| Од 29.04.2007 год. отворена е за посетители пештерата „Шаркова дупка“ во Маврово, проект реализиран од Спелеолошкото друштво „Пеони“. Истиот е финансиран од Единицата за координација со проектот „Развој на општините и културата“, од Министерството за Култура на РМ и Светската Банка.
Целта на овој проект чија реализација траеше 2 месеци минатата година, беше да се отвори
за јавност пештерата „Шаркова дупка“. Таа се се наоѓа во непосредна
близина на последните куќи во с. Маврово, недалеку од зимскиот туристички
центар во националниот парк „Маврово“. Пештерата која го добила името
по еден дамнешен жител на селото, за прв пат е истражувана од проф.
Душан Манаковиќ, најголемиот геоморфолог во Македонија. Подоцна е
доистражена од членовите на Спелеолошкото друштво „Пеони“.
Во пештерата се влегува вертикално преку јама која се проширува во две сали, и потоа продолжува во втора јама каде повремено тече подземен водотек. Големата сала изобилува со драперии и сливови, сталактити и сталагмити кои често се прекриени со корали. Поради многубројните подземни украси, пештерата изобилува и со богат животински свет. Спелеолозите имаат поставено соодветна опрема за безбедно разгледување и целосно доживување на пештерата. Истата може да се посети исклучиво со водичот-спелеолог Војмиоски Никола, кој е на располагање постојано. Во самото село може да се информирате за посетата во кафе-ресторанот „Стоне“ кој се наоѓа под пештерата, и на тел: 070-860-360. Влезницата чини 100-150,00 ден. зависно од големината на групата.
| |