|
На 2500 метри истражувавме еден од најголемите варовнички масиви во Европа кој се протега на планините Караџица, Сува Планина, Даутица, Јакупица, каде има голем број неистражени јами.
Спелеолозите од „Пеони“ во соработка со спелеозите од „Црвени врвови“ и некои други спелеолошки клубови од Република Словачка истражуваа нови јами на планината Јакупица. Истражена е уште една длабока ледена јама во околината на Солунска глава (Солунска јама 274м). Идејата беше да истражуваме баш тука на Јакупица, во околината на врвот Солунска глава, на височина од 2300 до 2500 мнв. Тука временските услови се многу сурови, а објектите екстремно тешки, како и пристапот до нив. Токму тоа беше предизвик да ја реализираме експедицијата токму на Солунска глава. Станува збор за варовнички масив, еден од најголемите во Европа, кој се протега на планините Караџица, Сува Планина, Даутица, Јакупица, а каде има голем број неистражени јами. Овој варовнички масив со дебелина од околу 800 метри, претставува и најголем варовнички масив во Македонија. Пред 25 години, овде се истражени и евидентирани 20-тина вертикални спелеолошки објекти, меѓу кои и најдлабокиот во Македонија со 450м длабочина и чиста вертикала од 200м. Сите геоморфолошки информации укажуваа дека токму тука, на масивот Јакупица, се наоѓа и најголемиот систем во внатрешноста. Другото е прашање на време и напор од каде и дали ќе успеат спелеолозите да влезат во внатрешноста на варовникот под Солунска глава. Во 2004 година е извиден теренот и извршени се пробни истражувања во 10-тина спелеолошки објекти. Тогаш беше откриена јама која е длабока 30-тина метри и завршува со снег, а која е површно истражувана пред 20-тина години од страна на спелеолозите на СД „Пеони“ и е евидентирана како таква. Истата година е забележан премин помеѓу замрзнатиот чеп и ѕидот од јамата. Поради глобалното затоплување, се отвори влез низ кој може да се помине и продолжи надолу. За прв пат успеавме да дојдеме под чеп дебел 30-тина метри и да продолжиме надолу. Пред нас се отвори простор со огромни димензии и веднаш се одлучивме за уште една експедиција во 2005 година. Бевме убедени дека истражувањето на Солунска јама навестува голема длабочина. Годинава повторно се упативме кон Солунска глава. Тешко натоварени по 5 часа возење, стигнавме до Горно Бегово. Тука е и последната чешма со вода. Изградивме логор, а до самракот бевме комплетно инсталирани и се собравме во големиот шатор на договор за утредента. Рано изутрина почнамве со подготовки за освојување на јамата. Се договоривме јамата да се освојува експедициски. Решивме до 150 метра од македонската екипа да одат Саше и Никола. Откако тие ќе излезат, да тргне словачката страна Смол и Емил. Момчињата беа добро подготвени, опремени и се течеше според планот. До ручек веќе излезе првата екипа составена од членови на СД „Пеони“ и влегоа спелеолозите од Словачка. За неколку часа веќе попладне стигнавме до дното на јамата на длабочина од околу 300 метри. Повторно стигнавме до ледениот чеп кој постојано со години се откинува од долниот дел на горниот чеп кој најверојатно се движи надолу. На дното има ѕид кој треба да се искачува алпинистички до евентуален можен отвор. Единствено така би можел да се истражи целиот простор и да се земат потребните податоци. Оние што беа на површината беа во постојана комуникација со луѓето во јамата. Тоа беше заслуга на нашиот пријател Владимир Андреевски, кој малите рачни радиостаници ги оспособи за добра врска со дополнителни антени. Приквечер почна да дува силен ветер и да врне. Спелеолозите еден по еден излегуваа од јамата. Почна да паѓа град. Последните членови на експедицијата излегоа во 11ч навечер. Времето се расипа и решивме да се повлечеме во планинарскиот дом Караџица. По три дена чекање да се подобрат условите за работа конечно се вративме на Бегово. Во шаторите се беше наводенето. Се поделивме на повеќе групи: „Пеонците“ отидоа во една ледена јама, близу бачилата во Солунско поле, која има сличен чеп од снег на 20-тина метри. Моравме сите јами одново да ги провериме за да откриеме дали се отворил некој нов премин надолу. Екипата од Словачка го извидуваше теренот околу Шашковица и пронајде нова пештера кај Бачилото. Со првиот мрак се собравме во базниот логор. Решивме уште следниот ден да работиме на Бегово и попладне да се повлечеме од планината. Последното утро под Солунска се смири времето. Како што велат, за крај најубавото. Прекрасно е. Отидовме во Бегово, и како по договор, секој си ја бараше својата јама и понор. Секој има некоја своја формула и објаснување дека токму неговиот понор е оној вистинскиот. Копавме половина ден, и од сите можни понори три даваа надеж да се продолжи со копањето. Од Солунска се симнавме во Скопје и отидовме право Кај Злате на нов договор. Веќе следниот ден заминавме за Поречје да ги разгледаме Пешна, Слатина и Белица. По враќањето, се договоривме следната година да ја продолжиме соработката на заеднички експедиции. Каде? Веројатно таму некаде каде што застанавме.
|
|