Фејсбук група

КОРАБ

Голем Кораб (2754 мнв)

До планината Кораб која е во состав на националниот парк Маврово (315 KB) се стигнува по западната магистрала Гостивар - Дебар. Некаде околу 8 км од Маврови Анови спрема Дебар во близината на мотелот Трница или поточно кај состав Река - Мавровска река се влева во Радика, се врти десно спрема селото Ничпур и месноста Стрезимир.
Од оваа раскрсница односно состав Река, се оди по макадамски пат (редовно се одржува) околу 15 километри и се стигнува до полициската станица, од неа се продолжува по истиот макадамски пат кој води покрај реката Радика уште 4 км. Потоа се свртува лево спрема караулата Стрезимир која е оддалечена од кривината 1,5 км. Бидејќи овој врв се наоѓа на самата македонско-албанска граница, потребна е погранична дозвола која се вади во местото на живеење. Откога ќе завршат сите формалности, може да се започне со искачувањето на Голем Кораб, потребни се 4-5 часа. Делумно патеката е маркирана. Маркацијата за трансверзалата Планини на Македонија - ПМ започнува од раскрсницата пред караулата (1,5 км) кај реката Радика. Во изминатите две години рутата е делумно изменета (мапа) и во вториот дел од патеката се оди преку гребенот и потоа преку врвот „Кепи бард“, а не преку „Кобилино поле“. Новата патека е потешка (потребно е околу 1 час повеќе за да се искачите на врвот), но погледот од гребенот е незаборавен.
Од почеток патеката стартува од караулата „Победа“, за околу 1 час се стигнува до Нистровото бачило. Потоа се оди по голема стрмнина прекриена со треба се додека не се стигне до гребенот и потоа се искачувате на котата „Кепи бард“ (2589 мнв). Еден дел од гребенот може да биде лизгав, има доста мали каменчиња и треба максимална внимателност за да се мине безбедно. Потоа следува спуштање до седлото каде има и мал извор блиску до патеката. Од тука може да се види врвот. Потоа следува последното искачување на самиот врв „Голем Кораб“. На оваа планина не постои планинарски дом. Доколку одлучите да поминете 2 дена потребно е со себе да носите шатор и вреќе за спиење. Печатот се наоѓа во караулата Стрезимир.
Најдобар и најлесен начин да се искачите на „Голем Кораб“ е да се приклучите на традиционалното меѓународно искачување кое се одржува во почетокот на септември секоја година по повод 8-ми Септември Денот на независноста на РМ.

Опис: Буранедин Сали
27.11.1993
Дополнување: Николов Богољуб
Септември 2005

Водопад на Длабока река

Водопадот на Длабока река се наоѓа на масивот Кораб под Мала корабска врата, на кањонот на Длабока река. Водопадот се напојува од снеговите што се топат и од мали извори под Мал кораб. Затоа препорачливо е да се посетува во месеците мај, јуни и јули.
До овој водопад се пристигнува од селото Нистрово. С. Нистрово се наоѓа на патот меѓу Маврово и Дебар, одејќи по тој пат се врти десно на местото каде Рибничка река се влива во реката Радика. По напуштањето на патот Маврово - Дебар, се оди 1,7 км покрај Рибничка река и се доаѓа на мост после кој има раскрцница и се врти во десно. После вртењето по патот се доаѓа до с. Нистрово (вкупно 5,3 км од свртувањето на патот Маврово - Дебар до с. Нистрово), пред кооперацијата (која не работи) се остава возилото.
Од с. Нистрово се тргнува кон с. Жужње кое е напуштено, по селски пат и се стигнува за околу 40 минути. Кај с. Жужње се избира по кој пат ќе се оди кон водопадот. Едниот пат е по течението на реката, а другиот по патека која оди под врвот Кабаш.
Ако се оди покрај реката тогаш потребно е да се движите на десната страна на реката, се оди по ливади. По околу 40 минути кањонот се стеснува, првин се влегува во борова шума, а потоа во букова. Патеката е добро обележана (со црвена боја). После вкупно 90 минути пешачење од с. Жужње потребно е да се премине на левата страна на реката, нема мост но има паднати дрвја од лавина, кои служат како мост. Потоа првите петсто метри нема патека заради лавината, се оди покрај река по маркација. По 10 минути се наидува на патека и се движите по неа околу 40 минути. Потоа пак се преминува на десната страна на реката користејќи се со паднати дрвја, тука пак се наидува на широка патека. Се продолжува по букова шума и по 10 минути кањонот се отвора и во далечина се појавува Водопадот на Длабока река. Од тука движењето е по широки ливади, патеката се губи во високата трева, од излезот од шумата па се до Водопадот потребни се уште околу 70 минути, вкупно 4,5 часа (бидејќи има прекрасни места за фотографирање а тоа одзема многу време).
Доколку не сакате да се враќате по истиот пат тогаш може да се искористи патеката под врвот Кабаш. Прво од самиот водопад се оди покрај реката 10 минути од десна страна по течение на Длабока река, се појавува широка патека која се ве води по ивицата на самата шума, после 30 минути пешачење се наоѓате под самиот врв Кабаш (цело време се искачувате). Под Кабаш патеката врти лево и влегува во ниска шума, се спушта цик-цак, потоа влегува во букова шума, за 40 минути пристигнувате до една ливада, тука патеката врти лево и влегува во висока букова шума (наидувате на дрвја на кои се напишани имиња), патеката се спушта полудесно, после 15 минути наидувате на големи ливади, на ливадата нема потреба да се движите по средината и право надоле на крајот на ливадата побарајте маркација. Кога ќе ја пронајдете се движите по патека спуштајќи се накај село Жужње, ќе поминете уште 4 мали ливади. Пред самото село Жужње ја поминувате реката кај црквата и по истиот пат се враќате до с. Нистрово.

