|
Во септември 1998 год. беше изведена македонската експедиција на највисокиот врв на Килиманџаро и Африка, Ухуру Пик 5895 мнв. Иницијативата за оваа експедиција потекна од ПК „Љуботен“ - Тетово и беше прифатена од повеќе планинари од Македонија. За водич на експедицијата беше избран Живко Темелковски од ПСК „Бистра“ - Скопје кој што беше најискусен и еднаш претходно веќе го имаше освоено врвот. Живко Темелковски пред себе си имаше поставено цел да го истакне македонското знаме со вистинските уставни димензии на највисоките врвови на светот, и ова беше првата македонска експедиција која што го истакна актуелното (тогаш ново) знаме на РМ на кровот на Африка. Експедицијата ја сочинуваа: Живко Темелковски од ПСК „Бистра“ - Скопје, водич и организатор; Драшко Атанасоски од ПК „Љуботен“ - Тетово, доктор; Ристо Георгиев од „Кожуф“ - Гевгелија, снимател; Зоран Тодоров од ПК „Љуботен“ - Тетово, иницијатор; Ранко Антов од ПСК „Бистра“ - Скопје; Златко Каракамишев од ПД „Дуб“ - Богданци. Пред поаѓањето мораше да се вакцинираме против жолта треска во Белград бидејќи во Скопје немаше таква вакција, и моравме да земаме таблети против маларија, една неделано, две недели пред поаѓањето за Африка, за време на престојот таму и неколку недели по враќањето. Тргнавме со воз од Скопје до Белград каде што ни се придружи една планинарка од Србија, Јелена, потоа од Белград со авион до Париз, од таму со друг авион 8-9 часа лет до Најроби, Кенија. Во Најроби не чекаше нашиот локален водач од Танзанија со кого што претходно ја имавме договорено турата и цената, и кој што ни ја имаше организирано комплетно целата експедиција со сите патувања, ноќевања, исхрана, влезници, водичи, носачи, се до враќањето на аеродромот во Најроби и велгувањето во авионот на враќање. Треба да се наведе дека ваквата експедиција треба да се организира пред поаѓање од дома во договор со туристичка агенција преку интернет и факс, инаку ако тоа се прави после пристигнувањето во Африка организирањето е многу полошо, многу поскапо и се губат многу повеќе денови. Исто така треба да се знае дека е подобро да се ангажира агенција од Танзанија (на чија територија и се наоѓа врвот), а не од Кенија затоа што е многу поскапа.
Од Најроби со автобус преку граничниот премин Наманга пристигнавме
во градот Аруша во Танзанија, каде што чекавме еден ден
за да дојде нашиот ред за искачување.
Искачувањето почнува во местото Марангу на 1650 мнв. каде што се мери опремата и за секои 15 кг се добива по еден носач, а на секои 2-ца планинари по еден водич. Покрај тоа за секоја група се добива по еден главен водич и еден готвач. Од Марангу до првиот висински логор Мандара на 2725 мнв се пешачи околу 4 часа низ џунгла со многу интересни предели, висечки мостови и сл. Во првиот висински логор Мандара може да се ноќева во бунгалови или во сопствени шатори, а околу логорот стражарат ренџери со калашникови заради опасните животни од џунглата. Познат е случајот на носач којшто бил изеден од лав на надморска висина од околу 3500 мнв. Следниот ден се пешачи 6-7 часа до второт висински логор Хоромбо на 3800 мнв. На овој дел од патеката џунглата преминува во пониски растенија меѓу кои најкарактеристични се ендемските Senecia Kotoni и Lobelia Kilimandzari. Пред завршувањето на овој дел од рутата и пристигнувањето во Хоромбо некои од нас за прв пат ја почувствуваа висинската болест, преку забрзани засилени отчукувања на срцето, големи главоболки кои се смирија во логорот со мирување и по неколку аналгини. Низ логорот можеа да се забележат ставорци со карактеристични 3 линии на грбот (three stripe rat) и огромни црни гаврани коишто ги ловеа. Од Хоромбо до третиот и последен висински логор Кибо Хат на 4750 мнв се пешачи околу 8 часа по каменест предел. Пред пристигнувањето во Кибо за прв пат се сретнавме со снег дури на 4700 мнв. Пл. дом Кибо се наоѓа на самото подножје на стрмниот масив Кибо (во превод Кибо значи Бела капа), којшто всушност претставува кратер на големиот изгаснат вулкан. Од Кибо Хат на завршното искачување кон врвот тргнавме на 23.09.1998 год. 45 минути после полноќ, во целосна темнина со челните светилки и по многу ниска температура. Околу 6:30ч го завршивме стрмното искачување и совладавме околу 1000 мнв и пристигнавме на Гилмановата точка (Gilmans Point) на 5700 мнв. којашто се наоѓа на сртот на планината односно на кратерот на големиот вулкански отвор. Од таму до највисоката точка на планината и воопшто на континентот Африка, пешачевме по сртот околу вулканот нешто помалку од 2 часа. Конечно на 23.09.1998 год. меѓу 8 и 9 часот наутро сите членови на нашата македонска експедиција, како и сопатничката од Белград, се искачија на целта, највисокиот врв на Килиманџаро и Африка, Ухуру Пик на 5895 мнв. На врвот поминавме околу 1 час во делење на големата меѓусебна радост, фотографирање и одмор. Во целат глетка од врвот доминира огромниот глечер којшто се наоѓа во непосредна близина на самиот врв, но којшто за жал ги намалува своите димензии. При враќањето од врвот го поминавме третот логор Кибо и продолживме кон вториот Хоромбо каде што ноќевавме. Следниот ден се спуштивме до подножјето во Марангу, каде што беше и појдовната тошка, неописливо среќни и духовно многу побогати од прекрасните искуста што ни ги понуди оваа експедиција.
|
|