|
На предлог на Алпинистичката секција на нашето друштво до Претседателството на СПД „Златоврв“ во декември 1995 год. за организација на алпинистичка експедиција во странство, на некој познат врв на којшто досега македонскит алпинисти се немаат искачувано, беше донесена одлука за организрање на истата. При одлучувањето на кој врв да се организира експедицијата, се одлучивме тоа да биде регионот на „Тиен Шан“ и врвот „Хан-Тенгри“ висок 7000 мнв во Република Киргистан. Како главна друштвена акција за 1996 год. идејата беше изнесена на годишната конференција на друштвото во јануари 1996 год. и истата беше прифатена од членството. Набрзо беше формиран и Иницијативен одбор на чело со г-дин Лазар Ангелески. Веднаш по формирањето на одборот беа зацртани и активностите за успешно спроведување на експедицијата. За водач на експедицијата бев одреден јас, мораше под итно да се организираат голем број активности како што беа: Распишување конкурс за членови на експедицијата, набавка на опрема, организирање на транспортот, престојот во Киргистан, лекарски прегледи, подготовки и се друго што е поврзано со експедицијата. На конкурсот се пријавија Димче Јованоски, Мотески Михајло, Тодороски Славко и Радица Арсовска од Скопје. Беа организирани подготовки во два дела, и тоа: - Индивидуални подготовки на секој член на екипата, во термини кога најмногу им одговара. - Заеднички подготовки на сите членови заедно, кои се организираа на повисоките планини во Македонија, најмногу на Солунска глава во текот на зимата. Беа извршени прелиминарни лекарски прегледи во амбулантата за спортска медиција во Прилеп, од страна на д-р Петар Оханесјан. На прегледите се покажа дека сите членови се во одлична здравствена состојба и се во состојба да учествуваат во експедиција од ваков вид. Повеќемесечните подготовки опфатија и набавка на потребната висинска опрема, добивање неопходни информации за планината и регионот во кој треба да престојуваме, влезни визи за Р. Киргистан од Руската амбасада во Скопје, изработка на дел од опремата во претпријатија во Прилеп и на крајно бескрајното трчање по финансиски средства по фирмите во градот и пошироко. Тензијата пред заминување на експедиција дополнително ја подигна и отпаѓањето на Тодороски Славко од комбинација, поради здравствени причини на последниот лекарски преглед. По многу перипетии, собирање на последните пари буквално во последен момент, експедицијата во состав Белокапоски Христо, Мотески Михајло и Јованоски Димче замина на 27.07.1996 год. на пат кон Р. Киргистан. Транспортот до Киргистан протекна во најдобар ред и одлична организација, на аеродромот „Манес“ во Бишкек слетавме на 30.07.96 во 07ч изутрината после 5,5 часа летање. Во Бишкек бевме пречекани од агенцијата „Тиен Шан“ која ја води г-динот Владимир Комисаров, поранешен истакнат советски алпинист, учесник во повеќе хималајски експедиции. Меѓутоа во Каракол започнаа сите перипетии околу добивањето на пограничната дозвола, нашата проверка од страна на КГБ, за што изгубивме 3 работни дена. Кон Мајдадир хеликоптерската база од која се изведуваат летовите со хеликоптер за базниот камп на ледникот „Јужен Инилчек“, тргнавме на 02.08.1996 год. Патот е долг 135 км и се одвива преку планинскиот превој „Чон Ашу“ висок 3850 мнв. Патувавме со камион „Зил“ во кој ја сместивме целата опрема, храната за базниот логор, како и членовите на холандскиот трекинг и една четиричлена руска експедиција од Москва. Во помошната база Мајдадир на 2500 мнв стигнавме приквечерината по дождливо време, вечерта пограничните единици направија контрола на новопристигнатите експедиции бидејќи нивна задача е да ги контролираат оние кои се упатуваат во овој регион исто така и кога ќе се вратат. За наша среќа 03.08. осамна како убав сончев ден така да шансите за полетување кон базниот камп беа 100% и некаде околу 11ч со вториот лет заедно со уште 20 други алпинисти и сиот багаж одлетавме кон б.к. По пристигнувањето во Базниот камп пристапивме кон уредувањето на шаторите, средување на опремата и запознавање со раководството на Базниот камп, како и со членовите на останатите експедиции кои во тој момент беа во максимален број од Франција, Германија, Турција, Русија (повеќе), Литванија, Холандија и др. Веќе од наредниот ден отпочнавме со спроведување на нашата аклиматизациона шема според која требаше етапно да се аклиматизираме до висина од 6400 мнв со пове последователни искачувања после кои следи одмор од 2-3 дена и конеченото искачување на врвот Хан-Тенгри на 7000 мнв. Нестабилното време се потврди како значаен фактор уште на почетокот од нашиот престој на планината и после 2 убави дена отпочна временската променада, убаво утро попладне невреме со врнежи од снег до напладне наредниот ден. Во вака сложени временски услови се одвиваа аклиматизациските искачувања, следени со поситни незгоди како што е пропаѓање во пукнатини, настинки, дефекти на бензинскиот примус и друго што предизвика да изгубиме доста денови. Како податок ќе наведам дека сите членови на експедицијата имаа проблеми со исхраната и чести појави беа проливите и цревните инфекции. И покрај објективните потешкотии, на 13.08.96 од вториот висински камп на 5100 мнв во кој останаа Диме и Мики, се искачив во третионс висински камп на 5900 мнв каде преноќевав, и наредниот дел се упатив на последното аклиматизациско искачување на височина од 6400 мнв. Со тоа аклиматизациските искачувања беа завршени, ми остана уште финалето кон врвот. Според планот требаше да се спуштам во базниот камп но тоа значеше губење 4 работни дена и уште 3 дена за искачување до височина од 5900 мнв, вкупно 7. Бидејќи се чувствував мошне добро, решив да останам уште една ноќ на 5900 мнв и наредниот ден утрото да заминам кон врвот. Но токму тој чекор не бев во можност да го сторан бидејќи времето се влоши, чекав уште едно деноноќие но шансите беа уште помали. За да не се доведеме во ситуација да ги загрозиме сопствените животи, на 16.08. заедно со уште 3 руски алпинисти наврзани во лавинска наврска почнавме да се спуптаме по ледникот „Семиновски“ кон базниот камп. По ледникот имаше наврнато нов снег преку 60 цм, густата магла и јакиот ветер чинеа видливоста да биде многу слаба, а спуштањето мошне ризично заради покриените пукнатини. На височина од 4500 мнв ја направивме првата радиоврска со базниот камп по неколкудневен прекин, на излезот од Семеновскиот ледник не пречекаа пријателите на едниот од руските алпинисти кои беа мошне загрижени за него. Пониско во првиот висински камп ме пречекаа со топол чај Диме и Мики што никогаш нема да им го заборавам. После 6 дена поминати во планина беше мошне пријатно да се видат познатите лица на пријателите. По ледниот „Инилчек“ ветерот беше слаб но ниските и како олово тешки облаци се влечеа по површината. Времето не се подобруваше и на 17, 18 па на 19 август 1996 год. шефот на базниот камп Сергеј Клавановиќ не информира дека околу пладне треба да долета хеликоптер од Мајдадир за да ги превезе членовите на повеќе експедиции и ни препорачува да отпатуваме и ние бидејќи временските услови нема да се подобрат. Бевме последна странска експедиција иако авионот за Истанбул беше закажан за 26.08.96 год. не постоеше реален временски термин за повторен обид за искачување, за кое во идеални услови се потребни 5-6 дена. Во такви околности со тешко срце решив експедицијата да го прекине својот престој иако бевме на дофат на врвот. Се спакувавме и попладне отпатувавме за Мајдадир, Каракол и Бишкек за да го искористиме летот на 22.08.1996 год. за Истанбул. Во душата носевме горчина но истовремено за работата која ја одработивме и искуството кое го стекнавме, толку потребно за наредните наши искачувања.
|
|