Фејсбук група

ЗА ДЕВЕТ ДЕНА НА ТРИ ВРВА

Битола - Матерхорн 4478 мнв. Една остра висока пирамида, предизвик за алпинистите од целиот свет. Дружба со облаците, постојан домаќин на снегот. Врв за кого се мечтае, вистински украс на Алпите. До него водат повеќе патишта. Кој од кој потежок, пострашен, морничав. И од каде било да се освои - значи подвиг. Доказ на човечките можности. Испит на издржливост, храброст, одважност.
Седуммина битолчани, членови на Планинарско-скијачкото друштво „Пелистер“, на 13 август 1981 година, се искачија на Матерхорн по класичниот правец Хорнли. Го развија знамето на друштвото. И покрај ветерот што на овие височини брише, сече како нож, останаа половина час за да му се восхитуваат на морето облаци под нив.
Димитар Илиевски и Мирко Костовски, првата двојка што го освои Матерхорн раскажуваат:
- Од гратчето Цермат каде што ги оставивме возилата се упативме кон планинарскиот дом „Белверде“ што се наоѓа на 3260 мнв. Оттаму до првото место за починок на 4003 мнв, а од него до врвот ни беа потребни уште седум часови. Беше тешко, постојано дуваше силен ветер, имаше одрони. Ги почекавме останатите. Заедно се радувавме, имавме желба да пееме, да скокаме!

Пејсаж што опива

Мирко Костовски е вработен во планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер. Пред неколку години, во една несреќа ја загуби едната рака. Тоа не го спречи да ја исполни, како што вели самиот, најголемата желба - да се искачи на Матерхорн, на Монте Роса и на Мон Блан. Со право беше и најсреќен.
- Во навезата беше Диме Илиевски, а тој е најискусен од сите нас. Пред две години го има освоено Мон Блан, минатата година учествуваше во освојувањето на Матерхорн. Вистина, тогаш заради невремето што владееше беа принудени да се вратат без да го освојат врвот, меѓутоа таа експедиција ни послужи за стекнување на одредени знаења - како треба да се подготвиме, како да се опремиме, со еден збор - што треба да направиме за да го исполниме ветувањето дека врвот ќе биде освоен! - вели Мирко.
Водачот на екипата, Благој Лазаревски, раскажува:
- Кога се вративме во Цермат, по еднодневен одмор, сите заедно решивме кога сме веќе тука да се обидеме да го освоиме и украсот на Алпите, мошне убавиот и атрактивен врв Монте Роза висок 4634 метри. Не се двоумевме. Ја проучивме маршрутата, набавивме храна и тргнавме!
- До планинарскиот дом што се наоѓа на височина од 2834 метри стигнавме со алпската железница. Се одмаравме и другиот ден, утрото, нешто по полноќ, се упативме кон врвот. Имавме слушано дека од овој врв сончевиот изгрев бил незаборавен. Тоа што го видовме ги надмина сите наши очекувања! Сонце црвено како крв, снег со некаква натприродна боја, пејсаж што опива. Бевме како стаписани. Ни се чинеше дека само ако мрднеме ќе го нарушиме спектарот. Барем јас се чувствував како непожелен дојденец во оваа хармонија. Ми требаше време за да се отргнам од оваа магија, да зачекорам кон врвот што вишнееше пред нас! - вели Симеон (Мони) Христовски.

Мон Блан беше наш

Во планинарските книшки на сите седуммина беше ставен и печатот од овој врв. Останаа речиси еден час и потоа, стапка по стапка се упатија назад. Преспаа во Цермат, а потоа се упатија кон Шамони, кон подножјето на покривот на Европа, Мон Блан, 4810 мнв. Највисок врв на стариот континент.
- Јас и Димитар Илиевски овој врв го имавме освоено пред две години. Тоа како и радоста од успесите што ги имавме со освојувањата на двата претходни врвови, беше пресудно да се решиме походот да го крунисаме како што никој не очекуваше! - вели Ѓорѓи Костовски, кој за првото освојување на Мон Блан заедно со членот на експедицијата Димитар Илиевски се и носители на највисокото признание на Битола, наградата „4 ноември“.
- Знаете, вели Ристо Атанасовски, кој заедно со Дражко Божиновски беа и со најмало алпинистичко искуство, имавме многу среќа. Ни се погоди времето. Токму во овој период во цела Европа врнеше. Врнеше и тука меѓутоа - облаците беа под 3000 метри.
- Од Шамони со алпската железница и жичарница стигнавме до еден планинарски дом што е лоциран токму на половина пат до врвот. Оттаму, по четиричасовна нагорнина стасавме до друг планинарски дом, а другиот ден пристигнавме на околу 4200 мнв. Наидовме на уште неколку екипи од други земји. Межутоа, заради снегот што врнеше, освен ние и двајца алпинисти од СР Германија, сите други се откажаа. Беше тешко. Дури во еден миг малку требаше и ние да се вратиме. Сепак - издржавме. Околу пладне Мон Блан беше наш! - Вели Благој Лазаревски.

Помош од сите

Три врвови за девет дена. И тоа какви врвови!
- Имавме кондиција. Впрочем за овој поход се подготвувамве цела година. Не оставивме ни една сабота, ни една недела, а да не се качуваме. Се јазевме по Црвени стени, низ снегот повисок од еден метар се искачувавме на Пелистер. Чинам дека тоа беше пресудно! - вели Димитар Илиевски и додава - Голема помош имавме и од работните организации од Битола: од „Југотутун“, фабриката за лимена амбалажа, ООЗТ Трговија на мало на ЗИК „Пелагонија“, фабриката за бонбони „Прогрес“, од СИЗ за физичка култура. Материјално не помогнаа, многу им благодариме.

Извор: напис во Нова Македонија од 30.08.1981 година


Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Еверест 2010

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ

На 09.11.2010 (вторник) се организира меѓународен натпревар во Спортска ориентација на локацијата Средно Водно - Марково крувче ...

Шарски води 2009

Убаво време и добро расположение. Па ни требаше ли уште нешто?! Уште на самиот старт ...

Водно 2009

Резултати од Првото коло на Лигата на Македонија во Ориентација одржано на 12.04.09 на Водно.

Алпинистичко училиште

Во првиот викенд од февруари започа со работа едногодишното алпинистичко училиште ...

Титов врв 2008

На 20 декември 2008 година се собравме во пл. дом „Смрека“, 15 планинари од Тетово, Скопје и Штип ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани