|
Двајцата смели алпинисти - скопјанецот Жарко Гостовиќ и сплиќанецот Анте Бедалов, по 86 часови бескомпромисна борба со природата - први се искачија по најтешката насока на масивот Проклетија (врвот Копје 1300 м.)„
Во мојата богата алпинистичка кариера често бев, во речиси безизлезни ситуации. Но верувам дека најголемото искушение е во моментот кога стената ќе „оживее“. Тогаш - враќање нема! Постои само еден единствен излез - врвот! Секое друго решение води во неминовна смрт ...“ - Валтер Бонати, најславниот алпинист на светот.
Мајакаранфилит - Планина на каранфилите - долго, како света неприкосновеност го чуваше својот најубав, и до неодамна, неосвоив „каранфил“ - врвот Копје, дамнешен сон на многу југословенски и европски алпинистички јунаци. Им се спротивставуваше со сета суровост и разурнувачка моќ, својствена само на природата; беше немилосрдна, но сепак - толку привлечна за оние, најсмелите алпинисти, можеби заради магичната еуфоричност на - неосвоеното! - Кога се чинеше дека сите напори да се освои насоката Копје 1 ќе останат залудни - сосема неочекувано во Скопје пристигна телеграма со куса содржина: „Копјето е скршено ... Жарко и Анте ...“. Тој топол ден, 18 јуни, долго ќе го паметата членовите на скопскиот алпинистички отсек, како единствено и неповторливо доживување, како блесок на најголемата победа во кусата историја на нивното скромно постоење. А актерите што го освоија врвот - скопјанецот Жарко Гостовиќ и сплиќанецо Анте Бедалов? ...
ДЕН ПРВ - ДЕН ПОСЛЕДЕН
Село Гусиње, околу 15км оддалечено од насоката Копје 1. Дожд. Малата експедиција во состав Жарко Гостовиќ, Анте Бедалов, Драгослав Марковиќ и Душанка Митевска се пробивала низ месноста Трета ливада и понатаму - до под стената, почетокот на насоката наречена Доњи Котао. - Их зарем сега ли ќе заврне - резигнирано им зборувал Жарко на другарите, додека го подготвувале логорот. Очигледно мислел дека - не ќе можат да се искачуваат ... Но, среќата ги следи само храбрите, вели старата изрека. И навистина, 15 јуни осамнал сончев и чист како солза, невообичаено за овој месец од годината ... Анте и Жарко влегле во насоката, а Драгослав и Душанка останале под стената за да одржуваат со нив „токи-воки“ радио врска и - да веруваат во нешто во кое едвај верувале и - актерите.
МИГОВИ МЕЃУ ЖИВОТОТ И СМРТТА
По кој знае кој пат во историјата почнала уште една немилосрдна и бескомпромисна борба со природата. Траела 86 долги часови, полни со неизвесност и скриени опасности, што демнат само еден непретпазлив миг меѓу животот и смртта; часови на пеколни маки за секој милиметар од карпата, кога животот е толку ништожен, а човекот - беспомошен ... Пречка, мазна плоча, превисен дел, тесен жлеб, пукнатини полни со земја. Слободно искачување, потоа употреба на врвна техника (двојно јаже, скалички, кајли, жилет-клинови, автоматска сопирачка клатна), повторно пречка, па превис ... А потоа - ноќите. Студот што ги скочанува дланките, нозете, телото. Но и - размислувањата! Стравот! Чувството на бесконечен круг - без почеток и без крај. И, конечно - ветувањето да се успее по цена на најголем ризик. Зашто, желбата била поголема и - посилна од нив ...
ВРАЌАЊЕ - НЕМА
- Кога се искачив до на 200 метри под врвот - заплакав од радост! Како да добив натприродна сила. Дотогаш не можев да зборувам, а во тој момент викав на цел глас - се сеќава Гостовиќ на најсреќниот но и најкритичниот момент од искачувањето. ... До целта ги делеле 5 должини на јажето. Во вакви ситуации искуството и психичката стабилност се решавачки. Зошто? Многу познати алпинисти умирале на дофат на крајната цел, опиени од близината на победата. Правеле катастрофални грешки и - завршувале во - бескрајните бездни. Затоа Гостовиќ и Бедалов не форсирале, туку бивакувале уште една ноќ. Наредниот ден ја исфрлиле сета, во моментот, непотребна опрема: ранец, џемпери, вреќе за спиење, клинови и сл. и - само по маички, спокојно и рутинирано се искачиле на врвот ... Навистина, Мајакаранфилит својот најубав „каранфил“ им го подарила на единствените момчиња кои него и го - заслужуваат не само поради фанатичната храброст, туку и поради безмерната љубов кон алпинизмот на чиј пиедестал го положиле сето она што им значи смисла на живеењето ...
|
|