|
Членовите на македонската алпинистичка експедиција „Манаслу 86“, по стотина минати денови на патот Југославија до Непал и до импресивниот врв на хималајските планини, се вратија дома. Конечната цел не е постигната, врвот Манаслу (8 163 мнв) остана неосвоен, но сепак е постигнат одреден успех. Монсунските дождови, големите врнежи од снег, лавините беа единствената причина што не е остварен сонот на македонските алпинисти кои добро физички и психолошки подготвени тргнаа да се фатат во костец со врвот Манаслу. - Манаслу не „падна“. Но, ние сметаме дека сепак постигнавме одреден успех што во спортски жаргон може да се објасни како што велат ТВ коментаторите „остварено е одличното осмо место“. Имавме навистина тешки услови за работа и од технички аспект сите работи беа беспрекорно извршени. Бевме на прагот на успехот, ни недостасуваа само 763 метри до конечната цел, вели водачот на експедицијата Јован Поповски. Врвот Манаслу беше само една од етапите на македонската експедиција која се подготвува за пат на Монт Еверест. Овој, ако може така да се рече неуспех не ги разочарува. Искуството од овој пат ќе биде добредојдено за идните задачи. Организациониот одбор на експедицијата веќе подготви барање за обезбедување на средства од Извршниот совет на Собранието на СРМ за пат на Монт Еверест. - По остварениот планинарски марш од Катманду до базниот логор во стена на 4 200 метри, на кој не следеа монсунските дождови, ја почнавме работата од алпинистичкиот дел во вистински хималајски услови. И покрај лошото време успеавме да го поставиме горниот базен логор на 4 900, првиот висински логор на 5 700, потоа вториот висински логор на 6 500, бивакот на 6 950 и третиот висински логор на 7 350. Стигнавме на седлото меѓу врвот Манаслу и Пик 29. Бевме во една комбинација на стена и мраз и кога веќе мислевме дека сме на врвот, времето се заврти против нас. Имавме проблеми со лавините кои ни ја оштетија комплетната опрема но и покрај тоа не се откажувавме од врвот. Со редуцирана опрема чекавме да се подобрат временските услови. Меѓутоа, немавме среќа. Орканските хималајски ветришта беа посилни од нас. Одлуката на Комитетот од Скопје да ја прекине експедицијата ја разгледувавме два дена и кога времето не се „отвори“, донесовме решение да се вратиме назад. На највисоката височина во услови на снег, мраз и лавини престојувавме две недели но немавме време, вели Поповски. Според зборовите на водачот на експедицијата домаќините во Непал, Министерството за туризам (оддел за алпинизам), лошите временски услови се поврзуваат со Чернобил и радијацијата. Не се паметат вака лоши временски услови во овој период што е предвиден и одобрен за алпинистичките експедиции. „Планината на духовите“ остана неосвоена. Македонските алпинисти не го повторија успехот на мешовитата полско - мексиканска експедиција која 1984 година успеа да стигне до Манаслу низ насоката по која тргнаа нашите алпинисти. Македонската експедиција што ја сочинуваа 13 луѓе, 10 алпинисти и 3 придружници, ов соработка со Министерството за туризам (алпинизам) на Непал имаше на располагање 140 низински носачи, тројца шерпаси и офицер за врска. Нашите алпинисти ја истакнуваат добрата соработка со овие луѓе. Оваа експедиција од македонски алпинисти доби дозвола да оди на Монт Еверест во 1989 година, а е забележана како кандидат за овој врв во 1988 година со другите експедиции но по друга насока. Токму затоа покрај остварените вредности на технички план во работата во хималајски услови остварена е една соработка која многумина ја посакуваат. Македонските алпинисти: Јован Поповски, Слободан Јовановски, Димитар Илиевски, Борче Јовчевски, Серафим Серафимов, Ѓорѓи Костовски, Трајче Алексовски, Страшо Лозановски, Владимир Бошков, Слободан Ѓорѓевиќ, Слободан Трпчевски, Благојче Лазаров и Живко Арсовски се вратија дома со лесни и потешки смрзнатини, кои не ги обеспокојуваат. Сите вложени напори и неосвоениот врв уште повеќе ги мотивираат да ја продолжат работата и подготовката за освојување на Монт Еверест.
Извор: Напис од „Нова Македонија“, 25.11.1986 год.
|
|