| Учесници во експедицијата: Горан Кузмановски - АК “Вертикал” Битола, Р. Македонија Марин Мичинов - Габрово, Р. Бугарија Мариан В’лчев - Софија, Р. Бугарија Петја Колчева Софија - Р. Бугарија Цел на експедицијата: Искачување на Пик Корженевска 7110м, а воедно и прв Македонски обид за искачување на истиот. Во следниов текст ќе се потрудам хронолошки (како дневник) да ви ја опишам експедицијата, и се надевам дека ќе помогне за што поскоро целосно реализирање на оваа експедиција. 26.07.2005. Вторник Тргнав од Битола со редовен патнички превоз Битола – Софија, во 19:30ч бев во Габрово (градот во кој што студирав и таму се запознав со Марин Мичинов) 27.07.2005. Среда Организација на багаж, последна донабавка на храна, селекција и пакување. (оставивме многу багаж заради многупати надминатата дозволена тежина за во авионот) 28.07.2005. Четврток Ноќта во 02.30 ч. Тргнавме кон Варна, околу 06.40ч. сме во Варна на аеродром. Пристигнаа и Мариан и Петја со возот од Софија. И балканска работа, Петја сврши работа овајпат да не плаќаме за дополнителен багаж, само требаше човекот да се почести со виски. Но кога стигнавме во Ст. Петербург ни го раскажаа Рускиот филм, плативме повеќе отколку што треба и тоа со огромни проблеми и расправии. Промена на авион и летаме кон Душанбе (главен град на Таџикистан), авионот е преполн со таџикистанци, се осеќав како на „Битпазар“. 29.07.2005. Петок Ноќта во 01.00ч. сме во Душанбе, не пречекаа од агенцијата која се занимава со транспорт до Базен Камп и не сместија во една доста средена куќа за нивниот стандард. Другиот ден се прошетавме низ Душанбе, карактеристичен муслимански град каде што не видов нити една џамија, (веројатно имаат но не со карактеристично минаре како кај нас). 16.30ч. Тргнавме за Џиргитал (гратчето од каде што оди хеликоптерот до базниот камп) со „мизерно“ руско комбе кое фабрички се произведува само темно зелена боја, и внатре наместо столови има помошни клупи фабрички е предвидено за 7 до 8 патници, но ние се собравме 12 плус голем дел од багажот. Околу 250км пат го поминавме за 9 и пол часа, значи просек околу 25 км/ч, која во споредба со состојбата на патот ни беше и брзо. Како споредба за оној кој бил, патот беше во доста полоша состојба од оној на Пелистер, до “Антената”... 30.07.2005. Сабота Ноќта пристигнавме во Џиргитал и не сместија во една соба на подот како сардини, а багажот со вреќите и армафлексите уште не беше стигнат. Во 11.00ч. се качивме во хеликоптер и тргнавме кон Базен камп (понатаму БК) на глечерот Москвина. Пред мене се исправи величествениот Комунизам Пик 7495м со огромното памирско плато. Многу бев возбуден така да заборавив да го растоварам багажот од хеликоптерот па Марин ме потсети дека тука ќе сме цел месец, а сега да побрзам да го растовариме багажот. Поради наглото качување до 4200м или отприлика околу 3300м денивелација, височината почнавме да ја чувствуваме, таму багажот ни го пренесоа со импровизирано тракторче со корпа, бидејки во тој момент човек не е способен да носи по 50кг на грб. Од книгите кој што сум ги читал за други експедиции некои работи ми беа јасни: Прво дека не смеам да лежам и да чекам да се аклиматизирам, второ да пијам многу течности и дека за ништо не треба да брзам. Така да полека почнавме да се занимаваме околу расчистувањето на простор во базниот камп, подредување на багажот, а поручекта со Петја и Мариан си направивме и мала прошетка над базниот камп. Се задишував на неколку чекори, а пулсот се осеќаше во главата. Вечерта вечеравме во импровизираната кујна и легнавме. 31.07.2005. Недела Сабајлето разбравме дека местото со шаторот каде што сме, било резервирано за Шпанска експедиција кој дента треба да стигне, така да имавме акција за преместување на багажот. Малку се изнервиравме зошто не ни кажаа уште одма но тоа е тоа. Поручекта со лесни ранци го направивме првото излегување кон камп 1 на Пик Корженевска. Преминавме низ „опасните кули“ од глечерот над кампот и продолживме нагоре по стрмни сипари и повремено не многу тешки карпести препреки. Стигнавме до 4560м. и таму стоевме околу 1ч. И се вративме назат. Надолу почна запрвпат откако сме на БК да ме боли главата. Со болки се прибравме во БК а таму пиев течности аспирин и витамини. И ноќта продолжи да ме боли главата, другите си поминаа подобро но тие имаат доста зад себе, а веројатно и позитивно им влијаеше искачувањето на Аконкагва и МекКинли пред неколку месеци, јас последен пат бев на Мон Блан во 2002г. 01.08.2005. Понеделник Се разбудив и главата веќе не ме болеше, испив околу литар какао, денес е планирано да се одмараме па утре спиеме на камп 1. 02.08.2005. Вторник Испивме по малку течности, ги натоваривме ранците со шатори, вреќи, јажиња итн. и тргнавме за камп 1 на 5100м. Овојпат бев во подобра форма иако со многу повеќе багаж. Патот до камп 1 е доста долг и има 900м денивелација за околу 2 и пол часа бевме до местото каде што стигнавме во неделата, потоа патот продолжува со слегување надолу и преминување под „јазикот“, огромен висечки глечер од кој постојано паѓаат замрзнати кули и камења. Потоа искачување по многу стрмни сипари и кулоари од карпи по кој имаше останати фиксирани јажиња кои овај пат не ги користевме бидејќи не знаевме на што се прицврстени горе на сидриштето. Така да се движевме бавно и претпазливо, а одгоре имаше често камени одрони. Стигнавме на 5100м камп 1, имаше доста шатори од други експедиции, едвај најдовме место за нашите кое е барем малку заштитено од евентуална лавина од горе. Главата пак почна да ме боли. Едвај чекав да ги наместиме шаторите и да се одморам. Копав со цепинот и лопатата оти знаев дека ако лежам нема да ми биде подобро, во вакви ситуации знам дека не смее нагло да се прекине со активноста и затоа продолжив... Накрај се сместивме, се напив аспирин и апче за проширување на крвните садови и почнав да конзумирам течности. Петја ни даде апче за забрзување на процесот на мокрење и веднаш се активира, по кратко време се осетив подобар и излегов да се движам и да разгледам како се движи патеката кон врвот, бидејки ова е првото место од каде што се гледа врвот. 03.08.2005. Среда Се чуствував добро, Мариан и Петја решија да останат уште еден ден на камп 1 а јас и Марин се вративме во БК. По пат почна да врне малку снег и беше доста студено. 04.08.2005. Четврток Ден за одмор, но не во буквална смисла на зборот. Со Марин подредивме багаж, зготвивме нешто за јадење и се упативме кон почетокот на реброто Бороткин на Пик Комунизам, патеката по која што се искачија нашите во 1984. Петја и Марин се вратија во БК. 05.08.2005. Петок Станавме сабајлето и имавме гости од Руската експедиција. Се зборуваше за насоките и пиеа Водка. Денес јас и Марин одлучивме да качиме багаж до камп 1 и таму да ноќеваме. Тргнавме околу 11.00ч. Се движевме одлично, пред камп 1 почна да врне снег. Ги расчистивме шаторите, зготвивме малку висинска храна и стоевме во шаторите. Целата ноќ врнеше! И лавинската опасност се зголемуваше. 