се упативме кон Мандара Хат, првиот висински логор на 2780 мнв. Се движевме бавно со чести паузи кои ги користевме за пиење вода и конзумирање храна. На овие височини водата и храната се двете основни работи кои се најважни за да се истрае до крајот. После неколку часовно пешачење стигнаве до првиот логор каде веќе не чекаше ручекот, кој навистина беше одличен, висококалоричен и ни ги надополни изгубените калории. Остатокот од денот го поминавме во лесни аклиматизациони прошетки и разменување искуства со другите експедиции.
После вечерата ги подготвивме ранците за другиот ден и отидовме на спиење бидејќи утредента не очекуваше долг пат од 11 км. или 1200 мнв.
Утрото на 21 јануари после доручекот се упативме кон Хоромбо Хат. Се движевме многу бавно за да не трошиме многу енергија која навистина ни беше потребна за завршниот ден. После 8 часа пешачење стигнавме до вториот камп каде повторно нашите носачи го имаа подготвено ручекот. Се чувствуваше замор на лицата на сите нас но сепак повторно остатокот на денот го искористивме во аклиматизациона прошетка. Следниот ден беше ден за лесен тренинг и требаше да се движиме према планината Монт Мавезни до 4600 мнв. После редовната процедура околу 21 часот отидовме на спиење.
Утрото на 22 јануари во 9 часот се упативме кон Мавензи,планината спротивно на другиот крај од Килиманџаро. Се движевме многу бавно бидејќи на таа висина се чувствуваше недостатокот на кислород. Во подножјето на планината стигнавме околу 13 часот. После мала пауза полека тргнавме за назад во кампот на Хоромбо Хат. Во кампот веќе можеше да се сретнат и луѓе кои се враќаа од врвот така да попладнето го поминавме распрашувајќи се за тоа што не очекува во наредните два дена. Следниот ден беше предвидено да се пешачи до Кибо Хат а вечерта да се напаѓа на врвот.
Станавме во 7 наутро, ги зедовме само најпотребните работи и тргнавме кон последниот висински камп на 4770 мнв. Пешачевме 7 часа во услови на многу топло време кое многу ни го отежнуваше пешачењето. Во Кибо Хат се сместивме во дрвени бараки каде требаше да се одмараме и психички да се подготвуваме за тоа што следува вечерта. Јас лично не бев премногу возбуден, напротив бев многу самоуверен дека ќе успеам така да времето го поминав во аклиматизационен тренинг до 5000 мнв и конзумирање на многу течности и храна кои на овие висини се основни продукти за да се спречи несаканата висинска болест. Околу 20 часот ги подготвив сите работи кои се потребни за искачувањето и решив малку да се одморам. На тие височини невозможно е да се заспие но сепак секоја секунда е драгоцена и корисна за да се подготви организмот на тоа што го очекува.
Во 23 часот сите бевме на нозе, сите нестрпливи и полни со желба да се тргне кон врвот да се победат тие последни 1200 мнв, и секој да го развиори знамето на својата земја.
Се движевме многу бавно со чести паузи кои ги користевме за конзумирање вода и храна.Се чувствуваше се поголемиот недостаток на кислород, а светилките во ноќта кои во далечината се гледаа како точки на небото кажуваа дека многу, многу далеку е целта. Веќе почнаа да се откажуваат многу планинари кои не можеа да го издржат големиот недостаток на кислород. Јас се движев бавно и во добар ритам со чести паузи и поучен од искачувањето на Монт Блан можам да кажам дека на најдобар можен начин се движев кон целта. Теренот беше доста стрмен и песоклив што искачувањето го правеше вонредно тешко. Со самото разденување бевме свесни дека врвот е многу блиску. Во 6 часот утрото бевме на Гилман Поинт на 5601 мнв. Од ова место јасно се гледа врвот, а тоа значи и зголемен адреналин и сигурен успех. Остануваа уште 2 часа до триумфот. Последните метри ги поминав буквално во спринт, веке не осеќав никаков замор. Веднаш го истакнав Македонското знаме и неколку пати се фотографирав со него.
Голем беше моментот кога еден член на руската експедиција ми пријде, ме прегрна и ми рече: „Браво браќа Македонци.“ Навистина бев во транс, пресреќен што долгогодишните подготовки вродија со плод, пресреќен што повторно Македонец е на покривот на Африка.
После 15 минути поминати во нирваната што ја овозможува само Килиманџаро, тргнав назад кон четвртиот висински камп. Неколку часа беше слегувањето, тешко исто колку и качувањето но повеќе не беше ни важно дали е тешко или лесно. Јас бев свесен дека направив едно големо дело, дело за кое треба големо срце, зошто да се одлучиш да заминеш од дома илјадници километри во некои непознати предели каде демнее опасност и каде царуваат студот и мразот, а се со цел да го истакнеш знамето на својата татковина, ме правеше многу среќен и горд.
Веднаш после самото пристигнување во кампот бев дочекан од многу планинари кои од срце ми честитаа за успехот. Почувствував голема желба нашето знаме да го развиорам на некој повисок врв, почувствував веднаш дека можам и повисоко ....... и можам! Хималаи и Аконкагва се следниот предизвик ..............!!!!

Поглед на Килиманџаро од Монт Мавензи

Во подножјето на Монт Мавензи

На видиковецот на Хоромбо хат

Панорама од Хоромбо хат

Македонското знаме на UHURU PEAK

Пристигнување на останатите членови на експедицијата

Поглед од Гилман поинт кон Кибо хат


Текст и фотографии: Танески Мишко

11.02.2009



Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Еверест 2010

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ

На 09.11.2010 (вторник) се организира меѓународен натпревар во Спортска ориентација на локацијата Средно Водно - Марково крувче ...

Шарски води 2009

Убаво време и добро расположение. Па ни требаше ли уште нешто?! Уште на самиот старт ...

Водно 2009

Резултати од Првото коло на Лигата на Македонија во Ориентација одржано на 12.04.09 на Водно.

Алпинистичко училиште

Во првиот викенд од февруари започа со работа едногодишното алпинистичко училиште ...

Титов врв 2008

На 20 декември 2008 година се собравме во пл. дом „Смрека“, 15 планинари од Тетово, Скопје и Штип ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани