|
|
 |
|
|
|
04.05.2007 Базен камп ... Се вративме во Базниот камп. Какво олеснување. Денес падна предлог да се направи одбојкарски терен овде на 5170 мнв! Само не знам од што ќе ја направат топката. Всушност тука е Duck-лентата, плус 2-3 нечисти маици и ете занимација. После престојот на 7500 мнв овде сите се чувствуваат како дома, па не ме изненадуваат вакви предлози и комбинации. Горе во Истурениот базен камп запознавме еден дечко од Канада кој се вика Мануел Пизаро - Мани (чилеанско потекло) кој е сјајен карактер. Имено, ние имаме два РГБАН-а и имаме најбрз пристап до сателит во кампот, но двата лап-топа се во дефект (хард диск). Мани има страшна машина правена специјално за оваа висина, а нема сателитски линк така да дојде со здружување на средствата. Сега и тој и ние праќаме извештаи за нашите сајтови. Од денес повторно можете да уживате во фотографиите на Петар Печанац. Помина половина од експедицијата. Тешко да можеше да ја одработиме аклиматизацијата подобро. Само што завршивме се во висинските кампови кога почна седмодневен период на лошо време. По тибетанскиот календар првата недела од полн месец секогаш носи лошо време. И навистина е така. Дали имавме среќа досега што се однесува до времето? Не, тоа не е среќа. Тоа е затоа што оваа експедиција нема план по денови, по кој строго се придржува. Тоа е затоа што се прилагодуваме на природата и нејзините закони. Иако и тоа не е лесно. Треба да се биде активен и стрплив. Кога на членовите на експедицијата пред 10 дена им реков, после јакиот ветер на Северното седло, дека се враќаме во Базниот камп, многумина помислија: „Лесно е до доле, но кој ќе се врати на 6400 мнв“. Но кога ги гледаат ефектите на себеси, сите задоволно се смешкаат. Еве не повторно во Базниот камп. Овој пат никој не го постави прашањето: Зошто? Затоа додека ова го пишувам пред мојот шатор се спрема утакмица. Тоа се позитивните ефекти од аклиматизацијата. Резултатот не е битен, важна е атмосферата.
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата

Поглед на Чанг Це од Првиот висински камп / Фото Петар Печанац

Кон северното седло / Фото Петар Печанац
|
|
|
|
01.05.2007 Истурен базен камп ... По излегувањето на 7500 мнв се вративме во Истурениот базен логор. Сега кога ја одработивме и таа аклиматизација која сите одлично ја поднесоа, се враќаме во Базниот камп да се одмориме и да чекаме добро време за завршното искачување. Што се однесува до висинскиот логор Ц2, сепак одлучивме да го поставиме на 7700 мнв. Поздрав од Истурениот базен камп!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
01.05.2007 Прв
висински камп ... Зарем мислевте дека и ние нема
да го обележиме 1-ви Мај? Поранивме и по убаво време успеавме
да излеземе на северниот гребен (7500 мнв)! Навистина
немавме јагнешко, скара и пиво, но сатоа се тука супите
и топењето на снег :-) Денес совладавме помала висина отколку
претходните денови, но должината беше речиси иста. Сега
веќе имаме два висински кампа и ни остануваат уште Ц3 и
Ц4. Се надеваме дека и во наредните денови ќе не послужи
времето. Не можете ни да замислите колку се зголемува оптимизмот
кај членовите на тимот како што напредуваме кон врвот.
Со поставувањето на секој нов висински логор луѓето се
се помотивирани, што е исклучително значајно на вака тешки
експедиции. А најбитно од се, сите се чувствуваат одлично.
Поздрав до сите во Србија. Целата екипа ви посакува среќен 1-ви Мај и што поубаво да го прославите.
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
30.04.2007 Прв висински камп ... Конечно Ц1! За разлика од претходните денови, денеска имавме идеални услови за искачување. Беше облачно, без ветер, температура -5 степени. Ни стигна заслужената награда за нашата стрпливост. Целиот тим без проблеми го совлада искачувањето од Истурениот базен камп до Првиот висински камп, така да сите веќе се зафатени со топење снег и спремање супи и чаеви. Покрај тоа што конечно го поставивме Првиот висински логор, денешниот успех многу ќе им значи на членовите на психолошки план бидејќи не е лесно да се седи со денови и да се чека подобрување на времето. Колку и да ни е убаво во Базниот камп сепак овде сме заради искачувањето. Сега сме еден голем чекор поблиску до врвот. Треба да се совладаат „само“ уште 1700 мнв. Да не веруваме дека можеме не би ни биле овде. Само да не послужат времето и здравјето. Изгледа дека ни пративте малку од убавото време од Србија. Хималаите се далеку, па му требаше малку време да стигне.
Голем поздрав од Ц1!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
29.04.2007 Истурен базен камп ... Кој вели дека по утрото денот се познава? Утрово беше сончево и убаво за попладне да почне да паѓа снег. За сега не ни ги пореметува плановите бидејќи одлучивме после вчерашниот исклучително напорен ден да одмориме еден ден во Истурениот базен камп и тогаш да продолжиме према северното седло. Се надеваме дека до утре снегот ќе престане да паѓа. Ако биде така, тогаш одиме во Првиот висински логор (7150 мнв). Поздрав од Истурениот базен камп!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
28.04.2007 Истурен базен камп ... После 5 дена во Базниот камп, пак сме во Истурениот базен камп! Очигледно одморот во Базниот камп, кремот и плазмата си го направија своето, и сите беа полни со сила така да денес за 9ч стигнавме до Истурениот базен камп што е разлика од речиси 1400 мнв. Времето почна да се подобрува и имаме намера да продолжиме понатаму. Ако временските услови бидат поволни утре или задутре ќе пробаме да го поставиме Ц1 - првиот висински камп. Денес е роденден на Марко. Немавме подарок за него, но мислам дека погледот на Еверест е одличен подарок иако со мало закаснување :-) Башко и Др. Глигор конечно дојдоа до своите карти, па треба да се очекуваат повремени карташки дуели. Сите членови на тимот се добро и се надеваме дека наскоро ќе се јавиме од Ц1. Поздрав од Истурениот базен камп!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
27.04.2007 Базен камп ... По неколку денови одмор во Базниот камп, планиравме да одиме до Истурениот базен камп, но и натаму паѓа снег во комбинација со јак ветер, па бидејќи имаме доволно време, решивме да не брзаме и да останеме уште еден ден во Базниот камп. Ако утре биде подобро времето ќе одиме. Инаку „Плазмата“ е при крај така да ќе мора да воведеме рестрикции :-) Целата опрема за висинските кампови е спремна и сега само чекаме поволно време па да тргнеме. Поздрав од Базниот камп!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
24-27.04.2007 Базен камп ... После ладниот ветер на Северното седло и 5-те поминати дена во Истурениот базен камп на 6400 мнв, се вративме во Базниот камп. За оние што се загрижени за нас и нашето „повлекување“, нема причини за грижа. Се е тоа дел од тактиката која се уште не е видена овде на Еверест :)) ... Всушност се е едноставно: Ако експедицијата не биде успешна јас сум крив. А ако тимот успее да го достигне тоа парче снег над облаците кое го гледаме секој ден, тогаш тие се хероите. Сега во мир во Базниот камп ги разработуваме сите можности за продолжување на искачувањето. Не е мудар оној којшто е брз, јак и храбар, туку оној кој е стрплив, мирен и опуштен. Не е лесно да се биде мудар во подножјето на вака моќна планина како што е Сагарматха. За момент можат да те понесат чувства, ентузијазам, а тогаш ќе согориш за два дена и збогум планино - отидов на риболов :)) Во Базниот камп времето го поминуваме дружејќи се со членови на другите експедиции, истражувајќи ја околината (но внимаваш да не те фати кинеската војска), посети на манастирот Ронгбук и сл. Се разбира, се перат алишта (тоа се оние мачо типови кои дома ни машината за перење не знаат да ја вклучат), некој и се избањал (храбро, нема што!). Илија утринава порани и со нашиот кувар Рац Кумар направија сатараш за целата екипа! Башко и Др. Глигор ги заборавија картите во Истурениот камп, па сега жалат за пропуштените партии. Гага го изеде целиот Еурокрем од магацинот на експедицијата, на што единствено Марко „остро“ се побуни. Што знаат деца што е два кг чоколаден крем!! Резервите на кексот „Плазма“ се при крај. Најдобрите работи се јадат први ... Симо упорно ги слуша вестите на BBC преку својот транзистор :)) Иако редовно го игнорираме, ни ги пренесува сите светски случувања. Двата хард-диска на лап-топовите штрајкуваат, но затоа ние стрпливо ја чекаме нивната аклиматизација. (Благодарност до Боки (Грид), Шоне и Деки (ЕСТ), Сале и Владо (Асбис), Џо (Екосан), Влада (Петров) ... Да живее ДХЛ!! Побрзајте малку, Исвари ве чека во Катманду ...) Инаку само ние имаме два RBGAN-а, а ни еден лап-топ. Сега се чувствуваме како Патак Дача: „Прво имав конзерви, а немав отворач, сега имам отварач но немам конзерви ...“ Како што гледате и покрај сите тешкотии, екипата го задржа ведриот дух. Дури припитомивме еден тибетански орел кој го однесе ова писмо до нашиот вебмастер. Неговиот дел беше само да отчука две реченици во компјутерот и да притисне Ентер. Следното јавување ќе биде кога орелот ќе се одмори од далечниот пат (ако пред тоа не го среди некој храбар српски ловец на Стара планина :))
Голем поздрав од Тибет
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
23.04.2007 Базен камп ... И понатаму седиме во Базниот камп и одмараме. За сега и останатите експедиции го следат „нашиот пример“ и се спуштаат во Базниот камп додека не помине невремето. Инаку треба да знаете дека ова не е ништо необично ниту засега нешто посебно влијае на планот за искачување. Во тек на искачувањата над 8000м често се оди горе-долу по висинските и Базниот или Истурениот базен логор. На тој начин се постигнува подобра аклиматизација, а и организмот се чува од непотребно трошење за време на престојот во некој од висинските логори. Затоа ваквите работи бараат стрпливост и психичка спремност. Сите членови на тимот се добро и секој има некој свој начин да го скрати времето. Едно е сигурно, сите се цврсто решени да истраат и на крај на мај да ја испратиме толку посакуваната фотографија со знаме од врвот.
Голем поздрав од Базниот камп!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
23.04.2007 Базен камп ... Бидејќи на северното седло ветерот е се уште јак одлучивме да се спуштиме во Базниот камп. Таму ќе одмораме следните 3 дена и ќе чекаме поволни временски услови за одење до северното седло и поставување на кампот Ц1. Сите членови на тимот се добро и засега нема никакви проблеми. На сите ќе им годи овој краток одмор во Базниот камп да го освежат малку организмот. Знаеме дека навивате за нас и верувајте, многу ни значи вашата поддршка. Покрај физичките припреми потребна е и исклучителна психичка подготвеност. Како што на фудбалерите публиката им е дванаесетти играч, така вие сте ни нам единаесетти член на тимот. Голем поздрав од Базниот камп!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
22.04.2007 Истурен базен камп ... После вчерашниот снег кога сите во шаторите ги спремавме водата и опремата за денес, тимот се обиде да се искачи до северното седло (7150 мнв) со надеж дека ќе успеат да го постават првиот висински логор Ц1. Планот беше ако успеат во тоа, таму и да преспијат. Но, сепак Еверест не би бил Еверест кога во момент можат да се сменат условите. Ги дочека јак ветер така да донесоа паметна одлука да се вратат и преспијат во Истурениот базен камп. Сега сите пиеме чај и внесуваме што повеќе течности во организмот, чекајќи ги првите подобри временски услови за да тргнеме кон Ц1. Голем поздрав од (се уште) Истурениот базен камп.
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
21.04.2007 Истурен базен камп ... Повторно проблеми со опремата. Вчера ни цркна и вториот лаптоп а само што успеавме да го оспособиме сателитскиот модем. Очигледне судено ни е овојпат да немаме среќа со техниката, но ако е тоа цена за успешна експедиција тогаш нека биде така. Отсега извештаите ќе ги праќаме преку сателитскиот телефон што значи дека нема да ви недостасуваат новостите во врска со понатамошниот тек на експедицијата. Ќе направиме се што е во наша моќ ако е било како возможно да го оспособиме лаптопот и на некој друг начин да испратиме слики и клипови. Инаку денес паѓа снег без престан, така да сите активности во Истурениот базен камп се сведени на минимум. Сите се во своите шатори и секој на свој начин го поминува времето. За среќа екипата е добро селектирана и искусна така да не им паѓа тешко овој снег и чекањето. Голем „снежен“ поздрав до сите
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
Видео-клип од експедицијата |
|
19.04.2007 Истурен базен камп ... Се уште се привикнуваме на висината. Не боли глава по малку пред станување, но подоцна како одминува денот се е во ред. Изутрина еден облак го засолни сонцето при излегувањето позади северо-источниот гребен на Еверест и сите бевме уверени дека не е време за доручек. Но затоа готвачот Бахадур удирајќи во чинија означи дека е спремно за јадење. После доручекот имав состанок со Шерпасите качувачи околу нивните обврски во наредните 20-тина дена. Инсистираа да им дадам написмено што се треба да се однесе во висинските кампови бидејќи така им било полесно. Остатокот од тимот отиде према северното седло на лесна аклиматизација. За тоа време ги припремив извештаите за нашиот сајт. Денес по прв пат испративме и видео-клип кој утре ќе биде достапен. Во име на членовите на експедицијата се заблагодарувам на сите писма на поддршка и пораки кои секојдневно стигнуваат на нашиот сателитски телефон. Сега морам да прекинам бидејќи Петар ме предупредува дека сонцето зајде! Имено, оваа техника морате да ја чувате од кондензација бидејќи хард-дисковите на оваа висина веднаш се блокираат ако не внимавате на тоа.
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
18.04.2007 Истурен базен камп ... Во Истурениот базен камп сонцето излегува порано отколку во Базниот камп. Никој не спиеше баш најдобро, единствено докторот се пофали дека му била најдобра ноќ досега! Веќе за време на доручекот дојде Бола и ми донесе лоши вести. Нашиот Шерпас Лакпа Тарке се разболел и мора назад во Базниот камп. Го пратив со него и Сонам за секој случај. Нема температура, нема симптоми на висинска болест, не е изнемоштен, единствено повремено го губи видот на две-три секунди. Нашиот доктор вели дека е во ред, но подобро нека оди во Базниот камп да се одмори малку. Денес го подигнавме комуникацискиот шатор. Сите движења ни се како на успорена снимка. Кога работите на оваа висина и кога атмосферскиот притисок е само 464 милибари, тогаш дехидратацијата е исклучително изразена. Од сирдарот Анила од британската експедиција „Adventure Peak“ дознавам дека имаат доста болни во кампот. Некои дури се на кислород. Членовите на нашиот тим немаат такви проблеми. Се надевам дека така ќе остане и во следните десетина дена бидејќи многу важно ни е сите да бидат здрави во аклиматизацискиот период до висина од 7500м. Претпладне во кампот беше сончево, а попладне веќе почна да паѓа ситен снег. И конечно, успеавме да го средиме сателитскиот модем! Сега секој ден ќе праќаме фотографии и текстови за случувањата во текот на искачувањето, а од утре ќе праќаме и видео-фајлови.
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
17.04.2007 Истурен базен камп ... Ме пробудија јаковите. Триесетина од нив спиеја меѓу нашите шатори. Утрото на глечерот беше без облаци. Дури сега гледам каде преспавме. Нашите шатори се вкопани во камењарот на морената, а од другата страна се огромните зеленкасти сераци. Некои од нив се високи и преку 50м. Вчера направивме грешка бидејќи дојдовме во кампот пред нашите јакови. Ги чекавме повеќе од два часа за да ги донесат нашите шатори. Затоа денес ги пуштивме пред нас, а ние полека уживавме во 6-часовната прошетка до Истурениот базен камп (6400 мнв). Ако членови на други експедиции прочитаат дека сум напишал „прошетка“, сигурно ќе се налутат. Многу од нив тешко го поднесоа доаѓањето на оваа висина па утредента веднаш се вратија во Базниот камп. По доаѓањето во Истурениот базен камп, прво што забечежав беше положбата на нашиот камп и шатори. Му честитав на Бола (нашиот сирдар) на изборот на местото бидејќи сме близу до северното седло, а второ, првите сончеви зраци кои се појавуваат наутро паѓаат на нашите шатори. После вечерата немаше дуел меѓу Башко и Глигор бидејќи сите бевме уморни. Првата ноќ на нова висина секогаш носи малку главоболка и полош сон, но утре ќе биде се во ред. Ве поздравуваме по прв пат од Истурениот камп на Еверест од 6400 мнв.
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
16.04.2007 Базен камп ... После доручекот ги спакувавме соларните панели, акумулаторите, радио уредите, каблите за осветлување во Истурениот базен камп и уште многу техничка опрема која вчера ни беше потребна. Бидејќи после аклиматизацијата ќе се вратиме овде, сите оставивме дел од опремата во шаторите. Трпезарискиот шатор и кујната остануваат во Базниот камп, исто и готвачот и еден негов помошник. Другиот готвач тргнува со нас и тој веќе нема да се враќа назад. Значи имаме два комплетно опремени кампа. Тргнавме околу 13ч. Ранецот на грб и правец планина. Имаше облаци па беше доста лесно за пешачење. Овојпат намерно идевме поспоро, така да ни требаа околу 5ч до Средниот камп. Ги оставиш мислите да лутаат кој знае каде а нозете сами си го знаат патот. Единствено те будат колоните јакови кои се враќаат од Истурениот базен камп. Секое пешачење по морената на било кој глечер е многу монотоно и досадно. Но штом се мора не е тешко. Овде е 600-700 метри повисоко од Базниот камп, и затоа нешто поладно. На небото има многу гаврани, кои овде се нарекуваат Горак. ГИ следат експедициите и колоните јакови заради храна. Досега ниеден член на експедицијата нема проблеми со висината. Здравствениот билтен е одличен, а атмосферата во тимот секој ден се подобра. Така нека и остане.
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
|
|
|
|
14-15.04.2007 Базен камп ... Во Базниот камп продолжуваат припремите за одење до Истурениот базен камп на 6400 мнв. Првиот дел од јаковите со храната за експедицијата и опремата за висинските кампови е веќе отиден. Ние ја спакувавме нашата лична опрема којашто заедно со нас тргнува према Истурениот базен камп. Исто така, со друг караван на јакови ќе тргне и остатокот на опремата неопходен за искачувањето: 60 боци со кислород, околу 100 литри керозин, 6 боци со плин за кујната и уште храна којашто не отиде со првиот караван. Непалците Новата Година ја слават на 14.04. и готвачот ни спреми торта после вечерата. На неа пишуваше Happy New Year 2064. Ја поделивме тортата заедно со нив и се разбира им честитавме Нова Година. Идниот ден ја измеривме преостанатата опрема којашто требаше да се испрати во Истурениот Базен камп. Резултат беше дека имаме многу екстра килограми. Имено, правилата се следни: Во пролет кога нема доволно храна јакот носи само 40 кг, а наесен после монсуните дозволени се 60 кг. Кинеските власти одобруваат 4 јакови по член во пролет, а 3 наесен. Тоа значи дека морате и заедничката и личната опрема да ја вклопите во тој број на јакови. Тоа е невозможно, и секоја година CTMA добро заработува на дополнителните јакови кои мора да ги изнајмите. Се разбира, не можете да отидете до селото и да се договорите со сопствениците на јаковите бидејќи овде државата се контролира. Милош и јас бевме поканети на вечера од страна на водачот на руската експедиција. Тука запознавме неколку интересни личности меѓу кои се истакнува нивниот доктор Андреј. Он е интересен по тоа што покрај својата работа, е страствен технички искачувач. Разменивме емаил адреси бидејќи најави дека можеби ќе дојде во нашите краишта на искачувања. Утре идеме во Средниот камп (5800 мнв), каде ќе имаме едно ноќевање за да идниот ден продолжиме за Истурениот базен камп (6400 мнв). Срдечен поздрав од сите членови на експедицијата!
Драган Јакимовиќ Водач на експедицијата
Кликнете овде за да ги видите претходните извештаи.
Др. Глигор Делев испраќа информации директно за MKDmount, а информациите од Драган Јакимовиќ ги добиваме преку Summit extreme team. Голема благодарност до нив за задоволството да ги следиме на нивниот пат кон кровот на светот!
|
|
|
|
 |
|
|
Поглед на Монт Еверест од Калапатар, искачувањето ќе биде по североисточниот гребен (лево) / Фото Трповски Стојан |
|
|
 |
|
 |
|
|
 |
|
|
 |
|
 |
|
 |
|
Славеј Планина 08 |
По повод 18-ти Август - Денот на АРМ, Ве покануваме на 6-от Меморијален марш и ... |
|
Ориентација |
Отворено Првенство на Охрид,
Меѓународен натпревар во Спортска ориентација ... |
|
|
 |
|
|
|
Трпејца 2008 |
КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ... |
|
Демир Капија 2008 |
Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ... |
|
Титов врв 2008 |
Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ... |
|
Маратон „Јасен 2008“ |
Од стартот стрмната угорнина која беше наш предизвик, дружбата, чистиот воздух на Сува ... |
|
Меморијал Мурато 08 |
На 19-тото традиционално искачување на Пелистер (2601 мнв) во чест на нашиот Димитар ... |
|
Голем Кораб 07 |
Кораб е единствената планина во Македонија со алпски карактеристики. Пејсажите и климата ... |
|
|
|
|
 |
|
|
|
|
|