Фејсбук група

ИЛИНСКА ПЛАНИНА

Лиска (1908 мнв)

Илинска планина се граничи на југ со Плакенска планина, на запад се наоѓа котлината „Дебарца“, а на исток исто котлина „Суво поле“, на север се расчленува во повеќе ридови кои завршуваат по течението на р. Треска. Појдовна точка за искачување на Лиска е с. Прострање, кое се наоѓа на 25 км од Кичево, оддалечено нешто повеќе од 1 км од регионалниот пат Кичево-Битола. Патеката води од јужниот дел на селото прво поминувајќи преку дрвен мост кон последните куќи и потоа по козја патека покрај Ѓурчев кладенец кон месноста Шаварика, во најголем дел низ столетна шума и по околу еден час се приклучува на стар шумски пат близу Највисоката точка на Илинска планина - Лискаместото наречено Тренски извор. Од месноста Шаварика до врвот има нова маркација. Треба да се внимава на одвојувањето што треба да се направи од патот во лево. Од тука до врвот Лиска се движите кон запад и по околу еден час ја напуштате буковата шума и ја имате првата средба со планинските рудини. Од тука по повеќе од половина час по тревнет терен (нема патека) во правец на југозапад и со поголем напор стигнувате до целта, односно на врвот Лиска. Од врвот се гледааат истовремено Охридското и Преспанското езеро. Северозападно од Лиска е врвот Ветерник (1902 мнв), а понасевер е врвот Штирни камен (1898 мнв) до кој може да се стигне за 60-тина минути од врвот Лиска преку Ветерник. За искачување до врвот Лиска од с. Прострање потребни се околу 3,5ч. Иако оваа планина е богата со вода (над с. Прострање има и извор на природна минерална вода) покрај рутата на движење нема извори на вода освен т.н. Тренски извор, западно од Штирни камен е „Горна чешма“, а од неговата источна страна на 1560 мнв се наоѓаат Горенечките извори. Кај с. Големо Илино се наоѓа изворот на Црна река.
На Лиска може да се стигне и од селата Големо и Мало Илино преку манастирот Св. Илија од Демирхисарска страна, и од с. Велмеј од Охридската страна.

С. Прострање и врвот Лиска во далечината

Поглед кон Слатинско езеро

Поглед кон Ветерник и Штирни камен


Опис, фотографии и мапа (115 КБ): Божиновски Сашо
23.10.2006


ЛОПУШНИК

Стог (1754 мнв)

Месноста Лопушник (Горни и Долни) всушност е јужен огранок на планината Бистра. Целата месност е пониска од околните врвови на Бистра и е со густа букова шума, но има богата историја, а тука престојувал се борел и загинал Кочо Рацин.
Почетокот на патеката се наоѓа во с. Извор на 12 км југозападно од Кичево на магистралниот пат Кичево-Охрид. Стартот е пред селската продавница до фабриката за конфекција, на околу 750 мнв. Патеката е целосно маркирана. Од тука се продолжува нагоре по асфалтиран пат кој води кон с. Душогубица. По нешто повеќе од 1 км, од лево се одвојува широк шумски пат и се продолжува по него. Потоа по околу половина час одење на самиот пат на 1000 мнв се наидува на чешма наречена „Лековита вода“. Од тука за 30-40 минути се стигнува до ливадата во месноста Долен Лопушник низ која протекува планински поток, а стотина метри подолу во ливадата, во густа вегетација, постои извор на вода.
Од тука нагоре патеката продолжува по горниот раб на ливадата по шумска патека, но може да се користи и шумскиот пат кој е пробиен пред неколку години (и за жал ја нагрди околната природа) и води до самиот врв Стог (1574 мнв) каде се наоѓа споменикот во чест на Кочо Рацин.
Доколку се оди по маркираната патека за околу 1 час ќе се дојде под врвот, а од тука со уште еден напор од околу 10-15 минути се стигнува до целта.
До врвот може да се дојде и од друг правец, од врвот Попова Шапка кој се наоѓа северо-источно од Стог (во план е маркирање на патека која би почнала од с. Душогубица, би се движела јужно од јужните врвови на Бистра и преку врвот Попова Шапка би завршила на Стог).


Опис и фотографии: Божиновски Сашо
26.11.2006


КОЗЈАК (Прилепски)

Козјак (1747 мнв)

Планината е оддалечена од Прилеп околу 15 км. Веројатно е најдобро да се тргне од с. Ореовец. До селото се стигнува кога се оди кон патот Велес-Градско, се врти лево за селото. Или доаѓајќи од тој правец Велес-Градско, се оди директно таму на местото каде има патоказ за с. Ореовец (930 мнв). Тргнувањето е од селото, поточно од манастирот. Потребно е вкупно околу 3,5 часа за да се стигне до врвот Козјак. Почетно се оди кон селото Крстец (960 мнв) по долината на реката Пештерица (или Ореовечка река, која се влива во вештачкото Прилепско езеро). По овој дел дел на патеката низ селото и по долината на реката, глетката е многу живописна. Има повеќе селски извори со чиста вода за пиење. Некаде на средина на овој дел од патот на 10-15 метри над патот се наоѓа пештерата Рамниште, нема пештерски украси - сталактити, сталагмити, не е доволно испитана, има два влеза: понорен кој е поризичен и хоризонтален. Висока е 15 метри.
Од селото Крстец (по добро маркирана патека во цела должина до врвот Козјак и понатаму до с. Ореовец) се оди првин кон врвот Белото (или Кладенец, 1475 мнв) во правец исток. Понатаму од Белото се скршнува кон југ и правецот на движење веќе се исправа во кон самиот врв, патеката оди угорно. Во овој предел се наоѓа друга пештера наречена „Духова пештера“. Месното население ја посетува на Духовден, се верува дека има исцелително значење. Пред самиот врв Козјак теренот Врвот Козјаке малку пострмен но сепак не е посебно тежок и секој би можел да го помине. Потребна е само малку кондиција. Врвот е означен со стаклена топка.
Симнувањето од врвот Козјак не мора да биде по истиот пат. Може прво да се оди по сртот кон Мал Козјак. По симнување од околу 500 метри, по левата (јужната) страна по стрмнината надолу, може да се дојде до таканареченаата „Солунска пештера“, која го добила името по тоа што се верува дека ако се истури внатре боја истата ќе се појави во Солун, или ако се викне ехото ќе излезе исто во Солун. До нив е малку потешко да се дојде, но е возможно. Потребно е да се се внимава заради стрмнината. После Мал Козјак се продолжува надолу во правец на превојот Плетвар, до кој зависно од темпото се стигнува за 2,5 часа.
Одејќи кон Плетвар првин се пристигнува на раскрсница каде има две чешми: Плетварски Студенец 1 и 2. На овие две места ако поминете во пролет или лето ќе го почувствувате рајот! Невидена убавина, зеленило, сенки и студена вода! Но има своја убавина и во другите годишни времиња. Од тука ако се продолжи право се стигнува до селото Плетвар и понатаму патот за Велес и Скопје. Може и да се оди во десно се до почетната точка с. Ореовец.
Секоја година во пролет ПД „Козјак“ од Прилеп организира традиционално искачување на Козјак.
Мапа со исцртана рута на движењето (од Google).

Над с. Крстец

Кон врвот Козјак

Поглед кон Прилеп и Златоврв

Поглед кон гребенот по кој се стига до врвот

Пред самиот врв

Топографска мапа на Козјак (656 КБ)


Опис, фотографии и мапа: Петроски Звонко
18.02.2008
Дополнување на 20.02.2008



Завршен извештај

Водопад на Длабока река

Еверест 2010

ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ

На 09.11.2010 (вторник) се организира меѓународен натпревар во Спортска ориентација на локацијата Средно Водно - Марково крувче ...

Шарски води 2009

Убаво време и добро расположение. Па ни требаше ли уште нешто?! Уште на самиот старт ...

Водно 2009

Резултати од Првото коло на Лигата на Македонија во Ориентација одржано на 12.04.09 на Водно.

Алпинистичко училиште

Во првиот викенд од февруари започа со работа едногодишното алпинистичко училиште ...

Титов врв 2008

На 20 декември 2008 година се собравме во пл. дом „Смрека“, 15 планинари од Тетово, Скопје и Штип ...

Ориентација - Водно

Резултати од Отвореното првенство на Скопје во Ориентација во организација на ДПС „Трансверзалец“ - Скопје ...

Алпи 2008

Главната алпинистичка акција на Македонската алпинистичка асоцијација која имаше за цел ...

Попова Шапка-Вруток

Можам да кажам дека 22 Јуни (недела) за сите оние кои учествуваа на маратонот, но и за оние ...

Трпејца 2008

КПС „Македон“ од 17 до 20 јули 2008 година го организираше кампот за спортско качување ...

Демир Капија 2008

Помина и најголемиот качувачки хепенинг кој е досега одржан кај нас. Можеме да истакнеме ...

Титов врв 2008

Во организација на ПК „Љуботен“ - Тетово се одржа 27-то традиционално искачување на ...

контакт               линкови               мапа на сајтот               webmaster

MKDmount 2005-2008    Сите права се задржани