|
Се вршат последните подготовки пред патот на осмата југословенска алпинистичка експедиција на Хималаите. Овојпат целта на најдобрите југословенски алпинисти, кои пред две години се искачија на највисокиот врв на светот - Монт Еверест висок 8848 мнв, е врвот Лотце висок 8511 мнв, по Монт Еверест еден од најтечките за освојување врвови на Хималаите.
Експедицијата - југословенска репрезентација
Експедицијата брои 25 членови меѓу кои за првпат ќе се најде и еден алпинист од Македонија. Тоа е инженер Јован Поповски, искусен алпинист, водач на македонската екипа на Килиманџаро. На последниот состанок на Планинарскиот сојуз на Југославија во Белград, по успехот на Килиманџаро, Поповски беше одреден во експедицијата за Хималаите бидејќи го исполнил и последниот услов - се искачил на врв висок околу 6000 мнв. Тоа беше врвот Кибо, највисок во Африка (5895 мнв). Моментно, Јован Поповски заедно со уште девет алпинисти, членови на алпинистичкото друштво „Матка“ од Скопје е на пат кон вториот врв во Африка Маунт Кенија, висок 5199 мнв. Првите членови на југословенската алпинистичка експедиција за Хималаите ќе заминат за Катманду, главниот град на Непал веќе на 1 март. Десетина дена подоцна, од Љубљана за Непал ќе отпатуваат другите 20 алпинисти. Водач на експедицијата е Аљош Кунавер, кој веќе двапати беше на Хималаите - 1969 година на Анапурна 2 (7937 мнв) и 1972 година на Макалу (8481 мнв). Се очекува целиот потфат да трае околу два месеци и алпинистите ќе се вратат во Југославија некаде кон почетокот на мај. Ова ќе биде осма југословенска експедиција на врвовите на Хималаите. За првпат југословенските алпинисти се искачија 1960 година на врвот Трисул - 6690 мнв. Вториот обид беше пет години подоцна - на врвот Кангбоче (7902 мнв). Меѓутоа обидот беше неуспешен бидејќи алпинистите дојдоа до височина од 7650 мнв но поради мошне лошите временски услови не можеа да се искачат на врвот. Третата експедиција беше на Анапурна 2 (7937 мнв) 1969 година.
Монт Еверест - најголем успех
Целта на четвртата експедиција 1972 година беше врвот Макалу (8481 мнв) но по вторпат беше доживеан неуспех. Тројца членови на екипата успеаја да се искачат на височина од 8100 мнв пто беше и југословенски рекорд. И тогаш временските услови беа посилни од храбрите алпинисти. Високиот врв Кангбоче (7902 мнв)беше конечно освоен 1974 година од членовите на петтата хималајска експедиција. Една година подоцна на списокот на освоените хималајски врвови се најде и Макалу (8481 мнв), освоен од јужната страна. Секако дека најголем успех југословенските алпинисти го постигнаа со седмата експедиција 1979 година кога се искачија на највисокиот врв на светот Монт Еверест (8848 мнв). На 13 мај 1979 година на Монт Еверест, точно во 13:45ч се искачија Јанез Заплотник и Андреј Штремфљ, а два дена подоцна, на 15 мај во 14:30ч тоа им успеа на Стане Белак и Стипе Божич, заедно со непалскиот шерпас Анг Пху, кој при враќањето несреќно го загуби животот. На ред е сега врвот Лотце (8511 мнв), тежок непристапен, по Монт Еверест, највисок врв на светот. Нема да биде лесно да се освои, но мораме да кажеме - сите 25 алпинисти кои ќе заминат на Хималаите се проверени и храбри качувачи, да се изразиме „фудбалски“ - тоа е репрезентација на Југославија. Најдобри меѓу најдобрите.
Извор: Напис во „Нова Македонија“ од 24.02.1981 год. 09.03.2007
|
|