06.08.2005. Сабота Сабајлето се натоваривме со шаторите и целата опрема и тргнавме низ длабок снег кон камп 2 на 5300 метри. Поминувавме низ стрмен кулоар со натечен мраз, а од новиот снег немаше никаква патека и фиксираните јажиња од претходните експедиции не се гледаа. Доста технички дел, поготово со ранци над 20кг и без фикс. јажиња. Последниот дел беше низ доста стрмна карпа, а имаше фиксирано 5мм јаже. Навистина ми беше страв да се држам за него и решив карпата да ја заобиколам од десно по фирнована падина до нагиб околу 70 степени, само со еден цепин во рака доста се измачив додека излегов на работ, ранецот ме влечеше наназат а фирнот понекогаш не ме додржуваше и пропаѓав до колена. Евентуалното паѓање значеше паѓање до камп 1. За околу 1 и пол час бев на камп 2, 5300м. Таму се одморивме и продолживме кон камп 3, 5800м. Следуваше искачување по доста стрмна падина со нагиб околу 50 степени, препречена со многу пукнатини повеќето скриени од новиот снег и зголемена опасност од евентуални лавини. На некои од пукнатините успеавме да ги видиме фиксираните јажиња кои вообичаено за Русите беа само 5мм дебели, и јумарите едвај се закачуваа (повеќе психолошки). Со Марин се движевме во наврска, многу бавно и претпазливо, а од тешкиот ранец почнав да чувствувам и болки во грбот (не беше како на нашите планини). За околу 3 часа бевме на 5800м. камп 3. Оваа вечер одлучивме да останеме овде па на другиот ден да решиме што понатаму. Шаторот го поставивме во бергшрундот (процепот помеѓу пукнатината и карпата). Ископавме полица во мразот и го поставивме шаторот. Имавме проблем со плинот! Боците беа полни повеќе од пола а не гореа. Беше доста студено и мораше со голи раце да ги топлиме боците за да тие едвај горат и топат снег, во спротивно не работеа! Со аклиматизацијата сум супер, главата не ме боли и се осеќав силен, единствено со болки во грбот од тешкиот товар. Целата ноќ мразот под нас пукаше и шаторот се тресеше. Излеговме со Марин и направивме сидриште во карпата и си легнавме врзани со појасите на нас. Цела ноќ пукаше и се тресеше, не можев да спијам. Цела ноќ се слушаа како паѓаат лавини наоколу... 07.08.2005. Недела Утрото времето беше лошо, но решивме да го кренеме шаторот до 6100м. Луѓето кои што идеа од горе од другата експедиција кажаа дека горе е големо невреме со урагански ветар. Така да требаше да слегуваме надолу... Се спакувавме и се вративме на камп 2, 5300м. Го поставивме шаторот (веќе ми се смачи од кревање и спуштање шатори и почнав да размислувам за бивак, но копањето во овие услови не е воопшто лесно). Стигнаа Петја и Мариан и решија да се качат на 5800м, во бергшрундот и таму да преноќат, иако не беше многу добра идеја во тоа време. 08.08.2005. Понеделник Утрото беше големо невреме. Евентуалното чекање на добро време на оваа височина значеше тотално истоштување на организмот и психички и физички, и одлучивме да се вратиме до базен камп. Дента се „искапивме“ за првпат од дома. Покасно се вратија и Петја и Мариан. 09.08.2005 Вторник Цел ден помина во шатор, Мариан и Марин заедно со русите пиеа Водка. 10.08.2005 Среда Иако беше и денес планирано одмор заради времето, Петја и Марин решија да тргнат и за да не се делиме, вечерта бевме на камп 2, 5300м. Вечерта од горе се врати Руски водич и кажа дека очекува уште полошо време и ако планираме да се качиме на врвот треба да го направиме тоа што поскоро. 11.08.2005 Четврток Рано утрото станавме и тргнавме кон камп 4, 6100м. Се движевме добро, брзо се искачивме до камп 3, 5800м. од тука следи траверс десно под самата карпа на Корженевскаја. Траверсирање и качување по многу стрмни и многу лавински опасни падини и кулоари. Стигнавме до камп 4. 6100м. (каде беше планирано да останеме) Тоа е на самиот раб кој што води до врвот, и има место на најмногу 3 до 4 шатори а веќе имаше поставени од друга експедиција ... Многу е лошо кога се „програмираш“ да одиш до одредено место и кога ќе стигнеш таму сфатиш дека те чека уште многу повеќе, а следува најтешкиот дел од насоката (искачување на вертикална и малку превисна карпа со натечен мраз и се тоа на висина од 6100м). Се помирив со фактот дека мора да стигнеме до последниот висински камп на 6400м и тргнавме. По карпата имаше неколку јажиња некои од пред една, а некои од пред 10 години, кој знае кое на што се држат и колку е здраво. Ги користев за баланс и полека со дерезите и бајла во рака напредував по карпата. Тешкиот ранец со целата опрема ме влечеше надолу, конечно излегов на снежниот раб, но бев многу изморен. (можеби требаше да им верувам на старите јажиња) Следеше искачување по многу стрмен раб до платото на камп 5, 6400м. По пат почнаа премногу да ми студат нозете, а при крајот почнав и да не ги осеќам, па застанавме на неколкупати и Матин ми ги масираше нозете. Кога стигнав таму бев доста изморен и продолживме со поставувањето на шаторот. Денес направивме 1100 метри денивелација или 2200 метри во последните 24 часа. За другите кои што скоро се имаа качено на оваа висина можеби не беше некој голем проблем, но кај мене резултираше со намалување на циркулацијата на крвта и огромен студ во нозете. Целата ноќ ја поминав во масирање на нозете и пиење на топло какао. Пак почна да врне снег. Ноќта успеав да ги стоплам, и малку подзаспав. 12.08.2005 Петок Сабајлето дуваше ветар и врнеше снег, Марин даде предлог да не се оди денес кон врвот тоа се прифати но за кратко. Малку се покажа небо низ еден облак и Марин рипна и даде предлог да се тргне кон врвот. Утре е 13-ти па можеби од суеверие не сакаа да тргнат утре, како и да е почнавме набрзина да се спремаме, немавме време да јадеме. Малку бев изнервиран дека непланирано излегуваат работите. Ранците на грб и тргнавме нагоре. Само што излегов од шатор почнав да го чувствувам вчерашниот студ во нозете и ми беше многу тешко ... Но се надевав дека ќе се загреам нагоре и тргнав. Следеше газење низ длабок снег и искачување на многу стрмни делови каде се користеше „клунот“ од цепинот и предните заби од дерезите. Студот во нозете повторно премина во болка, на неколкупати застанував и ги масирав нозете. За време за масажата како што се зголемуваше циркулацијата така болката растеше... Бев искачен доста над последниот висински камп, техничките препреки беа зад мене, но прстите од нозете веќе не ги чуствував ... застанав да масирам но овојпат не чувствував болка, сфатив дека ако продолжам до врвот ќе останам без прсти ... се сетив на Ѓока, дека и тој 84-та на Памир, од спротива на Комунизам пик остана без прсти ... и решив да се враќам кон камп 5. Марин сакаше да се врати со мене, но го убедив дека физички сум во ред и дека внимателно ќе се вратам до шаторот, и така Марин продолжи кон врвот, а јас брзо и претпазливо почнав да слегувам кон шаторот. Се уште врне снег. Кога се прибрав ги извадив чевлите и почнав да масирам. Нозете ми беа црвени, и продолжив да масирам од бутовите надолу. Дури после околу половина час почнав да чувствувам болка, која почна да станува неподнослива. Масирав и „бладав“ на глас во шаторот, после неколку часа почна да се намалува болката, ми беше криво оти ние бевме едни од ретките со обични пластични чевли, без „супер гамашни“ или тројни чевли. Излегов надвор од шаторот и забележав дека од горе се враќаат неколку „точки“ – алпинисти, стопив снег и направив чај, за да ги пречекам. Човекот кој што идеше немаше контрола, почна да забегува надесно кон карпата и лавински полиња. Се мачев и мавтав со раце да му кажам на каде треба да се движи, едвај ме разбра и во маглата го смени правецот и повторно почна да слегува кон шаторите ... Во последните 50 метра до шаторот паѓаше околу 10 пати, стигнав до него и му дадов топол чај, човекот помалку како да халуцинираше, испи неколку чаши чај за кој после ми кажа дека тоа бил најубавиот чај во неговиот живот. Покасно се вратија и Марин, Петја и Мариан. Се качија на врвот! Тројцата беа многу истоштени, а Марин со мали смрзнатини на прстите. Ги пречекав со чај, какао и супа и легнаа да спијат. Целата ноќ не успеав да заспијам, сите бевме собрани во еден шатор и беше претесно. 13.08.2005 Сабота Се разбудивме точно кога заспав. Станав со термос под глава, и имав голема главоболка. Испив аспирин и кафе и останав малку да лежам. Излегов надвор да се раздвижам и за 5 мин. ми се поврати вчерашната болка во прстите. Пробав да ставам втор пар чорапи но не можев, чевлите ми беа точни со еден пар чорапи. Го собравме шаторот и тргнавме надолу. Имаше многу нов снег, и работ од 6400 до 6100 мнв беше многу лавинси опасен. Претпазливо со „сондирање“ почнавме да слегуваме. Стигнавме до карпата, го проверивме сидриштето и се спуштивме „абзел“ по јажето. Нозете веќе не ги чувствував, но продолживме кон камп 3 на 5800м. Траверсот под карпата од камп 4 до камп 3 беше премногу лавински. Евентуалното активирање на лавина, значи застанување по еден километар во глечерот. Имаше пред нас учесници од друга експедиција кои се движеа многу бавно. На местата каде што чекаа за абзел ги престигнувавме, бидејки воопшто не беше паметно да се задржува човек по тие места посебно кога има нов снег. Во бивакот во бергштрундот беше тотална сенка и многу студено, а јас штотуку од движењето почнав да ги чувствувам прстите во нозете, и болките пак почнаа да се засилуваат. Ги извадив чевлите и почнав да ги масирам нозете. Додека го собравме остатокот од камп 3 почнав да добивам треска. Со преполни ранци тргнавме надолу. Следи доста стрмен дел од камп 3 до камп 2 на 5300м. по патот се преминуваат неколку поголеми и помали пукнатини, но сега со новиот снег некои од нив беа покриени со снег и движењето беше многу опасно. Кога стигнавме до камп 2 јас имав температура и пролив. Премрзнувањето во нозете си ја заврши својата работа. За да продолжам надолу до базниот камп не сакав ни да помислам. Проливот ме истошти до бескрај. Вечерта пристигна и руска експедиција и нивниот лекар ме прегледа па покрај активниот јаглен ме тераше да пијам и водка за да оздравам. Целата ноќ ја поминав во импровизираното WC. 14.08.2005 Недела Сабајлето не бев многу подобар, но знаев дека на оваа висина не е разумно да чекам да оздравам. Ги натоваривме ранците и полека тргнавме надолу. Едвај успевав да го контролирам јажето на местата каде слегувавме абзел (тоа не се вертикални делови, но јас бев премногу истоштен). На секои 5 мин. застанував во WC, ниедно лекарство против диареа не проделува. Стигнав до местото каде што треба брзо да се премине под големиот „мразопад“. Марин веке немаше каде да прикачи нешто на ранецот, а и мојот беше многу тежок и решив да го оставам овде и кога ќе закрепнам да дојдам по него. Касно поручекта бевме во базен камп. Испив лекови и легнав да спијам. 15.08.2005 Понеделник Сабајлето ми беше подобро. Марин сакаше да тргне по мојот ранец, но не сакав да го малтретирам и тргнав јас да си го земам, а Марин дојде за друштво. На враќање и Марин доби пролив. 16-19.08.2005 Се мислев дали да тргнам со еден русин кон Корженевска, но нозете сеуште ме болеа и знаев дека првиот студ и ќе треба да се враќам назад. Марин и останатите оценија дека веке е касно за Комунизам и одлучивме да го фатиме првиот возможен хеликоптер за Џиргитал. На 19-ти бевме во Џиргитал и од таму за Душанбе. По аеродромите имавме големи непријатности заради глупав руски офицер, кој не излажа и си го пропуштивме летот, и останавме 4 дена во терминал во Ст. Петербург без никаква храна.
Текст и фотографии: Горан Кузмановски - АК “Вертикал” Битола
11.09.2006
| |