Опис: Буранедин Сали
05.08.2008

КРЧИН И ДЕШАТ

Голем Крчин (2341 мнв) и Веливар (2373 мнв)

Голем Крчин и Веливар се највисоките врвови на планините Крчин и Дешат кои се наоѓаат јужно од Кораб. Оддалечени се околу 120 км од Скопје, во близина на селата Ростуше и Битуше. До нив од Скопје се доаѓа прво преку автопатот до Гостивар и понатаму преку Маврови анови во правец на Дебар. На околу 30 км од Маврови анови или 1,5 км од манастирот Св. Јован Бигорски (има патоказ) се врти кон с. Битуше до каде има асфалтен пат.
На почеток од селото се оди во правец запад-југозапад по широка патека, по 5 минути се поминува преку бетонско мовче, се скршнува лево по патеката и се навлегува во шума. По 15-тина минути се наидува на пресушена чешма. Од тука патеката се дели на две патеки лево и десно, доколку се оди по десната патека во правец на запад најверојатно по најкраток пат и најбрзо се излегува над шумата и најверојатно таа води до црквичката Голем Крчинпод Голем Крчин. Ако се оди по левата патека после 30-тина минути се наидува на поточе кое се преминува и тука патеката послабо се познава и може да се изгуби но може да се тргне кон сртот одејќи директно на запад и така се излегува над шумскиот појас.
Во правец на сртот се наидува на карпест појас со ширина од неколку десетини метри, за чие заобиколување е потребно доста време, може да се премине преку него но многу внимателно. Потоа кон врвот теренот е тревнат и се оди по него и онатаму во правец југозапад, се доаѓа до едно седло и потоа преку еден помал врв се искачува Голем Крчин.
Од врвот за да се продолжи кон Веливар се оди во правец на север по срт, после 40-тина минути пешачење се наидува на патека од десната страна на сртот која што оди во правец на Веливар. Следејќи ја таа патека прво се стигнува до полуисушено езерце познато како Сува бара. Од тука се продолжува по сртот иако веќе нема патека и после 20-тина минути се стигнува до местото наречено Св. Недела (2050 мнв) - остатоци од некогашна црква.
Од тука почнува искачувањето на Веливар, по кратко време се покажува и патека. Од остатоците од црквичето до највисоката точка на Дешат потребни Веливар - поглед од Св. Неделасе околу 40 минути.
Од врвот може да се оди директно во правец на езерото Локув кое во однос на Веливар се наоѓа во правец југоисток-исток. Во тој правец се наоѓаат две мали езерца и прво се оди кон нив, може и да се продолжи по патеката која се покажа на искачувањето кон врвот и којашто исто води кон езерцата. По поминување на езерцата патеката продолжува понатаму и следејќи ја неа се навлегува во шума по тука веќе широка патека, после 40 минути се наидува на т.н. Османовата ливада. Од ливадата се појавува и помала патека која заобиколно води директно во с. Битуше (не преку езерото Локув). Треба да се продолжи по широката патека и понатаму низ шумата и се стигнува до езерото Локув (има обележувања по патеката). Од езерото има маркирана патека до с. Требиште. За да се стигне до с. Битуше треба после дваесетина минути пешачење по таа патека да се скршне на една кривина (пред кривината може да се крати по една голема ливада) по помала патека во десно која води кон селото Битуше. Патеката не е добро видлива и треба да се внимава.
По 30-тина минути се наидува на чешма (т.н. Бранова или Викенд чешма) која што се наоѓа во непосредна близина на с. Битуше, и има вода. Од тука потребни се уште 15-тина минути за да се стигне во селото.
За целата тура потребни се околу 10 часа.

Опис и фотографии: Лисичков Делчо
19.10.2006

СТОГОВО

Бабин срт (2242 мнв)

До планината Стогово се пристигнува со автобус за Дебар до месноста Бошков мост, од тука се оди пешки или со возило по асфалтен пат до с. Гари - 9км. Во селото можете да ноќевате во пензионерскиот дом кој е отворен постојано или во шатори веднаш над селото во ливадите покрај Гарска река. Маркацијата ПМ започнува од Бошков мост, до с. Гари маркацијата е поретка бидејќи патеката оди по асфалтен пат. Од селото патеката ве води покрај Гарска река до пасиштата на Стогово и бачилото Голема мегданица, до каде ви се потребни 2 часа. Од бачилото патеката ве води на преслапот Канеш (2047 мнв), меѓу врвовите Бабин срт и Голем рид. Од преслапот потребно е да свртите лево и да се движите по гребенот се до врвот Бабин срт (2242 мнв). Од бачилото до врвот ви се потребни 2 часа или вкупно 4 часа. Патеката е маркирана, а печатот се наоѓа во пензионерскиот дом во с. Гари.

Опис: Буранедин Сали
Фотографија: Јовановски Иван
27.11.1993

БАБА

Пелистер (2601 мнв)

За искачување на врвот Пелистер кој е во состав на националниот парк „Пелистер“ постојат неколку правци, и тоа: од планинарскиот дом Неолица преку Големо езеро; од с. Нижополе преку Големо езеро и од пл. дом Копанки.
Од пл. дом Неолица (до овој дом се стасува од селата Лавци и Буково преку маркирани патеки) преку врвот Скрково по гребенот до врвот Муза и преку Орлови бари до пл. дом Големо езеро. За овој дел од патеката потребни се 6 часа, од пл. дом Големо езеро до врвот преку Мало езеро уште 2 и пол часа. Патеката е маркирана, а домот Неолица работи само за викенди и празници.
Од с. Нижополе до Големо езеро преку гребенот Дебел рид потребни се 3 и пол часа. Патеката е маркирана. Домот во летните месеци работи секој ден, а во другите месеци само за викенди.
Од пл. дом Копанки за врвот постојат 3 патеки. Едната е преку гребенот - камењарот, а другите две се преку Болница и Широка. Маркацијата ПМ започнува од Копанки односно Бегова чешма - хотел Молика и води по патеката преку Болница. Од Битола до Бегова чешма може да се стаса преку селата Трново и Магарево. Од пл. дим Копанки патеката се спушта надолу по широкиот пат кај Палиснопје и се движи по неа до месноста Цапарски преслап. Од овој преслап патеката повторно влегува во шумата. Кај месноста Под Кулина стена патеката се дели десно, оди преку Широка и лево преку Болница на врвот. Друга насока по која може да се достигне врвот е од с. Брајчино од правец на Преспанското езеро. Направена е нова маркација и со неа се излегува на платото меѓу Големо и Мало езеро, и од таму може да се искачи врвот. Печатот се наоѓа на врвот во зградата на МТВ - репетитор каде има постојано дежурни.

Опис: Буранедин Сали
27.11.1993
Дополнување: Николов Богољуб
Септември 2005

Муза (2350 мнв), Бојаџиев врв (2334 мнв)

Бојаџиев врв (2334 мнв) се наоѓа на планината Баба, на самата граница со Грција и веројатно затоа е ретко посетен. За да се искачи се тргнува од Големо езеро, по маркирана патека која води кон врвот Муза. Прво патеката се спушта до најниската точка Орлови бари до која се стигнува за 50-тина минути, а потоа следи качување. За вкупно околу 2 часа се стигнува од Големо езеро до преслапот меѓу котата Голема Грива (2136 мнв) и друга кота (2212 мнв) каде има раскрсница, право се продолжува по маркирана патека кон Муза (2350 мнв) на чиј врв од таа точка може да се стигне за 20-тина минути, а во десно понатаму продолжува немаркираната патека кон Бојаџиев врв (тоа е всушност широка стара гранична патека). Продолжувајќи понатаму патеката се спушта и за нешто помалку од 1 час се стигнува на најниската точка, по кратко време понатаму од лева страна се појавува големата стрмнина на врвот Шкамби и рофес (2193 мнв) на кој има купчиња од камења. Овој врв не е потребно да се искачува туку се заобиколува од неговата десна страна, тука патеката постепено се спушта на најниското ниво во однос на надморската висина, и делумно се навлегува во шума. Понатаму води до малата Брајчинска река која се пресекува и потоа се наидува на Шарена чешма, единствена на оваа маршрута. Пред да се помине рекичката може да се сврти во десно и по добра патека да се стигне во с. Брајчино. Од Грива до чешмата се доаѓа за околу 2 часа. Од тука веќе е јасно видлив Бојаџиев врв, и од тука едноставно се оди директно кон врвот. Потребни се 30-40 минути за искачување на самиот врв од чешмата. Во десно останува старата напуштена караула Р`жана каде има чешма. За враќање кон Грива од врвот потребно е исто толку време колку и за искачувањето.

Инаку од местото каде се дели патеката кон Бојаџиев врв, може да се искачи врвот Муза за 15-20 минути по маркиран терен но без јасна патека, тука всушност се прави пресекување преку врвот Муза и се излегува на патека која се одвојува од патеката што оди кон Бојаџиев врв (во обратен правец) кон пл. дом Неолица. На патеката се излегува со спуштање од врвот Муза по маркација за 15-тина минути. Тука се врти лево и прво се оди по широка маркирана патека се додека не се дојде до камените лавини по кои е позната Баба планина (лево доле е долина во која има се наоѓа ски-центарот Нижеполе). Оттука речиси да нема патека но сепак има маркација по која се оди отприлике во изохипса и за околу 2 часа (сметано од врвот Муза) се излегува на гребен преку кој се пресекува и понатаму се оди по добра маркирана патека кон домот „Неолица“ кој не е видлив од таа точка бидејќи се наоѓа во шума. Од гребенот до домот има уште околу 1 час пешачење, делумно низ полиња богати со боровинки.

Опис: Буранедин Сали
14.02.2008

НИЏЕ

Кајмакчалан (2521 мнв)

До планината Ниџе - Кајмакчалан се пристигнува од Битола со автобус до с. Скочивир (моментално тргнува од Битола во вторник и петок во 15:30 и се враќа истиот ден во 17ч) или со сопствено возило.
Маркацијата ПМ започнува од с. Скочивир. Поголемиот дел од патеката оди по широкиот колски пат за летната караула, односно до врвот Кајмакчалан со неколку кратенки. До ловечката куќа Коњарка патеката оди по широкиот пат покрај реката Црна и Коњарка. Првата кратенка десно е после мостот на реката Коњарка. После пола час од реката патеката ја напушта широкиот пат и повторно после 30 минути се излегува на широкиот пат и води се до шумската куќа, со неколку мали кратенки.
Кај шумската куќа се напушта широкиот пат, се врти десно после 20 минути и повторно се излегува на широкиот пат и се оди по неа до летната караула, односно до самиот врв Кајмакчалан.
На оваа планина нема пл. дом, а за ноќевање можат да се искористат ловечкиот дом кој работи само за викенди и шумската куќа која се отвора со претходно најавување во дирекцијата на шумското стопанство Кајмакчалан - Битола. Од селото Скочивир до ловечката куќа потребен ви е половина час додека до шумската куќа 4 и пол часа. Од шумската куќа до караулата е потребен 1 час, а од караулата до врвот уште 2 и пол часа. Оваа планина е сиромашна со извори на вода. Патеката е маркирана, а печатот се наоѓа во летната караула. Бидејќи овој врв се наоѓа на самата македонско-грчка граница потребно е претходно да се извади дозвола за движење по граница. Дозволата се вади најверојатно во Битола (да се провери).

Опис: Буранедин Сали
27.11.1993

Јакупица (дел од масивот Мокра - 194 КБ)

Солунска глава (2540 мнв)

Солунска глава може да се освои од две страни: Скопска - од пл. дом Караџица и Велешка (151 KB) - од пл. дом Чеплес.
Од скопска страна се оди со автобус од Скопје до с. Горно Количани или евентуално со организиран превоз со комби до Преслап. Од тука пешки до пл. дом Караџица, дo домот може да се стигне преку два правци. Едниот е да се продолжи пеш по асфалтниот пат (11км) до месноста Преслап, а другиот преку пл. дом Китка до Преслап. Маркацијата ПМ започнува од Преслап. Патеката продолжува преку селата Круша и Алдинци до пл. дом Караџица. За овој дел од патеката потребни се 5 и пол часа во било кој правец. Оние кои имаат сопствен превоз со возило можат да дојдат до домот по асфалтен пат (19км) и по земјен (17км) пат. Патеката од домот продолжува по широкиот пат до месноста Дуње (9км), потоа по букова шума и кривулести борови до пл. дом Горно Бегово (Исак Русо) - сега во распаѓање и може да се користи само во нужда (панорама 260 КБ), а од тука по столбови како зимска маркација до врвот. За овој дел од патеката потребни се 4 часа. Патеката е маркирана, а пл. дом Караџица е постојано отворен во летните месеци. Печатот се наоѓа во врвот.
За да се оди од велешка страна по железничката линија Скопје-Битола се патува до с. Ореше. За пл. дом Чеплес има 2 правци. Едниот преку с. Папрадиште, а другиот преку с. Нежилово. До овие села се оди по асфалтен пат, а понатаму се продолжува по шумски патишта низ живописна шума и бујна вегетација. Двете патеки се спојуваат пола час пред пл. дом. За овој дел од патеката ви се потребни 3 часа од било кој правец. Маркацијата ПМ започнува од железничката станица во с. Ореше. Патеката од пл. дом Чеплес за врвот Солунска глава продолжува по букова шума до Долна бабина дупка каде има извор. Од изворот патеката до Аргачот води по густа зимзелена шума, а од тука по ливади и тревнети површини до самиот врв. За овој дел од патеката ви се потребни 3 часа. Патеката е маркирана, а печатот се наоѓа на врвот. Пл. дом Чеплес со кој управува ПСК „Солунска глава“ е постојано отворен во викенди и по претходна најава.

Опис: Буранедин Сали
Фотографија: Самарџиевски Димчо
27.11.1993

Кале - месност „Бегови вирови“ (2112 мнв)

Месноста Бегови Вирови (понекогаш и врвот се нарекува со истото име) се наоѓа на планината Јакупица, во централна Македонија, во близина на селото Горно Врановци до каде што се доаѓа по асфалтиран пат преку Велес, с.Чашка и с.Лисиче, и е оддалечено од Скопје околу 70 км. Месноста Бегови Вирови и доминантниот над неа врв Кале (2112 мнв) се наоѓат на југозапад од селото Горно Врановци и до неа водат неколку патеки.
Може да се тргне веднаш на југозапад по широк пат, кој на одредени места може да се крати, за да по кратко време, постојано следејќи го правацот југозапад, се навлезе во шума низ која води патека која на места се губи поради дебел слој од лисја како и повеќето потоци кои ја пресекуваат истата (нема маркација).
Ако се следи правецот југозапад, по приближно 2,5 часа пешачење, се излегува над шумскиот појас (на приближна висина од 1600 мнв) и може да се забележи сртот кој ги поврзува врвовите Иванов врв (1919 мнв) лево и десно, врвот Кале (2112 мнв) кој што доминира над Бегови Вирови. Од тука до врвот Кале се потребни уште околу 2 часа пешачење.
За целата тура во двата правци со кратки одмори се потребни околу 9 часа.

С. Горно Врановци

Врвот „Кале“ над месноста Бегови вирови

Поглед кон Солунска глава од врвот „Кале“

Опис и фотографии: Лисичков Делчо
05.11.2007


Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Еверест 2010

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ

Ве известуваме дека Ориентациониот клуб Трансверзалец Скопје на 26.03.2011 год.- Сабота на локацијата Градски парк ...

СПОРТСКА ОРИЕНТАЦИЈА

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ ВО СПОРТСКА ОРИЕНТАЦИЈА 09.11.2010 ...

Шарски води 2009

Убаво време и добро расположение. Па ни требаше ли уште нешто?! Уште на самиот старт ...

Водно 2009

Резултати од Првото коло на Лигата на Македонија во Ориентација одржано на 12.04.09 на Водно.

Алпинистичко училиште

Во првиот викенд од февруари започа со работа едногодишното алпинистичко училиште ...

Титов врв 2008

На 20 декември 2008 година се собравме во пл. дом „Смрека“, 15 планинари од Тетово, Скопје и Штип ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани