ДРУГИ ВРВОВИ И ИСКАЧУВАЊА

КОЖУФ

Зелен брег (2166 мнв) и Дудица (2132 мнв)

За да се стигне на „Кожуф“ од Гевгелија прво се трга по асфалтен пат за с. Коњско со должина од 20 км, нема редовен локален превоз во тој правец, може да се користи такси-превоз. Потоа накај Смрдлива вода продолжува макадамски пат со должина од 4 км. Во Смрдлива Вода има можност за престој, може да се престојува во старата бања во релативно полоши услови (стари железни кревети, зедничко ВЦ) за цена најверојатно од 150,00 ден. може да Врвот Зелен брег / Фото Горан Маркоскисе престојува и во друг објект поранешно општинско одмаралиште, сега изнајмено од приватник каде може да се добијат соби со купатило за цена веројатно од 250,00 ден. Постои и викенд населба во која последниве години се градат и полуксузни објекти, со претходен договор можен е престој и во некоја од викендиците.
После Смрдлива Вода стартува маркирана патека (патеки) по која за околу 2,5 часа се стигнува до Чавдарова чешма (патеката 3 пати го сече широкиот шумски пат кој оди во цик-цак, по него може без проблем да се оди со теренско возило), маркацијата всушност се одвојува десно пред да се стигне до Чавдарова чешма и оди до Асанова чешма (десно од врвот „Кечи кај“ 1767 мнв) и потоа продолжува према врвот „Двете уши“. За да се стигне до Чавдарова чешма се оди лево од врвот „Чичи каја“ по блага изохипса. Во околината на Чавдарова чешма има поволни услови за логорување со шатор. Над Чавдарова чешма се наоѓаат неколку активни бачила и рибник. Од тука може да се стартува искачувањето на Зелен брег (2166 мнв), инаку највисоката кота со 2172 мнв на Кожуф се наоѓа на околу 5-6 мин. од граничната линија во внатрешноста на Грција, Поглед на Ејеско море / Фото Маркоски Горандо врвот се стига за околу 2,5 часа. После Зелен брег може да се продолжи понатаму по патека која води покрај граничната линија и за околу 2,5 часа се стига до врвот „Дудица“ (2132 мнв) кој се наоѓа на самата гранична линија. За враќање до Чавдарова чешма од „Дудица“ потребни се околу 4 часа. До Кожуф може да се дојде и од друг правец преку Кавадарци-Михајлово, во Михајлово може да се престојува во детското одморалиште додека училишната година е во тек (во летните месеци престојуваат деца во него). Доколку се тргне од Михајлово пешки потребни се 5-6 часа да се стигне до врвот Дудица, 3 км после Михајлово се поминува покрај зимската караула „Голубац“ на АРМ. Со теренско возило од Михајлово може да се стигне и до караулата Коњска глава, од таму за околу 3 часа преку врвот Дудица може да се стигне до Зелен брег. За движење во погранична зона потребна е дозвола од Министерството за внатрешни работи.
Инаку во оваа една од најубавите планини во Македонија во средината на јуни ќе почне да се гради нов скијачки центар во реонот на „Момина чука“ (1849 мнв), жичарниците ќе се спуштаат по сртовите од „Зелен брег“ и „Дудица“, ќе бидат изградени пристапни патишта од Гевгелија-Коњско и преку Кавадарци-Михајлово, изградбата треба да биде завршена во 2007 година.

Опис: Буранедин Сали
Септември 2005
Фотографии: Маркоски Горан и Николов Зоран (Дудица)
22.10.2006

ГАЛИЧИЦА

Магаро (2254 мнв)

Планината „Галичица“ се наоѓа во рамките на националниот парк „Галичица“ којшто е основан во 1958 год. истиот е регистриран и во УНЕСКО. Обично искачувањето на Галичица завршуваат на врвот „Магаро“ којшто не е највисок врв на планината, можете да се искачите од с. Пештани кое се наоѓа на брегот на Охридското езеро на околу 750 мнв, од таму има добра патека со стара маркација. Патеката почнува со благо искачување, кај манастирчето се врти лево и потоа се влегува по маркираната патека во шума, потоа се излегува на асфалтниот пат кај Ајдучка чешма откај Ајдучка чешма се по патот до преслапот (до преслапот може всушност да се дојде и со автомобил по патот што води од Охрид преку с. Трпејца према Св. Наум, се скршнува околу 2 км после Трпејца во лево - тоа е всушност патот кој оди преку Галичица и со кој се поврзуваат двете езера), и тука се врти десно према бараките од каде пак почнува маркацијата и се стига до самиот врв „Магаро“.
Инаку највисоката кота на Галичица не е врвот „Магаро“ туку котата со висина 2265 мнв до која може да се стигне од „Магаро“ за триесетина минути, таа се наоѓа ма самата граница со Албанија. До преслапот се стига за околу 3,5 часа, а од таму до „Магаро“ потребни се 1,5 час. Од врвот има фантастичен поглед кон двете езера, Охридското и Преспанското. На оваа планина не постои планинарски дом освен една соба во бараките од каде почнува маркацијата, но не е во најдобра состојба.

Опис: Буранедин Сали
Септември 2005

ЈАБЛАНИЦА

Црн камен (2257 мнв)

Планината Јабланица се наоѓа на западната граница на Македонија со Албанија, со границата е поделена отприлике на половина меѓу двете држави. На север граница и е планината Радук односно изворот и реката Лакавица, а на југ се протега до Охридското езеро. Доста е богата со извори и реки, посебно се познати Вевчанските извори. Има и 4 глечерски езера: Вевчанско, Подгорско, Горно и Долно Лабунишко езеро. Шумите завршуваат на околу 1800 мнв.
Најдобра маршрута за искачување до највисокиот врв „Црн камен“ е од с. Вевчани, кое се наоѓа на 900 мнв. Не постои маркација затоа е најдобро да се оди со водич. До селото има локален автобус од Струга на секој час (да се провери). Искачувањето може да се изведе за 1 ден во обата правци и тоа преку Вевчанското езеро. Прво се тргнува југозападно нагоре по излезот од селото, потоа се влегува во мешана шума и се оди покрај реката Матица, се поминува потоа полјана со папрат и потоа пак се влегува во букова шума и се поминува покрај мало бачило, од таму лево низ шумата се излегува на поголема полјана со големо бачило на околу 1650 мнв. Од бачилото се продолжува на југ и потоа се излегува од шумата и може јасно да се види врвот „Црн камен“. По излегувањето од шумата се поминува покрај Вевчанското езеро (1950 мнв), за да се стигне од Вевчани до езерото потребни се околу 3ч. Езерото се поминува од левата страна и потоа се врти десно према седлото под Црн камен, пред седлото се доаѓа на патека која продолжува се до врвот. Вкупното време за искачување на врвот од с. Вевчани е некаде 3,5-4 часа. Врвот е целосна на наша територија и на него има бетонска тристрана пирамида. За враќање до с. Вевчани потребни се 2,5-3 часа.
Друга насока по која може да се искачи Црн камен е од с. Горна Белица, селото е потешко пристапно бидејќи нема редовен превоз до него. За искачување на Јабланица потребна е дозвола од Министерството за внатрешни работи.

Опис: Буранедин Сали
Фотографија: Леон Петрески
Септември 2005

БИСТРА

Меденица (2163 мнв)

Планината Бистра е една од најинтересните планини во Македонија која се граничи со 6 други планини, и тоа Шар Планина, Буковиќ, Стогово, Крчин, Дешат и Кораб. Позната е по своите пасишта, на неа се наоѓа голем скијачки центар, а бидејќи се граничи и со Мавровското езеро поголем дел од планината спаѓа во националниот парк „Маврово“.
Искачувањето на највисокиот врв „Меденица“ се врши по стандардната насока од веројатно најпознатото село Галичник, во него се одржува надалеку познатата „Галичка свадба“. Галичник се наоѓа на 1350 мнв. Од селото се тргнува директно нагоре кон тесниот засек на карпите кои се наоѓаат над селото. Од тука може да се наиде на стара маркација, по поминувањето на засекот се проодолжува по долот, по спојувањето на долот со два други се тргнува по левиот дол и потоа со движењето се врти десно на понекаде маркирана патека, вртејќи се за 180 степени излегува над 2000 мнв и го следи билото во должина 300-400 метри. Тука пак правејќи полукруг излегува на долгото зарамнето било на кое се наоѓа самиот врв Меденица. За искачување до врвот потребни се околу 2-2:30 часа, а за симнување назад во Галичник 1-1:30 часа. Можно е комбинирање со искачување до с. Галичник од долината на реката Радика по многу стрмна стара печалбарска патека за околу 2:30-3 часа.

Опис: Буранедин Сали
Фотографија: Божин Божиноски
Септември 2005

ЧЕЛОИЦА

Добра вода (2062 мнв)

Планината Челоица (често нарекувана и Добра вода) со највисокиот врв Добра вода (единствен двеилјадник) е дел од венецот Осој, Сува Гора, Челоица и Песјак кој се протега во правец север-југ отприлика од патот Скопје-Тетово до патот Кичево-Македонски брод. Многу е слабо посетена и нема туристички објекти на планината, има планинарски дом на ПСД „Кораб“ во селото Железна река и едно засолниште кај манастирот Св. Никола (1550 мнв). Една од основните појдовни точки за искачување кон врвот е од селото Железна река. До него нема редовен превоз кој оди само до селото Србиново 3 км. претходно, инаку с. Железна река е оддалечено 20 км од Гостивар, а асфалтен пат води до самото село. Селото се наоѓа на 900 мнв, и од него до врвот Добра вода се стига за 4:30-5 часа преку манастирот Св. Никола до кој се потребни 1:30-2 часа. Нема добра патека ниту маркација за овој правец и потребно е добро познавање на теренот. Има поедноставен правец за искачување. Од центарот на селото се искачува сртот од другата страна на Железна река над левиот брег, по сртот одејќи во југоисточна насока се искачува врвот за околу 3:30-4 часа. Од врвот можно е спуштање до Самоков за околу 3 часа.

Опис: Котевски Љубомир
Септември 2005

Караџица (преку Остри врв, и „Убава“)

Караџица (2472 мнв)

За да се дојде до с. Патишка река од каде што почува искачувањето кон планината Караџица, од Скопје се оди преку Кисела Вода, потоа Припор, низ с. Соње и кај каменоломот се врти се врти лево, потоа после 1,5 км се врти десно и по релативно тесен асфалтен пат се вози уште 15 км до Патишка река. Во почетокот се оди низ сред село, десно од селската џамија по тесно патче кое минува покрај реката. По напуштањетео на селото се минува преку дрвено мовче и потоа се доаѓа до рампа на која пишува дека почнува резерватот „Јасен“. Се продолжува понатаму и веднаш после рампата се патот врти десно нагоре. Се пешачи по широк макадамски пат посипан со ситен камен со блага елевација. Патот е како во долина, од двете страни се издигнуваат стрмни ридови.
Дваесетина минути по излегувањето од селото од левата страна се наоѓа чешма со студена изворска вода, маса и клупи за одмор. Ова е единственото место каде може да се наполни вода, погоре нема. КараџицаПравецот на движење и натаму е по самиот пат кој завршува по уште 30-40 минути пешачење. Ако се продолжи право низ грмушките се доаѓа до водопадите кои во зима замрзнуваат и се одлични за качување по мраз. Од левата страна има планинарска патека која со која се минува низ шума од бука и ела. Патеката на некои места е маркирана, слабо видливо но сепак нема шанси да го погрешите правецот. Одејќи по патеката наизменично лево и десно во цик-цак, за околу 1 час се стигнува до мала ливада на која има бачило.
Потоа се продолжува понатаму по патеката и за 20-30 минути се излегува од шумата и се отвора прекрасен поглед на околните врвови. Лево е Остри врв (2263 мнв) и понатаму лево е планината Убава (2352 мнв). Позади е прекрасна панорама на с. Патишка река и околината. Се продолжува десно по патеката и за 20-тина минути се излегува на широка ливада на која понатаму се наоѓа бачило веќе блиску до подножјето на Остри врв и почетокот на сртот по кој се оди се до самиот врв во југоисточен правец. Од лево е многу голема речиси вертикална стрмина и треба да се внимава посебно зиме. За 30-40 минути се искачува врвот. Потоа се продолжува симнувањето по сртот кон преслапот меѓу Остри врв и планината „Убава“. Од тука може да се продолжи право и да се искачи Убава (2344 мнв). Со вртење десно одите кон сртот и потоа кон врвот на „Караџица“.
Искачување на Убава може да се направи и од друг правец. По поаѓањето од Патишка река се оди по патеката кон месноста Крвеница на 1255 мнв. По кратко одење се стигнува до месноста каде се наоѓаат две големи ливади. Потоа се навлегува во еден шумски појас со мешана борова и букова шума.Се продолжува низ шумата и по некое време се стигнува до висина од околу 1600 мнв каде завршува шумскиот појас. Тука се свртува десно и нагоре, во правец на сртот, односно на почетокот на Етемов рид. Од тука треба да се оди по самиот срт се до Црни врв (2155 мнв) на Горни Пепељак. По искачувањето на Црни врв (или минувањето под него), се појавува Убава - голема купола која треба да се искачи. Тука се отвора поглед на сите страни - Солунска Глава, Лисец, Китка, се гледа Скопје - на другата страна Шар Планина. По искачувањето на Убава (мапа - 925 КБ) се отвора едно големо плато со неколку поголеми врвови што се издигаат од него. Од левата страна (југо-источно) на Убава се наоѓаат Салаковите езера.

Опис: Смоковски Александар
Дополнување: Георгиевски Ванчо - Мај 2006 и Панковски Трајче - 10.11.2006
Фотографии: Панковски Трајче и др.


Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Мон Блан

Елбрус 2008

РОК ТРИП

По повод празникот 13 Ноември, денот на градот Скопје, во организација на *СКА* при ФПСМ, а подржана од собрание на град Скопје на 15.11.08 ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани