13.04.2007   Базен камп ... Станавме малку порано бидејќи денес по план е аклиматизација до Средниот камп на 5700 мнв. Првиот дел на патот не водеше покрај морената на глечерот Ронгбук и прилично е монотоно. Дури кога добивме на висина се појавија планините кои се наоѓаат на самата граница меѓу Кина и Непал. Лингтрен и Пумори. Се разбира, Еверест се гледа од сите агли, дури и Чанг-це висок преку 7700 мнв не може да го сокрие. Напредувавме доста брзо и во Средниот камп бевме веќе после 4ч. Колку значи кога искачувачите се добро аклиматизирани и имате добар готвач во кампот! Во Средниот камп ќе преноќиме кога ќе идеме до Истурениот базен камп на 6400 мнв.
На враќање ни требаа 3 часа до базниот камп. Цело време не следеше еден огромен орел со распон на крила преку два метри. Петар успеа да го фотографира. Во Базниот камп стигнавме малку уморни но не дочека нашиот готвач Рац Кумар со многу чај и разни грицкалки. Др. Глигор прокоментира како за себе: Ух, баш сме јака екипа!
После вечерата отидовме до Алекс водачот на руската експедиција, да пратиме извештаи бидејќи се уште не успеавме да го средиме сателитскиот модем. Ангажиран е цел тим луѓе да проверат во што е проблемот, па се надевам дека до утре ќе проработи. Срдечен поздрав од Базниот камп Еверест!

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата


Ретко добар поглед на северната страна на Еверест / Фото Петар Печанац

12.04.2007   Базен камп ... Конечно разденување без облаци во базниот камп. Единствено ладниот северен ветер го пореметува ова речиси идеално време. Денес по план е Пудја церемонијата, но пред тоа сите отидовме на Ронгбук глечерот за да направиме добри фотографии за нашите спонзори. Не верувам дека северната страна на Еверест вака добро ќе се гледа. После 1 час ветерот добро не излади така да не ги чувствувавме прстите на рацете. Се спуштивме назад во базниот камп, каде веќе пристигна монах од манастирот Ронгбук.
Сум присуствувал на многу церемонии пред почеток на експедиции, но оваа беше исклучителна. Освен ние и нашите шерпаси имавме и гости од експедицијата на „Adventure peak“. Во еден момент гранчињата кои гореа на олтарот, почнаа појако да горат. Пламенот се дигна високо заканувајќи се да ја запали нашата опрема. Монахот застана на половина молитва говорејќи дека тоа е добар знак. Молитвените знаменца затегнати на пет страни се вееја на ветерот, додека Петар трчаше наоколу снимајќи го секој детал.
Оваа церемонија во базниот камп служи да се благослови секој кој тргнува према врвот. Ниеден Шерпас нема да се помрдне се додека церемонијата не заврши. Нема Пудја, нема качување! Секој од нас има сопствена вера, но длабоко ја почитуваме традицијата и религијата на овие луѓе чии гости сме тука на Хималаите. На крај Петар не нареди пред Пудјата за да направи заедничка фотографија со монахот и нашите Шерпаси. Попладне поминавме неколку часа обидувајќи се да го оспособиме нашиот сателитски линк. Не иде и не иде. Како малите Гремлини да ги замешале прстите. Девојката од хелп-дескот преку сателитскиот телефон директно од Лондон, се обидува да пронајде во што е проблемот. Направивме комплетен сет-ап на уредот, но попладне сигналот ни беше многу слаб и не можевме да провериме дали работи.
Вечерта продолжи карташкото дерби меѓу Бачар и Др. Глигор. Останатите само навиваа или провоцираа. Важно е дека атмосферата во екипата е се подобра. Во трпезарискиот шатор дојде и еден доктор од Норвешка. Сакаше да земе примерок од нашата плунка за да направи генетско истражување на нашиот ДНК потенцијал. Наводно постои одредена разлика меѓу луѓето кои се качиле на Еверест и останатите смртници. Се сложивме на тоа, со негово ветување дека на е-маил ќе ни ги испрати резултатите од истражувањето.
Добра ноќ на сите било каде да се наоѓате!

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата



На крајот на Пудја церемонијата / Фото Петар Печанац

11.04.2007   Базен камп ... После доручек тргнавме со Бола до офицерите за врска. Тие се сместени во еден ѕидан објект кој се наоѓа 1 км северно од нашиот камп. Додека им рпиоѓавме Бола ми објаснуваше дека Кинезите оваа година смениле многу правила врзани за искачувањето на Еверест. Ја разработувавме тактиката како да настапиме пред нив, бидејќи не е исто дали ќе добиеме 10 јакови повеќе или помалку. Пред камената куќа седеше водачот на британската експедиција кој работи за „Adventure peak“. Тој бил пред нас кај офицерите за врска и нешто расправаше со неговиот водич. Му се јавив а тој само со насмевка ми одговори: Среќно!
Внатре два лика со качкети на CTMA, а на масата куп масни хартии и меѓу нив никаде ја немаше дозволата за нашата експедиција. Едниот зборува англиски, а другиот не, па му го преведува нашиот разговор. Морам да признаам, добро поминавме. Добивме неколку јакови помалку отколку што беше планирано, но тоа е занемарливо во однос на големите комерцијални експедиции на кои им требаат и по двесте јакови!
Се вративме во базниот логор. После 1 час на гости ни дојде познатиот Расел Брајс. Не убедуваше да напишеме жалба до кинеските власти. Очигледно дека промената на правилата во средина на сезоната најмногу го погоди него. Тој всушност ги посетува сите експедиции за заеднички да се настапи кај офецирите за врска. Се сложивме на тоа, макар што знам од искуство дека овде на Тибет никогаш не попуштиле. Инаку, за оние кои сега ја следат серијата од 6 епизоди на Дискавери каналот, за искачувањето на Еверест минатата година, имаме ексклузивна информација: Се снима продолжение на приказната, Расел е повторно водач на експедицијата, а екипата сниматели на Дискавери е тука.
Суштината на приказната е дека оние кои што не успеаја минатата година, сега повторно тргнуваат кон врвот. Колку што видов, тука се Монс од Данска, холивудскиот моторџија Тим и останатите.
Вечерта се разведри и на небото се гледаа сите ѕвезди. Беше нешто поладно од вообичаено, но тоа се уште не е ни близу до температурата која не очекува во висинските кампови.

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата

10.04.2007   Базен камп ... Сонцето го облеа кампот во 09:53ч. Но веќе после 1 час дојдоа темни облаци од север и почна да паѓа снег. Со ветер во лице тргнавме на аклиматизација. По провобитниот план требаше да одиме до испосниците на манастирот Ронгбук, но после половина час од десната страна се појави еден мал глечер, па тргнавме накај него. Тоа беше полн погодок. Полека се качувавме, дел по морената, дел по самиот лед испод кој се слушаше жубор на вода. Постепено глечерот се стеснуваше, а гранитните карпи од двете страни беа се поголеми. Се разбира не можеше да помине без коментарите на Милош од тип: види ја оваа пукнатина, види ја оваа насока ... Полека добивавме на висина без да го забележуваме тоа.
Кога човек се качува во толку интересен амбиент има субјективно чувство дека му е полесно. После два часа стигнавме до крајот. Водата истекуваше од една челна морена, на која не се искачивме за да видиме што има позади неа. Враќањето беше потешко бидејќи ледот имаше направено неколку каскади. Заради тоа се спуштавме лево и десно покрај карпите, чекорејќи по одронетите камења. По доаѓањето во базниот камп ме дочека сирдарот Бола со информација дека утре ќе имаме Пудја церемонија, бидејќи Ламата рекол дека е добар ден за тоа.
Исто така, соседната експедиција од Британија има проблеми со агрегатот и електричното осветлување, па преку Бола замолиле да им испратиме дел од нашата опрема за да го проверат нивниот систем. Им пративме се што имавме. Помош во оваа пустелија значи многу и ако имате шанса да помогнете некому, не смеете да ја пропуштите.
После ручек ветерот се појача па сите влеговме во шаторите. Вечерта почна да врне снег. Во трпезарискиот шатор Башко и др. Глигор започнаа партија табла. По атмосферата која се создаде изгледа дека ова ќе се претвори во големо ривалство, а бидејќи се цимери во шаторот, се надевам и во големо пријателство.

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата

09.04.2007   Базен камп ... Нашиот готвач Рац Кумар не го променил времето на неговиот часовник и утрово не пробуди 2 часа порано! Дува северен ветер со брзина околу 50 км/ч, утрината температурата беше минус 10 Целзиусови. За доручек моето омилено јадење - пориџ. Сите се чувствуваат добро и никој нема главоболки заради спиење на оваа висина. После доручекот обиколивме едно место извишување на кое се наоѓаат плочи со имињата на сите погинати на Еверест. На една од нив стои името на Зоран Милетич од Ниш кој остана на североисточниот гребем некаде на висина од 7800 мнв. Плочата ја поставила Војводинската експедиција на Еверест 2005 год. Ветерот во текот на аклиматизационата прошетка постојано ја зголемуваше брзината и заради тоа се вративме во нашите шатори. За сега се оди по планот. Заедно со сирдарот ја проверив опремата за висинските кампови и истурениот базен камп.
Се е тука, дури има и околу 30% опрема вишок, како резерва за секој случај. Храна има толку да би можеле да останеме тука до есен.
Единствено ме мачат две работи, прво, нашиот ИТ менаџер не јавува што се случува со сателитот, а второ денес е облачно и соларните панели не ги полнат специјалните гел-акумулатори. Моментално единствена комуникација со светот е сателитскиот телефон, а тој работи беспрекорно. Ќе се обидеме попладне да пратиме извештаи преку нашите комшии од Русија. Ме нервира оваа ситуација но се надевам дека наскоро се ќе се реши.
Срдечен поздрав од Базен камп Еверест (5170 мнв)!

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата



Базен камп Еверест / Фото Петар Печанац

08.04.2007 ... Водачот на експедицијата Драган Јакимовиќ, се јави по телефон и рече дека сите членови на експедицијата се добро, но дека имаат проблеми со сателитскиот телефон и дека нема да се јавуваат во следните 2 дена.

Небојша Стојанчич
Белград

06.04.2007   Тибет ... Стигнавме во Тингри последна цивилизација пред базниот логор само на околу 60 км од Монт Еверест, понатаму ќе биде потешко за праќање информации и фотографии бидејќи тоа ќе биде можно само преку сателитскиот телефон на експедицијата.

Глигор Делев
Член на експедицијата

06.04.2007   Тибет ... Патувањето за Тингри (4200 мнв) во предмонсунската сезона претставува двобојно искуство: плаво небо и темно-жолта боја на земјата на Тибет. Единствено од превојот Лалунг-Ла (5124 мнв) се гледаат завеаните со снег Хималаи. Таму направивме 20-тина минути пауза за фотографирање. Одовде се гледа тибетското плато во далечината. Се разбира кога ќе дојдете на оваа висина со автомобил не смеете да правите нагли движења ниту да трчате, бидејќи веднаш тука е благата несвестица заради хипоксија. Во продолжетокот на патувањето видовме неколку велосипедисти кои од Ласа возеа накај Катманду. Не е лесно да се вртат педали на оваа висина, и уште да се голта прашината која ја носи ветерот. После два часа возење стигнавме во Тингри.
Во него ништо ново. Ветер, прашина и насмеаните лица на тибетанците. Тргуваат со се и сешто на мали тезги покрај патот. Тука се и јагнешките бутови кои се сушат на воздух, закачени на импровизирани дрвени рамки. Ова е последното место каде што ќе ноќеваме пред пристигнувањето во базниот камп. Хотелот во кој отседнавме има соби со под од набиена земја и кревети правени за Лилипутанци. Но сето тоа е небитно кога домаќините го послужуваат ручекот. Штом се нарачува репете на сите им годи кинеската храна.
Над селото се наоѓа меморијален комплекс кој означува дека сте веќе во провинцијата каде се наоѓа националниот парк Сагарматха.
Заоѓањето на сонцето на ова брдо, го означува крајот на уште еден ден на Хималаите.

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата



Тингри / Фото Петар Печанац

05.04.2007   Тибет ... Ноќта во Нилам беше весела. Кучињата скитници имаа свој мегдан, а секој камион кој поминуваше низ единствената улица во градот, мораше да ја употребува сирената. Едвај го чекам Базниот камп и мојот шатор. Станавме во 8ч и после доручек тргнавме на аклиматизација. Сонце се уште го немаше огреано Нилам, се гледаа само зраците кои излегувајќи позади снежните врвови се оцртуваа на плавото небо на Тибет. Релативно студено време и западен ветер не испратија на искачувањето. Се качувавме по карпест гребен на кој се развејуваа молитвени знаменца. Искачувањето траеше неколку часа и достигнавме висина од 4400 мнв.
Седејќи во заветрина на врвот, сите беа загледани во далечината, преокупирани со сопствените мисли. Тишината ја прекинуваа единствено налетите на ветер и понекоја птица на небото. Тука направивме неколку интересни фотографии, а потоа се вративме во долината према Нилам. Бидејќи ранецот на Милош се изгуби во Доха, денес нестрпливо очекуваме камион од друга експедиција по која треба да биде испратен од Катманду.
Попладнето времето се смени па главно се одморавме во собите или како Петар и јас, припремавме фотографии и извештај за нашиот сајт. Симо успеа да пронајде бербер и добро се ошиша. Др. Глигор пронајде место за перење алишта но не е задоволен од цената. Овде ценкањето е потешко отколку во Непал.
Утре тргнуваме за Тингри, ќе бидат потребни околу 5 часа возење. За сега се иде према планот. Се обидуваме да го успориме ритамот и мислите да ги насочиме кон нашата цел. Секој оставил некакви проблеми дома (на прво место јас), но во интерес на сите нас е да бидеме овде и сега. Присутни со телото и душата бидејќи Сагарматха нема да ни ја прости расеаноста.

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата

05.04.2007   Тибет ... Денеска сме се уште во Нилам на 3600 мнв, утре одиме за Тингри.

Глигор Делев
Член на експедицијата


Глигор Делев над Нилам со знаменце на Македонија и лого на MKDmount / Фото Глигор Делев






Во Нилам со шерпасот Сонам / Фото Глигор Делев

04.04.2007   Тибет ... Моравме да станеме рано наутро. Сирдарот Бола не пробуди во 7:30ч по кинеско време што значи 5:30ч непалско време. Во тој момент се разденуваше над Зангму. Доручкувавме на брзина и веќе после 8ч бевме во џипови на пат за Нилам. Патот води низ кањон правејќи серпентини се до 3700 мнв. На тој начин денеска искачивме 1000 мнв, што не е проблем на овие висини.
Во текот на возењето видовме десетина преубави водопади кои паѓаат во длабочина над 600 метри. Милош цело време коментираше: „Колку ли добро ова изгледа во зима за качување кога ќе замрзнат“. На осојните страни на планините се уште има доста снег, а ноќите во овој период од годината се се уште ладни. За разлика од постмонсунската сезона кога е доста потопло, во Нилам на влезот во градот се уште има лед на улиците.
Исто како и минатата година кога идевме за Чо Ју, се сместивме во истиот хотел. Бидејќи камионите со опрема не беа пристигнати во Нилам, Петар Марко и јас одигравме баскет со едно локално дете. Кога ќе се направи нагло движење или скок, овде на 3700 мнв се чувствува влијанието на висината врз организмот. По половина час ја прекинавме оваа егзибиција бидејќи треба да ја сочуваме силата за искачувањето на Еверест. Утре остануваме тука и планирана е аклиматизација на еден од блиските врвови. Засега нема здравствени проблеми во екипата, а се надевам дека така и ќе остане.
Срдечен поздрав од Тибет од членовите на експедицијата „Еверест 2007“!

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата

04.04.2007   Тибет ... Денес ни е втор ден во Тибет. Се наоѓаме во Нилам и полека почнуваме да се аклиматизираме.
Имаме 4 шерпаси. Со Сонам, едниот од нив, бев на Ама Даблам.

Глигор Делев
Член на експедицијата

03.04.2007   ... Автобусот дојде по нас рано наутро. Со нас патува и нашиот сирдар Бола, додека Шерпасите отидоа вчеравечер со нашата опрема. Патот од престолнината на ова мало Хинду кралство до пограничното село Кодари, води низ преубави зелени предели. Полиња со ориз, јачмен и разен зеленчук се сменуваат со шуми во кои, како се повеќе се искачуваме, се повеќе преовладуваат зимзелени дрвја. После три часа полека влеговме во кањонот на реката Боте Коши. На таа река се наоѓа најверојатно најдолгиот Банџи цамп во свет. Луѓе скокаат од мостот во понор длабок 180 метри! Доаѓањето во Кодари не беше воопшто едноставно. Имено, после монсунските дождови на неколку места водената стихија го однела патот. Вредните луѓе со голем труд успеале да доѕидаат дел од него и да нафрлат нешто земја, токму колку што е потребно автобусот да може да премине на другата страна. Во Кодари ги средивме формалностите околу преоѓањето на границата за потоа пешки да влеземе преку славниот Мост на пријателство, во Република Кина. Веднаш над него на 2700 мнв се наоѓа градот Зангму. Како и во секој пограничен град, трговијата цвета. Стотици натоварени камиони чекаат да влезат од Кина во Непал.
Овде ноќеска правиме пауза, а утре продолжуваме на Тибет се до крајната цел - Базен камп Еверест (5200 мнв).
Сите членови на експедицијата се чувствуваат добро, а атмосферата во екипата е одлична.

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата

03.04.2007   Тибет ... Впечатокот за Драган Јакимовиќ водачот на експедицијата, е дека има големо искуство, а доста е скромен. Се е добро организирано. Цимер ми е Басар од Нови Пазар. Денес со автобус стигнавме во граничниот град Зангму, во Тибет.

Глигор Делев
Член на експедицијата



Глигор е доле крајно десно / Фото Петар Печанац

02.04.2007   Катманду ... Заради преминувањето низ неколку временски зони, главно сите спиеја полошо. Но колку што можам да приметам насмевката е сепак тука. За време на доручекот имавме договор за денес. Секој доби по некое задолжение, па се растрчавме по градот да го завршиме она што вчера не стигнавме. Продавниците се отвораат меѓу 9 и 10ч. Се палат миризливи стапчиња и се читаат молитви на Боговите. Нема многу минувачи по улиците. Туристите се уште спијат, а само понекој алпинист бара опрема што му недостасува. Полека се навикнуваме на успорениот стандарден ритам со кој живеат жителите на овој град. После милион обврски и брканицата низ Белград пред патот, ова е како мелем на рана.
Денес нашата експедициска опрема тргна со камион за Тибет независно од нас. Ќе се сретнеме дури во базниот камп. Ние тргнуваме утре изутрина кон пограничното село Кодари. Ќе бидат потребни околу 6ч возење до границата во автобус кој е само нешто подобар од легендарниот од „Кој тоа таму пее“!

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата

02.04.2007   Катманду ... Дојдов пред два дена тука во Катманду. Дел од личната опрема пристигна со еден ден задоцнување и тоа многу ме загрижи. До сега само се спремавме за експедицијата и купивме веќе се што недостасуваше.
Утре одиме за Тибет и со тоа ќе почне аклиматизацијата.

Глигор Делев
Член на експедицијата

01.04.2007   Катманду ... Мирис на кари во воздухот, измаглица над градот, насмеани лица на пријателите на аеродромот и веселите носачи кои се грабаат за опремата на експедицијата, со повици „Добредојде дома, Драгон!“ Како е убаво да се вратиш овде. Времето сопрено пред повеќе од век и понатаму како да стои.
Првиот ден во Непал пред секоја експедиција е секогаш ист: Разговор во Министерството за потребните документи и дозволи, проверка на опремата која утре тргнува за Тибет, купување храна за висинските кампови и уште дестина ситници кои треба да се спремат за да не не боли глава во базниот камп. Нашиот агент Исвари ги спремил сите списоци така да не губевме многу време на организација на работата.
Од него дознавам дека многу експедиции веќе го напуштиле градот и тргнале кон Хималаите. Ние не се брзаме никаде. Еверест не се качува на брзина и со сила. Треба да се создаде добра тимска атмосфера во екипата, па резултат на тоа ќе биде мирот и стрпливоста во нив. Тогаш еден ден врвот ќе се појави сам по себе како дел од патот на кој тргнале пред неколку години. Најважно е да не се заборави дека Монт Еверест не е цел туку резултат.
Тимот кој го водам го припремав и селектирав со години за овој потфат. Врвовите кои се зад нас не зближија и ни го зацврстија верувањето дека заедно можеме многу. Затоа не се плашам од предизвикот пред нас.
Затоа одам мирно на спиење.
Срдечен поздрав од Кралството Непал до сите кои не следат и навиваат за нас ...

Драган Јакимовиќ
Водач на експедицијата


Глигор Делев испраќа информации директно за MKDmount, а информациите од Драган Јакимовиќ ги добиваме преку Summit extreme team. Голема благодарност до нив за задоволството да ги следиме на нивниот пат кон кровот на светот!

Поглед на Монт Еверест од Калапатар / Фото Трповски Стојан

Поглед на Монт Еверест од Калапатар, искачувањето ќе биде по североисточниот гребен (лево) / Фото Трповски Стојан


Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Меккинли 2008

Славеј Планина 08

По повод 18-ти Август - Денот на АРМ, Ве покануваме на 6-от Меморијален марш и ...

Ориентација

Отворено Првенство на Охрид, Меѓународен натпревар во Спортска ориентација ...

17-то искачување на Голем Кораб

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

Маратон „Јасен 2008“

Од стартот стрмната угорнина која беше наш предизвик, дружбата, чистиот воздух на Сува ...

Меморијал Мурато 08

На 19-тото традиционално искачување на Пелистер (2601 мнв) во чест на нашиот Димитар ...

Голем Кораб 07

Кораб е единствената планина во Македонија со алпски карактеристики. Пејсажите и климата ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани