|
АВГУСТ Белгиско-Италијанска-Македонска спелео-нуркачка експедиција „Матка 2008“
Цел на истражувањето на оваа експедиција е пештерски систем исполнет со вода, досега најголем во Европа. Моментално истражени се 450 метри во хоризонтала и 100 метри во длабочина. Сега проедолжуваат истражувања во екстремна длабочина, од 100 до 200 метри што ќе биде своевиден нуркачки рекорд и откривање на непознати простори. Истражувањето ќе се врши во пештерскиот систем во Матка под пештерата Врело.
Француско-Македонско спелеолошко истражување
Истражување на нови спелеолошки објекти, со француски спелеолози од Ница. Продолжува долгогодишната соработка со овој клуб. Оваа година со нив се продолжуваат истражувањата на крапските понори во с. Крапа во околината на Македонски Брод. Досега се истражени два километри во Крапскиот понор бр. 1 и бр. 2, а паралелно се прават напори да се влезе во Крапскиот понор бр. 3 и бр. 4. Ќе се истражуваат и некои други спелеолошки објекти на други терени.
СЕПТЕМВРИ Словачко-Македонска спелеолошка експедиција
Продолжува соработката со словачките спелеолози со чија помош минатата година е истражувана една ледена јама на планината Караџица, во која е влезено до 220 метри длабочина, јамата продолжува и понатаму и веќе почнува да се слуша вода која тече во длабочината. Оваа година спелеолозите се надеваат на постигнување рекордна длабочина и продирање во големи подземни простори кои треба да ги има на овој терен. По сите геоморфолошки претпоставки на спелеолозите од Пеони, тука треба да се појави најголемиот подземен систем во Македонија.
Македонско-Чешка спелеолошка експедиција
Ќе се изведува во најдлабоката јама во Македонија, со длабочина од 450 метри истражувана од СД „Пеони“ уште во 1980 година кога е постигната оваа рекордна длабочина, и од тогаш никој не влегол во неа. Ова ќе биде прво повторување заедно со чешките спелеолози, кога ќе се изврши за првпат спелео-биолошко истражување и студиозно фотографирање на ледени украси кои за првпат се откриени во Македонија.
Хрватско-Босанско-Македонска спелеолошка експедиција
Се воспоставува соработка со спелеолозите од „Шпиљар“ од Сплит, и со босански спелеолози од Ливно. И со овие спелеолози ќе се истражуваат исклучиво вертикални спелеолошки објекти на масивот Јакупица каде што има се уште голем број неистражени јами и пропасти. Се надеваме на значајни откритија на овој простор.
|
|