|
Голем успех постигна македонската хималајска експедиција. По многу напори, освоен е највисокиот врв на светот - Монт Еверест. Тројца алпинисти - Димитар Илиевски од Битола, Виктор Грошељ од Љубљана и Стипе Божиќ од Сплит се искачија на „покривот на светот“, заедно со уште двајца шерпаси - висински носачи. Освоена е јужната пострмна страна на Монт Еверест, врвот висок 8 848 метри. Освојувањето на овој врв беше навистина тешко, бидејќи е освоен дури во третиот обид, по полни 15 ќаса искачување. Фактот дека последните 863 метри, тројцата алпинисти ги минаа за 15 часа, најдобро покажува како се одвивало искачувањето и освојувањето на врвот. „Македонската хималајска експедиција 89“ ја сочинуваа 13 алпинисти: Јован Поповски (Скопје), кој беше водач на експедицијата, Ѓорѓи Костовски (Битола), Димитар Илиевски (Битола), Борче Јовчевски (Титов Велес), Серафим Серафимовски (Струмица), Сашо Андонов и Димитар Тодоровски (Скопје), Горазд Росоклија и Владимир Бошковски - лекари (Скопје), Страшо Лозановски - директор на базниот камп, Румен Камилов - снимател, Слободан Ѓорѓиевски и Владимир Андреевски - одговорни за радиоврските. Подоцна, на 16 април, кон оваа експедиција се приклучиле и Виктор Грошељ (Љубљана) и Стипе Божич (Сплит), и двајцата искусни алпинисти кои имаат освоено повеќе светски врвови.
Базниот логор - алпинистичко село Според информациите што ги добивме и Грошељ и Божиќ биле приклучени кон македонската експедиција на барање од Планинарскиот сојуз на Словенија. На овие двајца алпинисти цел им била да го освојат врвот „Лотце“, инаку четврти по височина во светот. На 30 април, Грошељ и Божиќ успеале да го освојат „Лотце“, а потоа имале уште една „среќа“ кога во составот на македонската експедиција успеале да го освојат и највисокиот врв на светот Монт Еверест. Значи, практично се освоени два врва, што секако претставува досега најголем успех на југословенскиот алпинизам. Инаку, македонската хималајска експедиција во освојувањето на Монт Еверест, појде во три групи. Првата тргна уште на 29 февруари, втората на 5 март и третата група отпатува на 12 март. Базниот логор беше поставен на 5 300 мнв. а тука покрај македонските алпинисти биле уште две експедиции: американската и полско-мексиканската екеспедиција. Со еден збор, едно мало алпинистичко село.
Два неуспешни обиди Првиот виснски логор бил поставен на 6 100 метри, а вториот на 6 800 метри. Третиот висински логор бил поставен меѓу 7 300 - 7 500 метри, а последниот на 18 април на 7 980 метри. Експедицијата пред да го освои врвот имала два неуспешни обида. Првиот обид бил на 2 мај, а вториот на 6 мај. Двата, како што рековме не успеале поради тоа што временските услови биле многу лоши. Дувале силни ветрови, па алпинистите морале да се вратат назад во логорот, бидејќи практично било невозможно да се направи ни чекор повеќе. Дури во третиот обид на македонските алпинисти и на експедицијата им се насмевнала среќата. Димитар Илиевски, член на „Пелистер“ од Битола, искусен и проверен алпинист кој има 35 години, заедно со Гроѓељ и Божиќ успеале со натчовечки напори да се искачат на Монт Еверест и среќни, радосни, и крајно исцрпени да го постават југословенското и македонското знаме, кое ќе се виори како спомен на се она што се случувало на Хималаите. Бездруго подвиг за историја.
Орден за Илиевски Кој е Димитар Илиевски? Сигурно, за многумина непознат, но во алпинистичките кругови него сите го познаваат како мошне вреден и трудољубив човек и спортист. Стандарден член е на македонската алпинистичка репрезентација од 1982 година и досега ги има освоено врвовите на Перуанските Анди, како и врвот на „Комунизмот“ на Памир (7 500 метри) во СССР. Беше еден од тројцата македонски алпинисти на Хималаите кои во 1986 година, две недели останаа на 7 500 мнв приковани од големото невреме на Манаслу, седми врв по височина во светот. За вонредни заслуги во алпинизмот, како и за спасување на двајца алпинисти од Австрија од сигурна смрт во 1984 година на Памир на 7 000 метри височина, кога останале цела ноќ во борбата за спасување на животите на овие двајца Австријци, Илиевски заедно со Ѓорѓи Костовски е одликуван со Орден заслуги за народ со сребрени зраци. Да кажеме и тоа дека оваа македонска хималајска експедиција за подготовките и освојувањето на врвот Монт Еверест потроши 100 илјади долари, што секако е една од најевтините и најскромни инвестиции во историјата на алпинизмот. Овие средства се обезбедени од Републиката, од општествените организации, од СИЗ-от за физичка култура, работни организации. Генерален спонзор на експедицијата беше ЈАТ кој бесплатно ги обезбеди билетите на релација Скопје-Катманду-Скопје.
Извор: Напис од „Нова Македонија“, 12.05.1989 год.
|
|